Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ „ЗГРМИ“ ВО АЕРОДРОМ!!!

Кликни за фотогалерија09.04.2014 година

Ниту силниот ветер, ниту поројниот дожд не беа доволнa причина храбрите  симпатизери на ГРОМ и жители на Аеродром вечерва, 9 април 2014 година, да не го проследат митингот на Граѓанска опција за Македонија во ТЦ „Бисер“. Пред многубројната публика, прв својот поздравен говор го одржа претседателот на Српската напредна странка во Македонија, Драгиша Милетиќ, кој им порача на аеродромци дека ГРОМ треба да покаже сила и позитивна енергија во изборната единица број еден.

– Оваа опција ја поддржуваат сè повеќе граѓани и сè повеќемина се вдомуваат во ГРОМ затоа што ние не сме еднолични. Овде членуваат и Македонци, и Срби, и Албанци, и Роми, и Турци, и Босанци, и Црногорци, и Хрвати, и Словенци и многу други. Нашиот лидер го стори она што цели 24 години не можеше никој да го стори, а тоа е сите да сме заедно, да живееме сложно и да се чуствуваме слободни и сигурни. И затоа не случајно се вика „ГРОМ за сите дом“ – заврши Милетиќ.

На неговите зборови се надоврза и претседателот на Сојузот на Титовите леви сили, Слободан Угриновски, кој порача дека овој народ треба да има влада од која граѓаните нема да се плашат да го истакнат своето мислење и нема да шепотат.

Гордо и уверливо, пред своите жители, носителот на листата за изборната единица број еден, Чедомир Саздовски, ги поздрави своите „комшии“, како што ги нарече тој.

– Главна наша преокупација ќе бидат политиките и предлог-законите кои ќе произлегуваат од пратеничката група на ГРОМ и посебно ќе се залагаме за слобода на личен избор, создавање на правилно општество за сите граѓани. Истакнување на поединечни квалитети за секој граѓанин, почитување на резултатите од работата и нивно вреднување, развивање на хуманизам и поддршка на младите во нивниот развој. Слобода, социјална правда и солидарност меѓу граѓаните, интегритет и идентитет, како и чесност и праведност за секој граѓанин, се заложби на ГРОМ. Неуморно ќе работиме на одржување и континуирано поттикнување на граѓанскиот концепт на нашата држава, но затоа со голема почит ја бараме вашата поддршка за победа на овие избори – рече Саздовски.

Кликни за фотогалерија

Многубројните млади громовци кои присуствуваа на овој митинг, низ зборовите на својот лидер, Бојан Велевски, ја потврдија исправноста на визијата на третата опција за Македонија. Претседателот на Форумот на млади ја пренесе сета позитивна енергија на симпатизерите и порача дека слоганот на младината на ГРОМ, „Љубов плус млади е еднакво на иднина“, во третата опција навистина се практикува.

– Сведоци сме на првите љубовни искри меѓу младите, зборуваме за вистински пријателства, единство, затоа што ќе видите како млади Македонци и млади Албанци седат еден до друг и разговараат, ќе видите млади Албанци и Срби гушнати како пеат македонска изворна песна. И кога ќе го соберете сето тоа, ќе видите дека љубовта плус единството даваат иднина. ГРОМ со ваква младина не треба да се грижи за својата иднина, туку треба да биде сигурна во својата иднина – рече Велевски.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ, проф. д-р Зоран Поповски, и официјално се претстави пред жителите во Аеродром. Тој топло ги поздрави присутните кои и покрај ветрот и дождот дојдоа да го слушнат најсериозниот кандидат за претседател на Република Македонија.

– Надежта ќе го надмине стравот, единството ќе ги замени сите овие недоразбирања што ни се случуваат во последно време. Сакаме да донесеме свежина во политичкиот простор на Македонија – го почна своето обраќање Поповски. Тој подвлече дека ќе се залага за заедништво, ама не само декларативно.

