47. Основачко собрание на Општинска организација на ГРОМ

47. Основачко собрание на Општинска организација на ГРОМЗА­ИСК­РИ ГРОМ И ВО КАР­БИН­ЦИ

Христе Гигов вчеравечер, 23 март 2014 година, стана прв претседател на Општинската организација на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ од Карбинци. На Основачкото собрание на ОО на ГРОМ во оваа источномакедонска општина беше избрано и потесното раководство, при што за секретар беше назначен Николче Драгиев, за заменик-претседател беше избран Усеин Хусеин, за претседател на ФОМ ГРОМ – Карбинци беше изгласан Мартин Левков, а Радица Костадинова, според одлуката на присутните членови, ќе го раководи Форумот на жени на оваа општинска организација.

Новоизбраниот претседател топло ги поздрави своите сопартијци и им се заблагодари за укажаната чест и доверба, но и истакна дека за него од моментот на назначувањето цел ќе биде застапувањето за интересите на сите граѓани на Карбинци, без оглед на нивната етничка, верска или партиска припадност.

Карбинчани со особено задоволство го проследија и обраќањето на првиот човек на партијата, Стевчо Јакимовски, кој свечената пригода ја исползува за и на членовите на Граѓанска опција за Македонија од оваа општина да им ја соопшти веста за предизборната коалиција на партијата, во која под заедничкото име ГРОМ ќе настапат и Српска напредна странка во Македонија, Партијата на слободни демократи и Сојузот на Титови леви сили.

– Секој оган почнува со само една искра! Вечерва овде заискри ГРОМ, почнува да чади оџакот на нашата куќа, но сигурен сум дека на 13 и на 27 април ќе пламне нашата идеја и граѓаните ќе ја препознаат и ќе ја почитуваат – низ метафора порача лидерот Јакимовски.

Тој за членството на партијата детално ја образложи партиската платформа, особено задржувајќи се на земјоделството зашто, како што рече, тоа е една од основните стопански гранки што обезбедува егзистенција на населението во тој дел од Македонија.

– Источномакедонскиот регион, во споредба со цела поранешна Југославија, е најзаостанат, најсиромашен. Ова го кажувам со жалење, но точно е.  А точно е зашто наместо да се вложува овде во инфраструктура, во мелиорација, во нешта што ќе им го подобрат животот на граѓаните, се истураат милиони евра на еден квадратен километар во Скопје. ГРОМ е против тоа! ГРОМ смета дека сите граѓани на Македонија треба и заслужуваат да имаат исти или барем приближно исти услови за живеење, за работа, за спортување, за културна надградба, за образование… – истакна Јакимовски.

Претседателот на  Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ, за крај на Основачкото собрание, им порача на карбинчани дека ниту едни избори не се и не биле лесни, но со труд и со сложност можно е да се направи пресврт на политичката сцена и во оваа општина ГРОМ да го заземе местото што го заслужува.

Кликни за фотогалерија