ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: Дали СДСМ се откажува од антифашизмот?!

24.06.2017 година

„Мистеријата на господинот Зоран Заев еуфемистички наречена договор за добрососедство со Бугарија се уште предизвикува дилеми и страв во јавноста “- ова денес од партиското седиште на Граѓанската опција за Македонија го изјави претседателот на градската организација на партијата Александар Трајановски. Понатаму Трајановски упати неколку одговори на клучни прашања.

– Дали со заедничкото чествување на историските моменти и „историското приближување ” новата влада отворено се откажува од антифашизмот наспроти фашистичката коалиција во која беше нашиот источен сосед за време на втората светска војна, а со тоа и од АСНОМ!? Дали Бугарија барем во некој чекор ќе ги следи постапките од Германија кога отворено ги призна своите злодела за време на фашизмот и дел од нив ќе искомпензира за повторно да се воспостават добрососедските односи и пријателски односи со нејзините соседи, но и со цела Европа!?

Патем, продолжи Трајановски, АСНОМ е најсветлиот датум од поновата македонска историја и негирањето на фашизмот е и негово негирање и бришење од историјата на македонскиот народ.

– Да потсетиме дека дури и во социјализмот кој до денеска се смета за едноумие и режим,македонскиот народ можеше отворено да го поставува прашањето за македонското малцинство во Бугарија.

ГРОМ смета дека со ваквите т.н дипломатски потези на Македонија дефинитивно го затвораме овој проблем и на срамен начин се откажуваме од дел од својот народ, нивните интереси и борбата за нивниот идентитет во изминатиот век, категоричен беше Трајановски.

Конечно со пишувањето на „Заедничката историја” дали Владата мисли да ги пензионира сите наши академици, историчари и на учебниците ќе им сервира учебници кои сега ќе ги пишуваат бугарските историчари според нивното толкување и ставови!?

СДСМ и Заев ја носат историската одговорност да одговорат на овие прашања и како мислат ова национално предавство да го „протне“ во матен договор и на мала врата без консензус и знаење на македонскиот народ, го заврши своето излагање пред медиумите претседателот на градската организација на ГРОМ Александар Трајановски.