– Ќе се залагам Македонците, Албанците, Рoмите, Турците, Србите, Хрватите, Босанците да живеат едни со други, а не едни покрај други. Да почнеме да се препознаваме, да си ги знаеме обичаите и навиките, да си ги препознаваме традиционалните вредности и преку нив да се зближуваме. Македонија ќе ја развиваме како демократска земја преку развивање на вистински политички дијалог, чијшто модератор ќе биде претседателот на државата. Сакам да ги отвориме медиумите за позитивна информација, а не за постојани препукувања на кои сме сведоци секој ден – истакна Поповски и додаде дека ќе биде претседател кај кој секој граѓанин ќе може да се обрати и да побара помош.

„И да врне и да вее и бура да коси, ГРОМ добри вести ви носи“, со моделиран, на сите добро познат стих, го почна својот поздравен говор лидерот на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски.

– ГРОМ се пробива меѓу два големи политички блока: оној на Социјалдемократскиот сојуз, кој има 11-12 коалициони партнери, и оној на ВМРО-ДПМНЕ, која има дури 24. Ние успеавме, ја пробивме нашата граѓанска вистина затоа што ГРОМ најдобро ги чувствува потребите и проблемите на граѓаните на Република Македонија. Нашата единствена цел е да им помогнеме на граѓаните, да ги процениме нивните вистински вредности, да не им го одвлекуваме нивното внимание. Нам ни се важни граѓаните и како тие се чувствуваат. ГРОМ смета дека други вредности во оваа држава се битни, дека државата не се прави со лопата. Ако беше така, тогаш на овие говорници требаше да стојат градежни работници – рече Јакимовски.

Според лидерот на ГРОМ, во Македонија мора да се поттикнува цивилното општество и мора да постои функционална пазарна економија за да се постигнат вистински инвестиции и вистинска конкурентност на пазарите.

– Во Република Македонија мора да имамe правен систем кој ќе важи за секого и ќе важи секаде. Недозволиво е во оваа држава седум пати да се менува законот за јавни набавки за само пет години, 11 пати да се менува законот за градба, 10 пати да се менува законот за работни односи и многу други непромислени работи – истакна Јакимовски. Лидерот на коалицијата зборуваше и за политиката што треба да се води во однос на земјоделството за тоа да ја доживее својата вистинска експанзија и да престане да биде екстензивно.

– Ајде да го укинеме ДДВ-то на опрема и резервни делови, ајде да го олесниме животот на земјоделците и да ги намалиме акцизите за нафта и семенски материјали. ГРОМ сака да им соопшти на сите граѓани, дека ако освоиме доволен број пратеници за учество во Владата на Република Македонија, прв услов за партиципација во власта ќе биде да се намалат казните. Нема влегување во Влада ако не се намалат казните, ако граѓаните не живеат послободно, ако не одлучиме сериозно да се соочиме со криминалот – порача лидерот на коалицијата ГРОМ.

Јакимовски, освен на перспективноста на ГРОМ, се осврна и на своите политички ривали.

– Ние го имаме најдобриот претседателски кандидат и секој ден граѓаните го осознаваат тоа. Тоа го дознаа и Иванов и Пендаровски, по што првиот се откажа од натамошни соочувања веќе по првиот ТВ-дуел, а другиов – по вториот. А убаво им понудивме на СДСМ да одиме со единствен, заеднички кандидат, професор д-р Зоран Поповски, но тие нè упатуваа да сме се обрателе до ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е само уште еден доказ дека упорно водат погрешни политики. И продолжуваат со таа практика. Мртвите партии, како ЛДП и НСДП, ги честат по три партенички места, а своите луѓе ги селектираат и отфрлаат. Јас гарантирам дека една од тие партии до септември ќе прејде во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, практично, значи дека уште сега СДСМ ја чести ВМРО-ДПМНЕ три пратенички места. И покрај сè, тие упорно не знаат дa изберат кој им е пријател, а кој непријател и наместо во Груевски, непријател гледаат во ГРОМ. Ни ги кршат штабовите, ни ги кршат ветробраните, ни ги сечат гумите на возилата, но не можат да нè спречат на патот до успехот. Граѓаните тоа го знаат и препознаваат – поентира Јакимовски.

Тој додаде дека во оваа изборна единица, Граѓанската опција за Македонија ќе освои повеќе пратенички места, дека тука ќе биде „нашата ударна тупаница во цела Република Македонија“ и дека оттука ќе тргне сè што треба понатаму да се рашири за доброто на сите граѓани на земјава.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin