ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАНДИДАТ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГРОМ МЕЃУ ТЕТОВЦИ

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАНДИДАТ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГРОМ МЕЃУ ТЕТОВЦИВечерва, 25 март 2014 година, граѓани на Тетово, членови и симпатизери на Граѓанска опција за Македонија, имаа можност да поразговараат со претседателскиот кандидат на ГРОМ, проф. Д-р Зоран Поповски, лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, и со потпретседтелот на ГРОМ, Горан Анчески.

Потпретседателот на партијата, Анчевски, на своите сограѓани им ги претстави претседателот на ГРОМ и претседателскиот кандидат, а лидерот Јакимовски зборуваше за целите на патријата и за идејата за формирањето на ГРОМ.

– Наша предност е тоа што како мултиетничка партија ја одразуваме Македонија во целост, почнувајќи од нашата потпретседателка, Мавие Мехмети, која е Албанка, па до членовите од албанска, ромска, влашка, турска, српска етничка припадност. Ние се формиравме за на граѓанството да му понудиме нова, трета опција, а тоа е на овие избори коалицијата ГРОМ – рече Јакимовски.

Јакимовски говореше и за економските заложби на Граѓанска опција за Македонија, за идеите на планот на енергетиката, за децентрализацијата, земјоделството, но и за актуелната политичка состојба во Македонија.

– Длабоко сум убеден дека на овие избори ГРОМ ќе им го наруши спокојството на властодршците, но и ќе им ги измеша картите на опозиционерите. Но, тоа е добро за демократските процеси во Македонија, а покрај тоа знам и верувам во тоа дека на Македонија ѝ нудиме квалитетен кадар за претседател на земјата – истакна Јакимовски.

Кандидатот за претседател, пак, Поповски, им ги претстави на тетовци своите замисли за тоа како треба да се извршува високата функција претседател на државата.

– Мојата цел, ако станам претседател на државата, не е и нема да биде да им се допаднам на Европејците, туку на граѓаните на оваа земја. Јас ќе бидам нивни мегафон, ќе се потрудам да иницирам што повеќе јавни дебати за теми кои ги засегнуваат директно интересите на граѓаните – го изрази својот став претседателскиот кандидат на ГРОМ.

Тој, покрај тоа, истакна и дека македонското општество предолго се занимава со историја, наместо со иднината и во таа смисла смета дека Македонија не смее да отстапи од своето име и од својот  идентитет. Поповски зборуваше и за претседателските ингеренции во социјалната сфера на општественото битисување и во тој поглед истакна дека планира да биде заштитник на правата и слободите на граѓанството.

– Тетово е мултиетничка средина, слична на скопско Тафталиџе каде што сум израснал и живеам и јас,  и свесен сум дека проблеми постојат, но ако меѓусебно се запознаеме, верувам дека можеме да научиме да живееме едни со други, а не едни покрај други – поентираше на крајот  Поповски.

На крајот од средбата, граѓаните на Тетово му ги посочија на раководството на ГРОМ проблемите од секојдневите, со кои тие се соочуваат во својот роден град, како што се водоснабдувањето, загаденоста на градот… На нивните поплаки реагираше лидерот на партијата, кој истакна дека е небулозно во главниот град да се инвестираат милиони евра во споменици, кога еден голем град како Тетово, но и како други помали градови во Републикава, сè уште нема решенија за основните потреби на граѓаните.

Кликни за фотогалерија