ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА: ГРОМ категорично против промена на името за влез во НАТО

12.06.2017 година

Последните изјави во странски медиуми, дека Република Македонија ќе биде примена во НАТО- алијансата под привремената референца БЈРМ, беше повод, денеска во партиското седиште, организациониот секретар на Граѓанската опција за Македонија, Ѓорги Чакарјаневски  да одржи конференција за печат. Во својата изјава за медиумите, Чакарјаневски нагласи дека на сите им е јасно: Македонија не може да биде примена во Северноатланската алијанса.

  • Доколку тоа било можност, досега многу поспособни и повлијателни политичари од Зоран Заев тоа би го сториле. Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коцијас, во неколку наврати го повтори добро познатиот став на грчката држава дека за влез во НАТО ,Македонија треба да го смени името, и секое очекување за влез во Алијансата е нереално очекување, истакна организациониот секретар на ГРОМ  Ѓорги Чакарјаневски.

Утрово, и „ Фајненшал Тајмс“ пишува  дека Република Македонија е  подготвена за промена на името за да влезе во НАТО, продолжи Чакарјаневски, и јасно порача на нарачателите на овој текст, на Столтенберг, на Могерини, на Хан, а посебно на Зоран Заев дека се во тешка заблуда:

  • Заев е тој, што е подготвен да го смени името, но Македонија не е. Народот на Република Македонија нема да го даде името и нема да го смени идентитетот. Познат е ставот на ГРОМ  : за името не треба да се дискутира , а не е потребен ни некаков референдум. Никој во Република Македонија го нема тоа право. Едноставно затоа што истото не е добиено на референдум , ниту пак на референдум ќе се менува. Но, како што и  Грците имаат свои црвени линии, така и македонската влада, т.е држава, треба да има свои црвени линии, дециден беше Чакарјаневски.

Сето ова, во спротивно би значело дека секој есап без крчмар е погрешен, а во овој случај крчмарот е народот на Република Македонија. Според оценките на ГРОМ колку што нам ни треба НАТО, исто толку ние како држава му требаме на НАТО, поради се поголемото руско влијание во регионот.

Ако веќе , раководните структури во НАТО сакаат да не примат во нивната организација,  нека не  примат достоинствено, а не со „ виткање на кичмата“, го заврши своето излагање пред медиумите организациониот секретар на ГРОМ Ѓорги Чакарјаневски.