И ЛИБЕРАЛНА – ДЕЛ ОД КОАЛИЦИЈАТА ГРОМ

И ЛИБЕРАЛНА - ДЕЛ ОД КОАЛИЦИЈАТА ГРОМДенеска, 28 март 2014 година, претседателот на Граѓанска опција за Македонија и лидер на коалицијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, и првиот човек на Либералната партија, Ивон Величковски, одржаа конференција за печат по повод приклучувањето на Либералната партија кон коалицијата ГРОМ.

На конференцијата, на која присуствуваа и претседателите на останатите три партии што се дел од коалицијата ГРОМ, лидерот Јакимовски подвлече дека придружувањето на Либералната партија е резултат на претходната соработка, како и на успехот на претходните локални избори.

– Коалицијата ГРОМ се шири. Покрај Сојузот на Титови леви сили, Српската напредна странка во Македонија и Сојузот на слободни демократи, денеска на коалицијата ГРОМ ѝ се приклучува и ЛП. Со оглед на нашата претходна соработка, а и на фактот што моите корени се од Либералната партија, констатирам дека сите со задоволство ја прифатија оваа коалиција – рече Јакимовски.

Претседателот на Либералната партија, пак, Величковски, додаде и дека совпаѓањата на партиските програми и идеологија, е тоа што овозможува ЛП да стане дел од оваа коалиција.

– Имајќи го предвид изборниот модел, како и тоа што нашите програмски заложби се ориентирани кон центарот, сметаме дека на овој начин најдобро ќе придонесеме за соодветна изборна атмосфера и за поширока понуда за граѓаните, особено ако се има предвид дека токму граѓанска опција ѝ е најпотребна на Македонија во моментов – рече Величковски.

На новинарско прашање зошто ЛП не го поддржува кандидатот на СДСМ иако до неодамна беше во коалиција со таа политичка партија, Величковски одговори дека смета дека потребата за обединување на политичкиот центар е токму тоа што ѝ потребно на земјата. Новинарите се интересираа и за актуелните случувања во ГРОМ и за дезинформациите во медиумите за одлив на партиското членство, на што Јакимовски одговори дека не станува збор за одлив на членство туку за отстранување на членови кои со своите квалификации како личности ѝ наштетуваат на партијата односно на нејзиниот рејтинг.