КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Кирче-потурче и кафанските муабети!

stveco jakimovski01.12.2016 година

Дополнителното заменик-министерче Кире Наумов го спомнав на митинг во Велес како човек кој постојано се буни против еврообврзницата и обелоденив дека прв еврообврзница издаде СДСМ во 2005 година од 150 милиони евра. Истата обврзница наместо во стопанството, во инвестиции, ја вложи во рубрикаТА „верувале или не“ во девизни резерви, и поради тоа минатата година плативме 72 милиони евра камата.

Моја „маана“ е што секогаш зборувам со факти.

Големото замениче се нашло повикано и се запалило како „хепо“ коцка, па во недостаток на аргументи се обидува:
1. Да навредува;
2. Да треска глупости

Бидејќи СДСМ-овска болест е што не се многу креативни, навредата, бидејќи нема каде, нормално оди на името и местото од каде што сум се родил. Моето село е Подржикоњ на кое што сум горд. И не го давам ни за Сан Франциско, ниту за Лондон, Мадрид, ни за било кое друго место на светот.

Кога сме кај коњите му благодарам што ме величи затоа што зад добар коњ, прашина се крева. Искрено кажано, зад мене прашина се крева. Пред 5-6 години еден мој пријател, ми рече вака, цитирам:
„Стивен!(тој така ме вика) Ти си мустанг. Тешко се кротиш, и фрлаш чифтиња.“

Да бидеме објективни, не можеме да кажеме дека и зад лошите коњи – скапаниците, не се крева прашина. Зад нив се крева прашина, оти ги влечат нозете по патот. Таквите на кои им се влечат нозете и креваат прашина како да се добри коњи, многу ми наликуваат на Кире Наумов кога е во алхохолизирана состојба. Посебно кога Бранко го смени од Агенцијата за разузнавање, па и пред и потоа си ја задржа релацијата „од кафане до кафане лечим срцу ране“. Тогаш ги плетка зборовите, многу зборува, се обидува да биде саркастичен т.е. да привлекува внимание, или да крева прашина како лошиот коњ – скапаница.

Овој нео-комунистички „Колумбо“ открил прво од каде сум се родил, а потоа и каде сум работел: Во Белград, во Претседателство на младината на Југославија?! И внимавајте што ќе откине „зелена“.

Во Белград ме држеле затоа што им било интересно името на селото од каде што потекнувам – Подржикоњ?! Пијана работа-кафански моабети. Што убаво мислење за СКЈ имаат „наследнициве“ на СКМ? Вистински СДСМ-овчиња-камелеончиња. Ќе си откинат некоја „недозреана“ и што е најстрашно си веруваат во неа. И не еден, туку сите. Кинењето „зелени“и глупоштини им стана заштитен знак.

Заборава, полупијаново замениче, за да бидеш член на Претседателството на младина на Југославија или да работиш таму, требаше некој да те предложи. Потоа некој да те поддржи, и некој тоа да го одобри. Јас таму бев заедно со Мило Ѓукановиќ. Новиот министер за внатрешни работи на Црна Гора ми е како брат, и тој беше со нас. Таму беше и Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, а член на Претседателството на младината на Југославија беше и нашиот претседател Ѓорѓе Иванов. Тогашен „омладинец“ беше и актуелниот министер за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ. Поранешен младинец беше и Зоран Талер, бившиот министер за надворешни работи на Словенија. Јозеф Шкољч, претседател на Собранието на Словенија и министер за култура,како и Расим Кадиќ, министер за труд и социјална политика на БиХ. А од кај нас и Аце Коцевски, секретар на Младината на Југославија.И многу, многу други. Сите до еден бирани по местото на раѓање!? Нели тоа е „влезницата“! И сите денес се успешни луѓеи заземаат значајно место во соите држави.

Разликата меѓу мене и заменичето Кире е што јас сам се пробивав во животот и политиката, со татко работник, мајка домаќинка. Единствен на кој му должам за поддршка во животот е Ристо Иванов, поранешниот претседател на Младината на Македонија и потпретседател на македонската Влада. Кире Наумов директно од клупа му стана советник на Бранко Црвенковски, благодарение на вујко му Ѓорѓи Спасов.

