Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ ја раскажа својата приказна пред битолчани

_DSC2134ТРИБИНА ВО ГРАДОТ НА КОНЗУЛИТЕ „Честопати, моите битолчани знаат да ме прашаат: Која е позицијата на ГРОМ на политичкото небо во Македонија? Лева или десна? Одговорот е многу јасен: ГРОМ е граѓанска политичка опција која се позиционира во центарот на политичкиот простор, ни лево, ни десно“. Со овие зборови Никола Стојановски, член на Централниот одбор на Граѓанската опција за Македонија, ја започна вечерашнава трибина на ГРОМ во Битола, каде централното партиско раководство со целосна поддршка на локалните членови и симпатизери на оваа нова партија, ја раскажаа својата приказна пред повеќе од стотина битолчани, учесници на трибината.

Пред повеќе од стотина внимателни и политички префинети слушатели од Битола, сегашни и идни симпатизери и членови на Граѓанската опција за Македонија, Никола Стојановски ги отвори тридецениските транзициски проблеми кои го задушуваат македонскиот политички и економски простор, а за кои ГРОМ има автентични решенија. -Она што и треба на Македонија, а што ќе го направи ГРОМ е да го врати дијалогот и да ја зголеми толеранцијата во политичката дебата и делување. Да го стави граѓанинот во центарот на внимание според неговите квалитети и постигнувања, без оглед на неговата  национална, етничка, верска, полова или било каква друга припадност. Битола тоа го знае и го може, затоа што вековно и традиционално во Битола се негува мултикултурниот дух. Вистински предизвик на Република Македонија е да ги реши горливите прашања, како децентрализацијата и деконцентрацијата на бизнис моќта која е во рацете на неколку луѓе, што пак, е пречка за имплементација на пазарниот модел на стопанисување, на што инсистира ГРОМ, рече Стојановски. Тој не прошушти прилика да се осврне на потребата од зачувување и развивање на добрососедските односи на Македонија како држава со оглед на трговската размена со стоки и услуги со соседите што е од витално значење за овој град. „Чест ми е што својата политичка кариера ја почнувам токму од Битола, во мојот град, каде во овој момент се чувствувам како кога ми соопштија дека ќе играм за првиот тим на „Пелистер“. Со овие зборови нашата ракометна легенда Стевче Алушовски, член на Извршниот одбор на ГРОМ, предизвика бурен аплауз пред своите сограѓани присутни на „граѓанската“ трибина на ГРОМ во Битола. „Се прашувате зошто Алушевски во политика? За да им покажеме дека имаме луѓе, имаме претседател како Стевчо Јакимовски кои можат да направат повеќе и подобро за Македонија. Јас не сум зависник од политиката и не мислам дека таа е над човечкото, над граѓанското. Сепак, знам дека ниту една идеологија не може да ја извлече земјата напред, како што тоа го може граѓанската опција, како што е ГРОМ. Централно место во неговото излагање на вечерашнава трибина беше значењето на спортот во општеството.Во историјата, рече Алушевски се менувале системи, режими, владатели. Но, сите до еден од нив ги знаеле вистинското значење на спортот за разојот на државата. Објаснувајќи ги позициите на ГРОМ во оваа сфера, тој рече дека спортот мора да биде врзан со образовниот и воспитниот процес. Токму преку спортот, според перцепцијата на ГРОМ, се градат најголемите човечки вредности и доблести, храброста, етиката, културата и здравиот дух. Над 45% од денешните млади во Европа се повлечени и боледуваат од анксиозност и депресија. Зависници се од алкохол, дрога. ГРОМ изгради програма, нагласи Алушевски, во која спортот е императив и каде ќе се издигаат врвни спортисти, олимпијци. Ние како ГРОМ сакаме да изградиме личности кои ќе имаат карактер, а такви луѓе ќе донесат благосостојба за сите граѓани на Република Македонија, рече Алушовски.

