Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

КОЛУМНА НА М-Р ЉУПЧО ПРЕНЏОВ: А, кој гласаше за криза?

23.12.2016 година –

Во Македонија имаше парламентарни избори! Да, ама… Нејсе, изборите завршија и ние сме на истото – на почетна точка. Состојба, која од политички и од теоретски аспект се нарекува криза. Избори кои покажаа многу и не донесоа ништо. Барем што се однесува на полето на поларизираноста меѓу граѓаните, стабилноста и државноста. Комплетно замешателство, пред, за време на и по нив

И во изборната кампања и во постизборието видовме дека ништо не е променето. Единствен човек во Република Македонија во овие две и пол години што беше над и надвор од сите закони и кој, што и да направи, успеваше да се исправа како руска бабушка е лидерот на опозицијата. Пали дневни огнови, се крие во бусија, излегува, пламнува, мешетари и пак се затајува. Две, три цунами сценарија и чека резултати. Се разбира, онакви какви што не може сам да постигне, туку треба некој да му ги испорача. Таквата скандалозна серија настани продолжува и по изборите. Кога требаше да се појави на суд во Куманово, очекувано не дојде, со бледо известување на судот дека мора да оди во Државната изборна комисија. Затоа, пак, сите ние видовме дека истиот ден беше на Широк сокак во Битола заедно со своите партиски пријатели, па дури оттаму, како што му прилега, бесрамно даде изјава за медиуми. Грст лаги околу наводни „телефонски слушања со Груевски“, некои пелтечења околу човековите права и некоја влада по теркот на ЕУ – онака како што тој ја перципира.

Потоа, имавме „случување“ кога тој ја оспоруваше релевантноста на јавниот обвинител во постапката „Пуч“ (она „легендарното“ негово барање поткуп, каде се „отвори до крај“ со именување на фирмите кои му давале пари по разработена шема). За негово и општо чудо, токму „неговото“ СЈО веднаш го демантираше дека против тој обвинител не се води никаква постапка. И тука не е крајот на неговата еквилибристика, туку повторно одложува судење под изговор дека е на состанок со италијанскиот амбасадор! Овој пат, за општ срам, истиот амбасадор брзо, брзо на „Твитер“ го подразбуди во лагите и порача дека тој ден немал состанок со никого! Ни срам ни перде! Но, како да се очекува засрамување или самокритика. Изборите завршија вчера, но неговите лаги веќе имаат историја. Истиот овој човек безобразно си ги лажеше своите најблиски сопартијци и поддржувачи давајќи им лажни надежи и Потемкини села околу изборниот исход. Сите оние коишто работеа дење-ноќе за него во оваа кампања, ги донесе пред Владата да слават виртуелна победа иако егзактно знаеше дека му е загарантиран пораз од дваесетина илјади гласови. Но, тоа е Зоран Заев. Човек без интегритет, дигнитет и сопствена визија. Таков каков што е тој, во случајов тој е помалку важен за Република Македонија и за нас граѓаните коишто живееме во неа. Она што е важно, се проблемите кои останаа и кои се закануваат да имаат далекосежни последици.

На што мислам? Мојата политичка партија веќе две и пол години навремено детектираше, антиципираше и предупредуваше дека не смееме да го прекршуваме Уставот на Република Македонија и позитивните законски прописи. Од овие, принципиелни причини не го поддржавме Договорот од Пржино, за сега да се потврди дека сме биле во право. За жал, го прекршивме Уставот, го „устоличивме“ СЈО, кој, дефинитивно, е неуставна категорија. А Уставниот суд, пак, место да го укине, влегува во „шема“, тера политика и сега се прашуваме и се чудиме зошто ДИК брутално ги прекршува сите рокови за одлучување. Па, се чудиме зошто на некои членови на ДИК „им ќефнало“, па се самоизоставуваат од гласање и, капак на сè, Управниот суд ја продолжува агонијата и на далеку пробиени и изминати рокови за жалби, ги прима и, згора на сè, ги разгледува и одлучува по тужбите на партиите. Претставата да биде целосна!? Или, со еден збор, се прашуваме каква е оваа правна лакрдија што ни се случува? Дали е ова вистина или сон?