Во политиката не вредиш онолку колку што си паметен и образован, туку колку луѓе врзуваш зад себе. На последниот 20-от конгрес на СДСМ овој политичар во обид, се кандидираше за претседател на СДСМ. Заев зеде 395 гласа, Зоран Јовановски зеде 137 гласови, а Кире Наумов – верувале или не дури цели – 15 гласови. Па, да земеше 20 души по еден сендвич да ги частеше, или чашка „ж’’та“ во некоја биртија, белким ќе дотераше до 50-ина гласови. Затоа СДСМ не може да оди напред. Става на функција луѓе кои немаат легитимитет прво во својата партија, а камо ли кај народот. Од 547 делегати, едвај земал 15 гласа и него го ставиле за заменик министер. Очигледно голем му бил авторитетот, како советник на Бранко. Јаки му биле советите, а како директор на Агенцијата за разузнавање повеќе мислеше на берзата и берзанските профити отколку на разузнавањето. Е токму затоа кредитот кај партиското членство на СДСМ му е 15 гласа.

Инаку, за негова информација, јас се борев за претседател во ЛДП и против мене беа и Гошев и Пенов и Жерновски и загубив од Манасиевски со само 17 гласа разлика.

Јас сум борец, и се што сум постигнал во животот е со работа, а тој е меланхолична пијандура која додека беше шутнат од СДСМ, не знаеше што друго да прави за да биде интересен, па си ја плукаше сопствената партија во колумни. Затоа не ми е јасно, што изигрува „веќа потурица од Турчина“, кога тој се утепа од плукање по СДСМ.

За да комуњарчињава не си живеат во илузија дека тие мене нешто ми давале, ќе им набројам колку пати досега сум им помогнал да ја одржат власта во Карпош затоа што оттаму ќе „одлетаа“ уште во 1996-та година.

На локалните избори во 1996 година, бев кандидат за градоначалник заедно со Саше Кузмановски од СДСМ, и Михаил Гаревски – денешниот директор на ИЗИСС којшто беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и ДП на Гошев. Во првиот круг јас бев трет со освоени 3.600 гласови, и очигледно беше мртва трка меѓу Кузмановски и Гаревски. Тогаш, ЛП беше опозиција на СДСМ и јас одзедов опозицски гласови, односно од гласачкото тело на Гаревски. Меѓу првиот и вториот круг ми беше понудено 20.000 марки за да во вториот круг работам за Михаил Гаревски. Јас одбив, и од 3.600 ги кренав на 4.500 гласови. Сашо Кузмановски веќе ја имаше загубено битката и ноќта, двајца службеници од администрацијата во Карпош, членови на СДСМ, еден маж и една жена, влегоа во просторијата со гласачкиот материјал и му додадоа од војнички гласови на Кузмановски, и на тој начин тој победи со 70-ина гласа разлика. Гошев и ДП дојдоа да штрајкуваат пред општина Карпош. Се сеќавате, нели?

Ех, комуњарчиња неспособни. Јас сум ве предавал вас. Ако застанев зад Михаил Гаревски со вас ќе беше завршено уште во 1996. година.

Во 2000-та година на Локалните избори ве донесов на власт во Карпош. Нормално, вие ќе речете дека вие сте ме донеле мене, затоа што сме биле во коалиција. Епа ако така лесно сте ги носеле на власт градоначалниците, зошто не го донесовте во Центар проф.др. Миле Димитровски, туку си го победи аутсајдерот Аларова?

Во 2003-та кога станав министер за економија, го устоличив Андреј Петров за градоначалник, иако тоа место припаѓаше на ЛДП. Значи, јас го дадов на СДСМ! И потоа на локалните избори во 2005-та година Андреј Петров победи со резултатите и по инерција од моето работење. Во 2008-та година тој кукавички избега во пратеничката фотеља, затоа што во јулските избори таа година СДСМ катастрофално загуби во Карпош, а тоа значеше и дека Андреј Петров потоа ги губи локалните избори.

Таа година, на парламентарните избори, СДСМ во Карпош изгуби од ВМРО-ДПМНЕ со 7.220 гласови разлика. Девет месеци подоцна, во март, јас после првиот круг, на Саша Димиќ му водев со 3.600 гласа разлика. Значи од минус 7.200 до плус 3.600 е речиси 11.000 гласа повеќе. А, СДСМ повторно загуби за 300 гласа од ВМРО-ДПМНЕ и имаше еден советник помалку од нив.

Во 2009-та ВМРО-ДПМНЕ имаше 10 советници; СДСМ 9, независни 2 и ЛДП 1. Значи за мнозинство ни требаа 12. Јас постојано имав мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ми земе некој советник и не само што не успеаа, туку јас им земав нив еден советник, и имав постојано сигурно мнозинство и сите одлуки поминуваа без проблем. Неспособните СДСМ-овци, до 2009-та имаа 13 советници, а ВМРО-ДПМНЕ 10. На крајот, иако имаа тројца советници поввеќе ВМРО-ДПМНЕ им направи мнозинство и им го зема градоначалничкото место. Го поставија Сашо Димиќ и го исшутираа неспособниот Игнат Виларовски од СДСМ. Ова само говори колку се неспособни и неснаодливи да ја одржат власта во Карпош без мене.

Да ги потсетам како одеа во кампања. Ѕвонеа по станови, и кога ќе се појавеа домаќините го даваа флаерот со мојот лик на него. Флаерот од СДСМ го криеја зад грб. Ако граѓанинот реагираше добро на мојот флаер, тогаш го вадеа од зад грб нивниот флаер и замолуваа да гласаат и за СДСМ. Ова се живи вистини. Господ ми е сведок, а бога ми и граѓаните на Карпош. Паметат тие!

И сега Ќирче – потурче, мене ќе ме нарекува предавник?

Во 2013-та си се глупираа заедно со Бранко и добија „шут карта“ и од мене и од граѓаните на Карпош. Ако јас сум ги предал, гласачите мене ќе ме осудеа. Ги осудија нив, затоа што тие ги предадоа граѓаните и ги оставија на Јагнула Куновска.

Инаку, Кире Наумов е вистински пример на поистоветување на партијата со државата, затоа што без никакво искуство, ниту пак соодветно образование и било каква допирна точка со безбедносните служби, Бранко Црвенковски го постави за директор на Агенцијата за разузнавање.

Тој вели дека Бранко Црвенковски ме нарекувал „некотролиран проектил“. Па фала богу дека сум неконтролиран проектил, затоа што имам интегритет, затоа што имам свое јас, се потпирам на своите способности, чест секому-вересија никому, Бранко си е Бранко – јас сум си јас.
Мене никој не ме контролира- него-кафаната!
Не може тој да вреди два човека, а јас половина. Бранко добро знаеше дека со мене не може да прави што сака, како што тоа си го правеше со Кире Наумов и такви како него, кои му служеа на Црвенковски за „чамче муабет“ – хахаа, хихихи – за чашка виски, и за сплеткарење и правење планови како да го соборат тогашниот премиер Владо Бучковски. Така да, Кире Наумов е еден од соучесниците во соборувањето на СДСМ од власт. Под водство на Бранко Црвенковски, надевајќи се дека потоа „великиот“ Бранко, како што го среди Љубчо Георгиевски ќе го “реши“ и Никола Груевски, ама си ги прецени способностите, а го потцени „боксерчето“.

Ова, потпивнато, тобоже аналитичарче, замениче и незнам што друго, ми ја спомнува последната година од мојот мандат. На 11-ти декември ќе види кој ги броел последните денови, а кој последните години. Очигледно верува во штелуваните анкети на вујко му Спасов, па многу се жешти. За разлика од нив, јас верувам во неутрални анкети, а тие велат „елај Ќирче во мај„ па ако си маж на локални избори ќе ти дадам и неколку илјади гласови фора, па да видиш кој ги брои последните денови“. Со твоите освоени 15 партиски гласови, ти си боксер во „мува“ категорија. Таквите како тебе, ми служат како боксерска вреќа.

А, што се „Његоша тиќе“:

Што се однесува до парафразирањето на неговата поезија, бидејќи сум почесен граѓанин на Тиват и имам многу пријатели во Црна Гора, Црногорците велат „са Црногорцима се не разговара ако Његошеву поезију нијеси кадар схватити“.

П.С. Аха! Ќе заборавев! Пијаново, потурче – Ќирче семејната куќа во Подржикоњ ми ја нарекува хациенда, и кога ќе дојделе на власт за тоа ќе ми барале потекло на имотот. Еве ги моите одговори:

1. Имаме куќа направена од дрво, таму каде што сме се родиле. Немам пари како вашето вазалче да имам вила и јахта во Канистрас, Грција. Ниту пак да направам вила како Рада Шеќеринска во Маврово. Јас во село. Во Подржикоњ. Ама со својот народ. А, вие правите таму – што би рекол Гидра – да бидете на „нивоу“ и кога ќе ве види некој Македонец се криете, се покривате со пешкири.

2. „Ко о чему, војник о скрачењу и СДСМ о поштењу“. Криминалците од СДСМ ќе ми барале мене потекло на имот. Ве молам немојте да ми се заканувате! Знаете дека сум јас еден плашлив човек!? Може да ме „стрефи“ инфаркт. Па ќе ме носите на душа…ако ја имате се разбира?

Па на власт сте бе Ќирче – потурче. Што правите со она министерчено за внатрешни работи. Ријте малку како свињчиња. Ќе ми ги стресете колениците.

Или како што вели вашиот Бранко – ќе ми плукнете под прозор!