Со громогласен аплауз беше проследена најавата за обраќањето на трибината на првиот човек на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. „Оваа партија не ја правам за себе, за власт, изјави лидерот на ГРОМ. Јас власт имам. Јас сум „премиер“ на Карпош. Во Македонија има многу добри, прекрасни луѓе кои можат да дадат огромен придонес за напредокот на нашата земја.

Ние не сме дојдени овде за лошо, ниту сакаме некого да донесеме на власт или да одржиме на власт. Она што сакаме е на граѓаните да им дадеме квалитетна понуда, да им дадеме право на избор, да престанат веќе да гласаат  против некого, туку „за“. Ние тоа им го дадовме на граѓаните на Карпош, со квалитетни проекти и решенија кои тие знаеја да ги препознаат. Тој најпрво се осврна на мултиетничкиот карактер на партијата, а потоа лидерот на ГРОМ, се задржа на дефектите во  процесите во Македонија. Не може сите инвестиции во државата да се слеваат во еден квадратен километар, во Скопје. Има живот и во селата и во помалите градови. Ако продолжи ваквата политика, рече тој, не само што ќе ни опустошат селата туку и градовите, посебно во источните делови на Македонија.

Скопје, нагласи првиот човек на Граѓанската опција за Македонија, не е подготвено да ги прими сите оние од внатрешноста кои сакаат да работат или живеат во него. Ако најдат работа, не може да најдат живеалиште или обратно. Токму затоа ГРОМ е партија која инсистира на целосна децентрализација, бидејќи локалната самоуправа се покажа како пофлексибилна власт од  централната, барем што се однесува за секојдневните, животни проблеми на граѓаните, на кои пак, подрачните единици на министерствата реагираат крајно инертно.

Тој ја критикуваше и централната власт дека троши речиси половината од брутодомашниот производ на земјата и дека од 2006 година наваму трошоците на генералниот буџет растат по 1,2 милијарда евра годишно, буџетска потрошувачка што граѓаните не можат да ја платат, а на стопанството му става оловни нозе. Малите и средни претпријатија се под вистинска инквизиција и затоа ГРОМ ќе се залага за порелаксирана кредитно-монетарна политика, преку која повеќе пари ќе одат во стопанството. Погрешна е политиката на владата која ги тера младите перспективите да ги гледаат во администрацијата, наместо онаму каде што се вистински- во  малото стопанство, рече Јакимовски.

Тој ја критикуваше и премалата поддршка на владата на енергетската ефикасност од едвај 500 илјади евра, од непродуктивниот образовен систем кој произведува  неупотреблив,наместо стручен кадар според потребите на пазарот. Посебно се осврна на погрешната земјоделска политика, во услови кога и покрај стимулациите во 80% добрите приноси зависат од „божја волја“ бидејќи токму толкав процент земјоделски површини не се наводнуваат. Сепак клуч на сите клучеви е функционирањето на правната држава рече Јакимовски, нешто што сега го немаме во услови на партизирано судство и на сите правосудни институции. Сето тоа, рече на крајот лидерот на ГРОМ, ќе се смени кога ќе станема парламентарна партија која ќе го слуша гласот на граѓанинот од најмала до најодмината возраст, од најсиромашниот и најнеук граѓанин, до академски образованите. Осврнувајќи се на најгорливиот проблем името и добрососедството, тој рече дека ГРОМ максимално ќе се ангажира на развивање на добрососедските односи со сите земји во опкружувањето, без исклучок, а прашањето за името ќе се изолира и ќе се решава со двојна формула, една во договор со Грција и друга со уставното име за целиот останат свет.

На крајот од трибината, во неа се вклучија и сами битолчани со прашања до лидерот на ГРОМ за конкретни проблеми од нивното живеење, најмногу за политиката на поддршка на индивидуалните спортисти и отвореноста за поддршка на проекти на самите граѓани.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin