Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Кумановчани храбро го избраа ГРОМ

Кумановчани храбро го избраа ГРОМ„Храбриот човек умира еднаш, а кукавицата илјада пати. Затоа ве повикувам да бидеме храбри!“ Со овие зборови, претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, им се обрати на членовите на ГРОМ од Куманово, кои вечерва, 6 ноември 2013 година, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ го избраа своето прво раководство на Општинската организација.

Вкупно 518 присутни делегати, членови на ГРОМ од Куманово, едногласно ја избраа д-р Лидија Јовчевска-Ивановска за свој прв претседател. Во своето свечено обраќање, новоизбраната претседателка на Општинската организација на ГРОМ – Куманово им се заблагодари за довербата и им упати апел дека иако во Куманово не е лесно да се оствари политичка активност, со СДСМ на чело на локалната и со ВМРО-ДПМНЕ на чело на централната власт, тие не смеат да ја изиграат довербата на граѓаните.

–          Оваа вечер, вие ме избравте за ваш претседател на Општинската организација на ГРОМ – Куманово, но поголема вистина е дека јас ве избрав вас. До пред една година бев незаинтересирана за сите политичките збиднувања во нашиот град, во нашата земја. Минатата година, луѓето што го организираа граѓанското движење „К’т ако не с’к“, ми понудија да им се приклучам за заедно да ја промениме црно-белата слика што со години доминира во нашата општина и во нашата земја. Со формирањето на Граѓанската опција за Македонија, почувствував дека е созреан моментот за трета политичка опција на македонската политичка сцена – го образложи Јовчевска-Ивановска своето вклучување во новиот политички субјект.

На задоволство на присутните членови и симпатизери, свое обраќање вечерва имаше и генералниот секретар на партијата, Виктор Цветковски. Поздравувајќи ги видните гости, потпретседателите Мавие Мехмети и Горан Анчески, организациските секретари Чедомир Саздовски и Љупчо Пренџов и членовите на Централниот одбор Шебаљ Прешова и Оливер Ромевски, Цветковски упати честитка до новоизбраното раководство на Општинската организација на ГРОМ – Куманово.

–          Граѓанинот е тој што нè обединува, но тој е и наша цел. Затоа не смееме да бидеме арогантни, треба да сме постојано меѓу луѓето, секогаш достапни за секого – порача Цветковски, изразувајќи доверба во ГРОМ и во раководството што го избраа членовите на Општинската организација од неговиот град.

Со посебен пиетет беше проследен говорот на претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски, кој, инспириран од големиот број присутни членови и симпатизери на ГРОМ од Куманово, подвлече дека не случајно десеттото јубилејно Основачко собрание се случува во Куманово.

–          Рејтингот на нашата партија од шест проценти на републичко ниво и од седум проценти во втората изборна единица докажува дека кумановската е една од нашите најдoбри Општински организации која, сигурен сум, на следните локални избори во 2017 година ќе ни донесе и победа – со гордост истакна Јакимовски.

Во своето свечено обраќање до кумановци, лидерот на партијата се задржа на клучните моменти од програмата на ГРОМ што се сосема поинакви од сè што му нудат другите политички субјекти на македонскиот електорат. Тој зборуваше за поддршката на малото и средното стопанство која ќе се реализира со намалување на казните, но и преку подобрување на кредитната клима. Исто така, истакна дека важен сегмент од општествените заложби на ГРОМ ќе биде подобрување на образовниот систем кој ќе стане компатибилен на побарувачката на пазарот на трудот. Јакимовски зборуваше и за тенденцијата на ГРОМ да се намалат нестопанските инвестиции, а за сметка на тоа да се вложуваат повеќе средства во енергетскиот сектор, со што ќе се придонесе за намалување на енергетската зависност на земјата. Покрај тоа, тој уште еднаш ја истакна важноста на локалната власт и, во таа смисла, намерата на ГРОМ да ги зголеми нејзините ингеренции.

–           Се насилиле лихвари, тепачи, разбојници. Кога ГРОМ ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, нивното место ќе биде само едно – зад решетки! – децидно повика Јакимовски, што беше поздравено со громогласен долготраен аплауз.

Претседателот на Граѓанска опција за Македонија, во финалето на своето свечено обраќање, се задржа и на актуелните политички случувања во земјава и го истакна партискиот став дека во интерес на Македонија е да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските напролет. За крај, тој уште еднаш им го честита изборот на кумановчани и им порача дека тој предлага ГРОМ да биде партија која е блиска до граѓанството, партија чија политичка програма ќе произлезе од потребите на граѓаните.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin