Прес -конференција: ,,Резервен падобран‘’

DSC_3652Одлуката на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, да ги аболицира сите политичари од власта и опозицијата, кои се предмет на истрага, беше повод, лидерот  на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски, денеска во централното партиско седиште, да одржи прес -конференција. Во своето обраќање до медиумите, првиот човек на ГРОМ, истакна дека како и целата македонска јавност, така и ГРОМ како партија, е крајно изненадена од одлуката на Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов да изврши повеќе аболиции и една амнестија.

– Запрепастувачки е, што оваа одлука се носи во моментот кога имаме нефункционална техничка влада, распуштен парламент, а со ваквата одлука Претседателот ја загрозува единствената институција од витално значење. Очигледно е дека некој извршил, огромен притисок врз Претседателот на државата за тој да донесе ваква одлука. Дилемата е дали притисокот врз Иванов се извршил од „чадорот“, откако увидоа дека Зоран Заев не е вистинскиот избор за спроведување на нивното сценарио?, праша лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Понатаму во своето излагање, Јакимовски напомена дека опозицијата во континуитет трпи пораз од владејачката коалиција. Истиот „чадор’’ е сведок и го преживува поразот од СЈО на кое после седуммесечна истрага, највисок дострел му е сознанието дека додека го апселе Љубе Бошковски, полицајците му упатиле пцовки?!

-Најголемиот пораз, конечно го трпат од граѓаните на Република Македонија во случај кога рејтингот на владејачката коалиција е повеќе од двојно над опозицијата, односно соодносот е 2:1. Со ова „чадорот’’, всушност му го отвори „резервниот падобран“ на Зоран Заев, за негово меко приземјување на изборите на 5-ти јуни. Посебно што единствено извесно окончување на кривична постапка во Република Македонија беше онаа против Зоран Заев, дециден беше лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Истиот тој, продолжи Јакимовски, логично е да не сака да оди на избори, затоа што по поразот на изборите и неговата смена во СДСМ, полека, но сигурно се приближува кон македонските затвори. Досега Зоран Заев се плашеше од две работи: волјата на граѓаните на петти јуни и од законот. Сега му останува да се плаши само од судот на народот.

-Со овие акти кои ги донесе Претседателот Иванов се случува Пржинскиот договор, кој што ГРОМ уште од самиот почеток не го признаваше, да го помножи со нула, а секој број помножен со нула е – нула. Освен тоа со ваков потег Претседателот Иванов , политичарите ги прогласи за граѓани од прв ред, а народот за „обична раја’’, дециден беше Јакимовски.

Според ГРОМ, истакна претседателот на партијата Јакимовски, секој што направил криминал без оглед дали е од власта или од опозицијата или било кој друг граѓанин, треба да одговара за своите постапки. Конечно да го кажеме и тоа дека со ова политичарите не го ,, испраа’’ својот морален кредибилитет, а за тоа „кој е чист, кој нечист’’, судот требаше да го каже последниот збор.

Одговарајќи на поставено новинарско прашање, првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски беше катогоричен дека партијата и граѓаните водејќи се од принципиелни ставови, со собирот кој го организираше пред Уставниот суд, овозможиле судот да се изјасни слободно, без никаков притисок и закани.

-Видовме и како одредени лица од невладини организации, јавно изјавуваа дека ќе се пресметаат физички со членови на Уставниот суд, оневозможувајќи ги судиите да си ја вршат слободно и по сопствено убедување својата работа – потсети Јакимовски.