Затоа Груевски, како следен мандатар, прво што мора да има на ум е да ја врати земјата во колосек, што практично значи Македонија да се врати во нормала, односно повторно да биде правна држава по сите основи.

Кога сме кај правната држава, силно ја поддржувам идејата да го надополниме нашето законодавство со тоа дека, во иднина, пред каков било обид за „отворање“ на Уставот, независно во кој било негов сегмент, претходно мора да има референдумско изјаснување и поддршка од граѓаните. Ова е скапоцено искуство кое на дело ни покажа дека на една мала држава како Македонија, со неколку милиони евра стратегиски насочени во „податливи“ медиуми и наоѓање лик како Заев, многу лесно може да се разнишаат тлото и државноста и да го загубиме нашиот вековен сон.

Сепак, како доказ дека, и покрај сè, разврската на „скроеното сценарио“ не оди така мазно, неминлив е впечатокот дека „сценаристите“ се во невидена паника. Мислам дека изборите не завршија ниту на начинот на којшто посакуваше СДСМ ниту, пак, на начинот што го очекуваа ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“. Да бидеме искрени, тие завршија на начинот којшто го спакува „чадорот“. Да имаме поделено општество во буквална и резултатска смисла или СДСМ да има 50, ВМРО-ДПМНЕ – 50, ДУИ 10 мандати и сите албански опозициски партии заедно – 10 мандати.

Каде утнаа во есапот? Најверојатно не го предвидоа исконскиот пркос на македонскиот народ затоа што, сепак, кај Македонците имаме победа на „Коалицијата за подобра Македонија“ со два пратеника разлика.

По сето тоа, кога веќе е извесно дека, иако издејствуваа прегласување, нема да има промена во мандатите, сценаристите и режисерите се во вистински хаос, па почнаа неконтролирано да се закануваат. Прво, се појави Никола Поповски, ексминистер за финансии од СДСМ, и директно им се закани на две големи целни групи: на пензионерите и на вработените во јавната администрација.

На административците им рече дека промените ќе болат и дека, како што вели, ќе има или намалување на платите, или ќе има бркање од работа, или, пак, ќе биде комбинација од двете.

За пензионерите ни кажа дека, според него, галопирачки им пораснале пензиите и дека тука мора да се направат определени промени во смисла дека тие треба да бидат повеќе или помалку намалени. Потоа, се разбира, во паника од нецелосното исполнување на сценариото, ги пуштија и Беса, коишто имаа цел да нè уплашат со тоа што ни соопштија дека токму тие ќе влезат во Владата и ќе издејствуваат редефинирање на Македонија!?

И кога сето тоа ќе се сублимира, во сеопштата конфузија, не можам да не го спомнам и новопечениот сдсмовец Мухарем Зекири, кој во согласност со неговиот националистички светоглед во изјава, разбирливо, за косовска телевизија ни кажа дека тие 70.000 гласови Албанците не ги дале бадијала и дека тие се најголеми победници на овие избори, односно дека нивната самосвест цврсто „гази“ кон остварување на албанската кауза.

Се надевам дека после 25 декември и прегласувањето во Теарце, „менторите“ на Заев, конечно, ќе му дозволат да ја честита победата, а од него, пак, очекувам, во духот на неговата кампања, да собере храброст и честитката за победата, покрај на македонски, да ја соопшти и на албански јазик, и тоа со косовски акцент за да можат да ја разберат сите оние контингенти гласови што ги доби од нашиот северен сосед. Барем толку им должи!

Она што можеме да го сумираме по сите турбуленции, е тоа дека изборите формално завршија, но кризата ќе продолжи. Се разбира, ќе продолжи до таму до каде што ние ќе им го дозволиме тоа на „големите“ сценаристи.

Изборите, онакви какви што беа, со сето „изборно и постизборно инженерство“, сепак, несомнено ќе бидат запаметени по тоа што разјаснија многу недоречености. Работите ќе се искристализираат дури и за членовите и за симпатизерите на СДСМ, дека сега и тука се пишуваше историјата и се решаваше судбината на нашите поколенија. И токму таа ќе го донесе конечниот суд. ГРОМ одлучи да застане на вистинската страна.

Извор: Република

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin