Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ИЗЛЕЗ ОД ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА – НОВИ ИЗБОРИ

12.03.2017 година

“Единствено нови парламентарни избори се излез од длабоката политичка криза“. – Ова денес го истакна претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски. Лидерот на ГРОМ нагласи, дека политичката криза се проширила, односно, токму како што навестуваше ГРОМ политичката, прејде во меѓуетничка криза, за денес да имаме и уставна криза.

На првиот Централен одбор на ГРОМ, кој се одржа денес, после второто конститутивно Собрание на партијата, 115 членови на ЦО ги избраа новите партиски структури. Виктор Цветковски, досегашниот генерален секретар на ГРОМ повторно ја доби довербата и поддршката од централното раководство на партијата, а Зоран Петрушевски од Куманово е избран за претседавач на Централниот одбор на ГРОМ во следниот едногодишен мандат. Акламативно со целосна поддршка беа реизбрани досегашните потпретседатели на партијата: Мавие Мехмети, Зоран Поповски, Горан Анчевски и Тодор Чепреганов, додека за нов потпретседател на ГРОМ беше избран досегашниот организационен секретар Љупчо Пренџов. Актуелните организациони секретари Чедомир Саздовски и Панчо Минов, беа одново избрани да ја вршат оваа партиска функција, а Ѓорги Чакарјаневски е избран за нов организационен секретар на Граѓанската опција за Македонија.

Во изминативе три и пол години, претседателството на ГРОМ покажа максимална активност, пожртвуваност и енергичност во промоцијата, проширувањето и градењето на ГРОМ како нова политичка партија на македонската политичка сцена. Јас како претседател на ГРОМ сум задоволен од досегашната нивна работа, и со сигурност можам да тврдам, дека во иднина уште повеќе ќе се заложуваат за успехот и развојот на ГРОМ како партија, истакна првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

На овој Централен одбор, исто така беа избрани и нови членови на Извршниот одбор на ГРОМ. Никола Николовски, Маја Стаменковска и Виолета Михајловска, како долгогодишни активни  функционери, заслужено беа предложени и изгласани од ЦО за идни членови на Извршниот одбор на ГРОМ. Претседателите на Кисела Вода и Струмица, Крсте Петревски и Сашо Милковски се исто така нови членови на Извршниот одбор на ГРОМ, како активисти кои во изминатиот период беа максимално посветени во афирмацијата на ГРОМ, односно постојано работеа на зацврстување и зајакнување на Граѓанската опција за Македонија. Исто така, по функција во Извршниот одбор влегуваат и претседател на Форум на жени, Добрила Андоновска, претседател на Форум на млади, Благојче Атанасоски и претседател на Градската организација на ГРОМ, Александар Трајановски.

Претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски во своето обраќање, напомена дека политичката ситуација во Република Македонија е сложена, дека сме на работ од ескалација на меѓуетнички и граѓански судири, и дека само со компромис може да се реши двеипол годишната криза во Република Македонија.

  • Сведоци сме дека политичката криза веќе влијае и на локалната власт, како четврта власт во државата. Меѓутоа, недозволиво е да се случи прекршување на централната преку локалната власт. ГРОМ е против кратењето на законските рокови за распишување и одржување на локалните избори. Доколку нема нови избори политичката криза ќе оди во недоглед, а нам ни се заканува блокада на целокупниот институционален систем во Републиката. Најголема штета од ваквата состојба ќе претрпат граѓаните на Република Македонија. Затоа како долгогодишен политичар, апелирам сите политички фактори да седнат на заедничка маса и со компромис да ја решат политичката криза, и интересите на државата и на нашите граѓани да бидат приоритет, а во втор план да се стават личните или партиските интереси, категоричен беше Јакимовски.

Лидерот на ГРОМ исто така, напомена дека политичката криза во Република Македонија е дел од еден поширок регионален геополитички контекст во кој се вкрстуваат интересите на западните земји и Русија во преден план, но и интересите на Турција и Германија како поединечни држави со свој директен интерес во регионот.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin