СНСМ, ПСД И ТИТОВИ ЛЕВИ СИЛИ ЗАЕДНО ВО КОАЛИЦИЈАТА ГРОМ

СНСМ, ПСД И ТИТОВИ ЛЕВИ СИЛИ ЗАЕДНО ВО КОАЛИЦИЈАТА ГРОМСтевчо Јакимовски, Драгиша Милетиќ, Слободан Угриновски и Кире Гештаковски денеска, во хотелот „Карпош“, официјално ја обзнанија својата предизборна коалиција за претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори.  Пред самиот старт на изборната кампања тие ја потпишаа и усвоија Декларацијата за заеднички настап на претседателските и предвремените парламентарни избори 2014 година и за формирање на коалицијата ГРОМ.

По тој повод лидерите на четирите партии, по свечениот чин на потпишувањето на Декларацијата, одржаа конференција за печат.

– Денеска ја обзнануваме коалицијата ГРОМ, составена од Граѓанската опција за Македонија, Српската напредна странка во Македонија, Сојузот на Титови леви сили и Партијата на слободни демократи. Ова е практично третата опција во Македонија, а станува збор за партии што веќе имаат заедничко искуство од минатите изборни циклуси. Имајќи предвид дека и досега сме работеле во интерес на граѓаните на Македонија, очекувам дека и понатаму ќе продолжиме во истиот правец.

Мислам дека од голема важност е да кажеме дека разговараме и со други политички партии и невладини организации кои очекуваме да ѝ се приклучат на коалицијата. За нас е значајно што на овие избори ќе настапуваме под едно коалициско име, односно коалиција ГРОМ – рече лидерот  на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, пред претставниците на медиумите.

Според официјалниот документ на Декларацијата, соработката на партиите ќе биде заснована на долгорочен план, со меѓусебна почит, врз база на демократски принципи, со јасно утврдени цели каде граѓаните на Република Македонија се во прв план, без разлика на нивната етничка, религиозна или друга припадност.

Изјава за медиумите даде и претседателот на Сојузот на Титови леви сили, Слободан Угриновски, кој истакна дека партијата пронашла идеолошки совпаѓања во коалицијата ГРОМ и изрази очекување дека оваа коалиција ќе постигне значителен успех на изборите што следуваат.

Според изјавата на лидерот на Српска напредна странка во Македонија, Драгиша Милетиќ, оваа коалиција не е изненадување.

– Ние остануваме доследни и понатаму продолжуваме во коалицијата ГРОМ зашто во поглед на националноста и верската припадност, оваа опција им носи добро на сите граѓани. Конечно, се роди вистинска опција која доследно ќе ги претставува сите граѓани на Македонија – рече Милетиќ.

Кире Гештаковски, претседателот на Партијата на слободни демократи, пак, истакна дека има повеќе причини за приклучувањето на ПСД на коалицијата ГРОМ.

– Имаме одлични позитивни искуства од коалицирањето на минатогодишните локални избори, но и идеолошките определби ни се речиси идентични. Сметаме дека се приклучуваме кон една победничка партија, со победнички дух. Најважно од сè, сепак, е Република Македонија еднаш да се ослободи од сенката на двете политички опции и да ја врати на сцената вистинската политика за да се занимаваме, конечно, со вистинските проблеми на граѓаните – подвлече Гештаковски.

На новинарско прашање во однос на составот на листите за предвремените парламентарни избори, лидерот на ГРОМ, Јакимовски, истакна дека тој нема да биде носител на ниту една листа, туку дека ќе остане на позицијата градоначалник на Општина Карпош.

– Сметам дека треба да водиме една доследна политика, да се бориме за тоа што сме им го ветиле на граѓаните. Моја задача на овие предвремени парламентарни избори, како и на претседателските, ќе биде да ја издигнам коалицијата ГРОМ на што е можно повисоко ниво, таа да освои што е можно повеќе гласови. Покрај тоа, сметам дека Граѓанска опција за Македонија и трите партии кои ѝ се приклучуваат имаат доволно кадровски потенцијал за достоинствено да ги претстават граѓаните на Република Македонија – рече Јакимовски.

Кликни за фотогалерија