Централен митинг на коалицијата ГРОМ во Кичево

Централен митинг на коалицијата ГРОМ во КичевоМАКЕДОНСКИОТ  ПРОСПЕРИТЕТ  ЗА  ГРОМ Е ПРИОРИТЕТ

Претседателскиот кандидат на коалицијата ГРОМ, Зоран Поповски, на вечерашниот митинг во центарот на Кичево, испрати силна порака до своите сограѓани. Тој најави дека има сигурно решение за негативниот тренд со кој се соочува нашата земја – масовната миграција  на младата популација надвор од својата татковина.

-Еден од најголемите проблеми со кои се соочува Македонија е таканаречената бела чума. Имено, младите ги напуштаат своите родни огништа, затоа што едноставно, тука не ја гледаат својата иднина. Јас како претседател ќе иницирам конкретни предлози и решенија, за да ја изградиме економската, политичката и социјалната стабилност кои ќе го вратат просперитетот во земјава. На тој начин ќе ги задржиме младите во Македонија, каде што непречено ќе можат да ги реализираат своите амбиции и креативен капацитет – истакна Поповски.

Пред кичевчани се обрати и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ги посочи програмските цели  на неговата партија.

-Маката на нашиот народ е немаштијата, а нé национализмот. Токму затоа ја основавме оваа партија. Нашата мисија е да ги обединиме сите граѓани околу нашата заедничка визија за подобра Македонија. Можам да ви ветам дека ќе формираме поефикасно судство, ќе се залагаме за развој на економијата и стопанството, слобода на медиумите и  стабилни институции како основен столб на секое демократско општество . Јас сум човек кој не сака поделби, јас сум човек кој сака да сплотува – објасни Јакимовски.

На денешниот митинг, говореа потпретседателката на ГРОМ Мавие Мехмети, претседателот на СНСМ Драгиша Милетиќ, како и претседателот на ОО ГРОМ – Кичево,  Анто Трајаноски и членот на ФОМ ГРОМ – Кичево, Кристина Костовска. Во своите излагања пред присутните поддржувачи на граѓанскиот концепт, тие изведоа заеднички став – дека во коалицијата ГРОМ има место за сите граѓани кои ја сакаат демократијата и имаат визија и храброст за формирање на современо европско општество.

Кликни за фотогалерија