Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ЧУВАРИТЕ НА ЦРНО-БЕЛИОТ ПОРЕДОК

Проф. Д-р Зоран Т. Поповски

Во оваа наша ѓоа демократска Македонија не може ништо ново да се појави, а при тоа да нема потсмевање или навредување. Па и во случајот на појавата на нов субјект на политичкиот центар ситуацијата не е ништо поарна. Ама како што викаат старите „да сме живи и здрави, па да видиме“.

Своевремено Алекс Хејли го креираше „новиот прекрасен свет“ во кој се беше испланирано. Дури и бројот и типот на луѓето кои ги создаваше фабриката за ембриони во која имаше линија за алфи, ама и за омеги. Така и нашиов политички црно-бел свет се „штити“ со некакви слични чувари на поредокот.

ПОТЦЕНУВАЊА

Го гледам вчера Миленко кабаре шоу кое заради недоветноста на авторот и не го следам баш редовно, ама темава некако ме заголицна, па се реков „ајде да видиме што претстава ќе ни направи екипата на тема ТРЕТ ПАТ. Знаејќи го демократскиот капацитет на домаќинот не очекував некоја негова спектакуларна граѓанска трансформација, ама си велам ајде белким муабетот ќе биде пограѓански. И почетокот ветуваше.  Гиш низ нему својствена игра на зборови не воведе во теоретските постулати на граѓанското општество. Да се разбереме. Немам намера да ја прераскажувам емисијата, туку да ве потсетам драги читатели како една убава идеја да се прозбори за разноликост и за поголем избор, се претвори по кој знае кој пат во глорификација на актуелната власт и нејзините постигнувања од една страна и во безочна дисквалификација на другото. Миленко на таа тема си најде одличен соговорник во некој поранешен пратеник за кој третиот пат е нешто непостоечко, а секој кој се обидува да прооди по него  го третира како слеп патник. Се разбира тој дијалог беше убаво зачинет со бројни потсмевања и конструкции кои ја урнисаа замислената дебата за трет пат. Мала лекција по практична граѓанска демократија ни одржа единствената дама во емисијата, ама за нејзините ставови околу третиот пат кај граѓаните од албанска националност во Македонија, во некоја друга прилика.

НАВРЕДИ

Apropos оваа тирада од дебата за трет пат, пред некој ден добив линк од текст на еден од младите јуришници на „реформираната“ опозиција во која се нафрла врз обидите за создавање на трета опција. Ако дел од учесниците во споменатата дебата воглавно се користеа со потценување и омаловажување, овој надежен колумнист во текстов го карактеризира невидена бруталност на пишаниот збор. Не знаејќи ја или заборавајќи ја вистината за расколот во опозицијата пред локалните избори, истура арсенал од отровни стрели кон лидерот на третиот пат. Цитирам „Стевчо и ГРОМ се само уште една од конструкциите и инсталациите на ДПМНЕ, користени да ја реализираат агендата која власта ќе им ја диктира. Е, сега, откако Громот удри по Отпорот, откако власта си направи опозициона партија (нешто слично на позитивците на Бучко и Зиков), со која би ги легитимирала следните недемократски избори, сега, ГРОМОТ мава директно во актуелизирање на темата за предвремени избори.“

Ајде сега да ве потсетам драги читатели на вистината за локалните избори од пред неколку месеци. Целата оваа канонада од младиот колумност е затоа што некој се одважил да го направи тоа што во тие мигови го мислеа најголем дел од опозициските симпатизери, а го направија со двонеделно задоцнување. Впрочем, времето покажа дека одлуката навреме да се излезе на локални избори и така да се продолжи со борбата против режимот не беше пукнатина туку прозорец во „бетонскиот“ отпор. После сите премрежија, туку-така се омаловажува единствениот политички булдожер кој покажа сила уверливо да ја прекине оваа агонија на Македонија. Во првиот круг на колена паднаа и СДСМ и ВМРО, кои заедно имаа малку повеќе гласови од него, а во вториот круг настрада генералниот секретар на СДСМ. Во кампањата, а особено по поразот СДСМ-овците просто се натпреваруваа во исмејувањето и навредувањето. Како да заборавивија дека по овие локални избори ќе треба да се мобилизира се што може за да се урне оваа власт. И наместо тоа, суетата пак проработи. Ѓомити Стевчо и неговите истомисленици се главната причина за дебаклот на овие избори. Никако да ѕирнат во сопствениот двор и да си ја признаат вината. Со касното излегување и тотално неподготвени на избори низ вода пуштија десетина сигурни градоначалници кои по жешкото работно лето веќе изградија имиџ на добитници кај граѓаните. Сега пак виновникот за ова биле „кршачите“ на бетонот, па затоа ни по изборите не сакаа да соработуваат.

Сепак, морам да признаам дека ваквата стрелба не ме изненади. Тоа само ја потврдува инфекцијата која ја зафати опозицијата наречена „нихилитис“. Ништо не чини, ние сме најпаметни. Дури и промената на партиското кормило не го промени овој однос на опозицијата кој ги иритира неутралните граѓани, а нив очигледно ги носи од пораз во пораз.

СТРАВ

Да не заборавиме дека третиот пат „соодветно“ се третира и од страна на партиите на албанските граѓани во Македонија кои преку своите медиумски мегафони ги распнуваат своите сограѓани од иста националност како да се црни ѓаволи. И зошто? Затоа што во Македонија гледаат граѓанска држава во која независно од наследените и стекнати разлики (етничка припадност, вера, пол, возраст и занимање) треба да живееме заедно и подобро.

И кога гледате неутрално на овие потценувања од една страна и навредувања од друга страна кон обидите за обојување на црно-белата, а најмногу сива политичка реалност во Македонија, изгледа како да се оркестрирани. Се разбира, не верувам јас во вакви заговори како што младиот колумнист сака да верува алудирајќи дека третиот пат е во стварност спореден пат на актуелниот режим. Очигледно и црната и белата страна (којзнае која е која) се во паника од можноста да мора изборниот „колач“ да го делат со некој нов играч на политичката сцена.

Ги замислувам овие „демократски“ касапи како оние двајца дежурни мрчатори и сеирџии Статлер и Валдорф кои мирно си седат на балконот од Мапет шоу и ги навредуваат и исмејуваат сите учесници во шоуто. За жал наместо Кермит, Пиги, Гонзо и другите мапетовци, сега во нивното шоу играат граѓаните во Македонија на кои им е преку глава од тортури, од безочно трошење на нивните пари, ама и од плукање и плачење.

ПС: Почитувани читатели, стремејќи се секогаш да го презентирам својот став, а не да го интерпретирам туѓиот, ви се извинувам што во оваа пригода неколку пати се повикував на туѓи изјави и писанија. Меѓутоа, без нив немаше да можам да ви ја доближам оваа атмосфера на стигматизирање на обидите за плурализација на политичкиот простор во Македонија. 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin