Прес-конференција: Уставниот суд да ја заштити државата од импровизациите на СЈО

DSC_476404.02.2016 година

Досегашната работа на Специјалното јавно обвинителство, беше повод претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски, денес да одржи прес конференција. Пред присутните медиуми тој изјави дека ГРОМ уште на самиот почеток како политичка партија укажуваше дека Специјалното јавно обвинителство е поставено наопаку, спротивно на Уставот и на Законот за судство.

– Секоја нова недела.,СЈО се повеќе се заплеткува во сопствената импровизација, и не само тоа, туку ваквата импровизација, полека  но сигурно тоа  се претвора во политичка институција. Со тоа СЈО и прави огромна штета на државата Македонија, рече лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

– Најпрво Зоран Заев и СДСМ се обидоа со монтирани снимки да ја урнат власта во Република Македонија.Тоа очигледно не им успеа. Сега сценаристите на овој трилер се обидуваат да го „разбудат мртовецот“ со истиот метод, овој пат, преку Катица Јанева. Лани со монтирани снимки, сега со монтирани сведоци, народски кажано кодоши, изјави првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Понатаму, Јакимовски отворено ги праша оние кои ја востановија оваа импровизација од обвинителство, дали повторно Република Македонија ќе ја преживува 1948 година, и ќе има нов информировски процес, кога со еден кодош се одело пет години на Голи Оток?

– Госпоѓо Јанева, дали сте свесни дека со вашите импровизации и заземање страна го девалвирате обвинителството, судството, а над се го изневерувате народот. Тој од вас очекуваше да застанете на страната на вистината, дали некој лаже, некој некого мести, некого злоупотребува или работи чесно? Ваквата вистина нема граѓанин во Република Македонија кој не сака да ја дознае, без оглед на политичката, верската или етничката припадност, потенцираше Стевчо Јакимовски.

На крајот, метафорички споредувајќи ја политичката состојба во Македонија со играње и бркање на ,,партизани и Германци низ шумата Македонија’’, претседателот на ГРОМ го повика ,,шумарот’’ да ги растера, односно Уставниот суд на Република Македонија да ја презеде контролата во свои раце.

– Господа уставни судии, не дозволувајте веќе никој со оваа држава да брише под. Не бидете поголеми политичари од нас политичарите. Пред вас е нашата светост Уставот на Република  Македонија, препрочитајте го, донесете одлука и се што е противуставно да си оди таму кај што дошло, порача лидерот Јакимовски.