КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Хусеин Болт од М….

25.07.2017 година

Започната е Третата Светска војна, но таа не се води со тенкови и со артилерија туку, со сите форми на пропаганда. Се води војна помеѓу лагата и вистината. За жал лагата е многу помоќна, поорганизирана, користи ресурси и што има и што нема. Вистината од друга страна е се уште немоќна, недоволно организирана, се уште е во дефанзива. Оваа пропагандна војна ја видовме и кај нас. Лагата не победи, но на крај излезе баронот од темнината, односно оној кој ја креира лагата и со брутални закани ја оствари својата цел.

Заканата беше дека ќе воведат санкции, дека ќе ставале на црни листи, дека сме им ги загрозувате нивните интереси. Дури беа спремни да му прават импичмент на претседателот, иако однапред знаеа дека немаат ниту 70, а камо ли 82 пратеници. Беа подготвени и со 67 гласа да го прогласат претседателот Иванов за нелегитимен, и да распишат нови претседателски избори.

До каде може лагата – може, а потоа настапува силата.

Сите наши влади од осамостојувањето се про-американски. Бевме сведоци како лидерите на најголемата албанска и на најголемата македонска партија се натпреваруваат кој е по про-американски, и на крајот им дојде Хусеин Болт од Муртино и ги претрка. Не про-американски, до даска.

За мене како политичар таа про-американска трка знам кој може да ја добие и во таа трка не учествувам. Но, не можам да прифатам некој од нас да прави будали затоа што ми го навредува човековото достоинство, го руши смисолот за политичко делување, и воопшто нашето постоење како држава.
Ние треба да бидеме ориентирани само кон една страна за да немаме друг излез, а тие навлезени длабоко во порите на нашиот живот, во безбедносните служби – целосно, невладиниот сектор го имаат под своја контрола, го контролираат политичкиот живот целосно. Ај што сакаат да го контролираат политичкиот живот, сакаат врз нас да имаат и економска контрола.
Да не ја правиме слободната финансиска зона во касарната „Илинден“, да не користиме ефтини кредити и можни инвестиции од Кина, да бидеме против „Турски поток“ и „Јужен поток“. Па од што бе луѓе ќе живееме?

Најново е, што Американците ја притискаат Германија да го запре „Северен поток 2“ и „Јужниот поток“ кој треба да оди низ Грција, Македонија, Србија итн. Да немаме ефтин гас, туку Американците ќе ни носеле гас со танкери во течна состојба, а за тоа никаде во Европа нема ниту пристаниште, ниту инсталации, а цената е многу поскапа во однос на гасот од Русија. Тоа значи, цената на Европските производи да бидат неконкурентни на светскиот пазар, а тие да имаат ефтин гас, да работат нивните нафтени компании, нивните производи да бидат поконкурентни, да прават милијарди, а ние да се радуваме на субвенционираната Заева минимална плата од 200 евра.

Значи, сакаат целосно да бидеме зависни. Енергетски, телекомуникациски, економски, безбедносно, воено и политички. И потоа, како сакаат да си играат со нас. Како куклички. Штом некоја влада или некој политичар не им се допаѓа, му ги пуштаат нивните медиуми, нивните невладини организации, и на крајот настапува нивната брутална дипломатија.

За мене, добар пример е Тито кој таков јарем трпеше од 45-та до 48-та година. Кога се обидоа да го рушат достоинството на Југославија, им се спротивстави. Донесоа тенкови на Унгарска, Романска, Бугарска граница. Убиваа југословенски граничари, ама Тито не им попушти, и сврте нова страна во својата политика. Го направи „Движењето на Неврзаните“ и подеднакво добро соработуваше и со Истокот и со Западот. И тогаш, ако се сеќавате, најубаво се живееше во Југославија.

Зошто Р.Македонија да биде ориентирана само кон еден центар кој во минатото се покажа дека за нашите интереси му е гајле колку и за ланскиот снег? Очигледно, одданоста на нашите раководители тие не ја почитуваат, туку мислат дека треба да им слугуваме.

