МАКЕДОНЦИТЕ ГО ПОДДРЖУВААТ КОНЦЕПТОТ НА ГРОМ

Кликни за фотогалерија24.04.2014 година

Во еден од своите најинспиративни говори, претседателот на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, ги охрабри сите граѓани кои присуствуваа на вечерашниот митинг, кој го одржа коалицијата ГРОМ во општина Центар. Во таа насока, лидерот на третата политичка опција им понуди избор на сите луѓе, на кои им недостасува слободата за непречено изразување на сопствениот став.

– Можеби најголемиот недостаток во нашата држава е нарушениот политички плурализам, каде поентата е секој поединец да има право на сопствен избор, ослободен од притисоците на доминантната политичка партија. Можноста за слободно изразување на волјата на поединецот е основното начело и придобивка за која сите заедно се определивме по референдумот за самостојност на Република Македонија. Денес, граѓаните се соочуваат со најжестоки притисоци, без право на избор по сопствено убедување. За ваква Македонија ли се залагавме – низ реторичко прашање се обрати Јакимовски.

Тој посочи на аномалиите со кои се справува нашата земја и воедно понуди конкретни решенија, за проблемите кои ги тиштат граѓаните.

– Пред се, нам ни се потребни стабилни институции и децентрализација на власта во вистинска смисла. Како нова политичка опција, се залагаме за стратешко планирање, во поглед на сразмерно трошење на буџетските средства. Тоа подразбира пренасочување на повеќе пари во стопанството, за сметка на трошоците во администрацијата и други нестопански инвестиции. Нам ни е потребна функционална демократија и ефикасен модел на пазарна економија, која навистина ќе го стимулира растот и развојот на стопанството. Ефектот од тие мерки би бил креирање на нови работни места и подобрување на животниот стандард на сите наши сограѓани – додаде првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Пред жителите на општина Центар се обрати и претседателскиот кандидат на коалицијата ГРОМ, Зоран Поповски, кој отворено порача дека Граѓанската опција не е приврзок на владеачката партија, туку автономно донесува одлуки кои произлегуваат од потребите на сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка или верска припадност.

-Државните институции за жал се трансформираа во антипод на тоа што треба да бидат. Комисијата за борба против корупција, се претвори во комисија за заштита на корупцијата. Државниот обвинител ги премолчува сите оние случаи кои се веќе објавени во јавноста – забележа Зоран Поповски.

Тој посочи дека ГРОМ има ефикасен рецепт за корекција на сите овие негативни трендови кои ги нишаат темелите на стабилноста на македонското општество.

– Како партија предлагаме, тие органи кои треба да бидат баланс и контрола на извршната власт, секогаш да се наоѓаат во рацете на парламентарната опозиција. Тоа се Комисијата за заштита од корупција, Државното обвинителство и Уставниот суд. Затоа ве повикувам, заедно на 27. април да им дадеме до знаење на власта и опозицијата, дека не сме задоволни од нивните меѓусебни пресметки чии последици ги чувствуваме сите ние – додаде Поповски.

Во рамките на денешниот митинг, пред центарци се обратија и претседателот на Општинската организација на ГРОМ од општина Центар, Слободан Илиевски и кандидатот на листата за пратеници од коалицијата ГРОМ во ИЕ 1, Катица Ристовска.

– Нашиот мотив да влеземе во политиката е да донесеме позитивни и суштински промени во Македонија. Нам ни е потребна сила која ќе ги обединува и ќе работи во корист на сите граѓани. Како и останатите храбри луѓе, го препознавме и го поддржуваме концептот на ГРОМ и ќе работиме на визијата, од нашата држава да создадеме достоинствен дом во кој ќе живеат горди луѓе – истакнаа обајцата функционери на Граѓанската опција за Македонија.