КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: По арапската пролет, доаѓа арапско лето!

21.04.2017 година –

Во геополитичката карта се случуваат сериозни поместувања. Како што некогаш Русија под водство на Јелцин беше во нокдаун, се чини дека во таква ситуација е САД од вториот мандат на Обама па наваму. Нивната надворешна политика е во голема мера хаотична и неконзистентна.

Таков пример претставува Блискиот Исток и Турција. Од моментот кога ЦИА како кула од карти ги рушеше владите на Тунис, Египет, Либија, Ирак. Но, се сопна на Сирија и на тврдиот орев, синот на долгогодишниот претседател Хафез ал Асад. Очигледно дека Башар научил многу политика од татко му, и цврстото врзување за Русија му ја спаси земјата.

Недостасуваа уште седум дена да падне Дамаск.

Откако започнаа Руските воздушни напади во Сирија, ИСИЛ во своите редови имаше скоро цела армија војска, поточно седум дивизии или 68.000 борци, од кои повеќе од 10.000 по потекло од поранешните советски републики. Исламската држава зафаќаше делови на Јемен, Судан, Ирак, Сирија и Либија. Исламска држава требаше да контролира скоро 90% од светското производство на нафта. Да собере огромна финансиска моќ и во своите тренинг кампови, исламскиот тероризам да го прошири во Европа и на делови од Русија. Тоа требаше да оди преку Португалија и Шпанија до Франција, и преку Турција и Кавказието практично да се направи прстен околу Европа. Воздушната интервенција на Русија не значеше само спасување само на владата на Асад, туку и одбрана на цела Европа од исламскиот радикализам и тероризам. За разлика од Америка, која пак во почетокот ги поддржуваше борците на ИСИС и воено ги помагаше во обидот да се собори Башар како последна цел од арапската пролет.

Русите во Сирија уништија 743 тренинг центри на ИСИС. Убиени се над 35.000 борци на оваа организација, од кои повеќе од 6.000 се од поранешниот Советски Сојуз.

Во моментов Русија го шири своето влијание на Блискиот Исток. Најпрво во Египет, потпишувајќи со генерал Сиси воен договор вреден многу милијарди евра, кој е најголем од времето на студената војна. Земајќи го како сојузник Иран од каде очигледно САД се откажа од намерата за напад. Со ова Русија покажува дека зад оној кој ќе застане таа, нема шанси да бидат соборени нивните влади.

Русија ја продолжува соработката со Саудиска Арабија, а во парламентот на Кувајт се води сериозна дебата дали да имаат поголема соработка со Русија или со САД.

Обидот да се собори Реџеп Таип Ердоган, не само што не успеа туку како бумеранг им се врати на Америка и Европа. Напротив, тој со поддршка на Путин ја зацврстува и проширува својата власт. Трикот на Американците со соборувањето на рускиот авион од страна на турските воздушни сили, очигледно не успеа.

Официјална Анкара веќе комуникацијата со Москва ја има на дневна основа и без консултација со Вашингтон, нешто што порано не можеше да се замисли. Се очекува проширување на соработката на Русија и со Ирак, и таа соработка е поддржана од арапските интелектуални кругови и истите го сметаат за проклетство што во моментите кога се случуваше арапска пролет, Русија не беше со ваква моќ каква што има сега.

Израел е традиционален партнер на Америка, но таму има преку милион Руси меѓу кои и високи офицери во Израелската армија по потекло од Русија.

Русија успева да воспостави рамнотежа и со Израел која никогаш претходно не постоела, затоа што била целосно инфериорна во однос на Америка.

Неслучајно, Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху во изминативе две години, три пати се среќава во Москва со Путин, а секоја посета потсетува дека се чувствува како дома.

Русија од 15 милијарди евра го зголеми својот извоз на оружје на 56 милијарди, и од тоа голем дел во земјите од Блискиот исток. Се чини дека Американската хегемонија на Блискиот Исток е во сериозна криза. Со ова Русија покажува дека зад оној зад кој што тие ќе застанат може да смета дека ќе одолее на Американските фрустрации и обиди за инсталирање на марионетски влади.

Второ, Русија ја проширува својата моќ кон земји кои што се финансиски моќни.

Трето, почнува да владее со Средоземното море и како четврто, сака да обезбеди мир и стабилност во близина на својата граница затоа што овие земји од Блискиот исток, преку Турција се многу блиску до Русија.

Како ќе успее САД да ја задржи својата доминација во Пацификот и во Европа, особено на Балканот останува да се види.

На Пацификот, Кина со правењето на вештачки острови во Јужно Кинеско море и Северна Кореја се коска во грлото на американските стратегиски безбедносни планови. Заканата кон Северна Кореја, која е во одлични односи со Кина и Русија се чини дека е плашење на мечка со решето.

А тука, на Балканот, со одличната политичка игра на Вучиќ, цврстата и непоколеблива политика на Додик во Република Српска и изборот на про-рускиот претседател во Бугарија состојбата се менува.

Така да, сите оние што тука во Македонија за Русите зборуваат небаре како да се заразени, како да се извор на колера или лепра, а Македонскиот политички врв од било каква поврзаност со Русите бега како ѓавол од крст, прашње е дали е тоа исправна политика.

Извор: Infomax.mk