Нивната пропаганда со лаги и манипулации ни дојде преку глава, да слушаме за наводното руско влијание во Македонија.

18-те бензински пумпи на „Лукоил“; една кладилица на Самсоненко и неговиот ракометен клуб „Вардар“; еден рудник во Источна Македонија, топланата во Скопје и една мала неугледна амбасадичка сместена на ул.Ленинова. А, тие го запоседнаа цело Кале.

Секој ден го гледаме „гласот на Америка“, НАТО офицери имаме во АРМ, шпиони на ЦИА во државната безбедност, служби кои работат за нив, американскиот амбасадор кажува кога може да одиме на избори – тој ни одложува тој ни закажува избори, тој одлучува кој со кого ќе прави коалиција. Кога му одговара прави влада победник-победник, кога не му одговара прави влада губитник со победник. Закони и Устав ни крши кога сака. Низ судот и Обвинителството ни се шета како на корзо. И ние треба да ги трпиме нивните лаги и пропаганда за наводното Руско влијание во Македонија. Не сме морони! Ако тие си имаат некои нерасчистени сметки со Русија нека си ги расчистат директно, не преку Македонија.

Зошто ние да не соработуваме со Руската Федерација и Евроазиската Унија? Таму имаме 200 милиони пазар. Да, треба да бидеме членки на ЕУ, затоа што тој пазар е 550 милиони. Но, на тој пазар можеме да извеземе без царини, ама ни поставуваат многу високи стандарди кои нашето стопанство не може да ги исполни. И практично сме наместени, да нивните производи без царина се продаваат тука во Македонија.

Од кога почнаа да пропаѓаат фирмите во Македонија? Па откако го потпишавме договорот за стабилизација и асоцијација. Секоја година ги намалувавме царините по 10%, и од 2011 имаме царинска стапка 0 со Европа.

Зошто да не ги укинеме визите со Руската Федерација? Зошто да не потпишеме билатерални договори со поединечни земји за економска соработка?
Па целокупното производство на раноградинарски производи во Македонија, не е доволно за една салата во Москва.

Значи, стандардите на Руската Федерација и Евроазиската унија ние ги исполнуваме без проблем. Таму имаме и простор за пробив на градежништвото, кое ако не беа јавните работи на Никола Груевски досега ќе беше мртво, а да ве потсетам Македонија некогаш имаше 65.000 градежна оператива. Таму имаме простор за соработка во машинската индустрија, во образованието, културата, во трговијата, итн.

Што има лошо ако бараме да се отвараат перспективи за подобар живот на нашите граѓани?

Од една страна имаме грубо мешање во внатрешните работи на Македонија, не полудеа, ни ги испраа мозоците, а пари не даваат. Само гледаат како тие може да заработат повеќе. Наводно бил загрозен Американскиот интерес. Кој нивен интерес? Тие да лапаат милијарди, а ние и понатаму да живееме во сиромаштија и постојано да се расправаме за човекови права, за јазици, за грб, за знамиња, за име и презиме, итн.

Неопходна е голема општествена сила, енергија и разум да им се спротивставиме на лагата, и да им кажеме – вашите интереси си се ваши, ама нашите се на прво место!
Таму каде што ни се совпаѓаат вашите и нашите интереси нема проблем, а таму каде што имаме поголем интерес отколку со вас, таму ќе соработуваме.

Па за што правевме референдуми 92-та година? За што го славиме 8-ми Септември? За што го славиме Илинден? За да бидеме слуги? Да ни постават марионета која ќе ни згази по јазикот, културниот идентитет, името, и врз државното уредување во целина. И не само тоа, ќе ни донесат и 50.000 бегалци, веќе за нив спремаат контејнери, ќе им градат станови, а нашиот народ си седи под кирија!

И сосема на крај, имам еден предлог. Ако до толку решил да слугува и да ни носи бегалци, нека си ги носи во Муртино. За таму ќе му дадеме согласност.