Иван Чепреганов, прв претседател на Градската организација на ФОМ ГРОМ – Скопје

Иван Чепреганов, прв претседател на Градската организација на ФОМ ГРОМ - СкопјеВО МЛАДИНАТА Е ИДНИНАТА

Вечерва, 21 март 2013 година, се формираше Градската организација на Форумот на млади на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ – Скопје. Во централното седиште на партијата, се собраа претседателите и претставниците  на сите општински организации на ГРОМ од Скопје и под раководство на претседателот на ФОМ – ГРОМ, Бојан Велевски. Вечерва тие го избраа Надзорниот одбор на Градската организација, во состав од три члена, и Градскиот одбор, во кој како членови беа избрани претседателите и претставници на општинските форуми на младината на ГРОМ од Скопје.

За прв претседател на Градската организација на ГРОМ  – Скопје, присутните едногласно го одбраа Иван Чепреганов, кој во својот инспиративен говор посочи дека младината на ГРОМ нема да се состои од лепачи на плакати и нема да биде партиска војска.

– Нашето време допрва доаѓа и преку оваа организација сакам да докажеме дека сме способни да влијаеме позитивно врз секој млад човек. Да покажеме дека сме подготвени да учиме од политичките искуства во овој двегодишниот мандат што ни е доверен, а потоа, веќе искусни, да го преземеме вистинскиот предизвик во водењето кон подобар живот на нашата младина, на нашата партија, на овој народ и на оваа наша држава – им порача Чепреганов на своите сопартијци.

Новоизбраниот претседател на Градската организација на ФОМ ГРОМ – Скопје во понатамошниот тек го презеде раководењето со Основачкото собрание, по што беа избрани потпретседателите на организацијата, Никола Мајнов, Моника Стефановска, Петар Васев и Јоана Србиновска.

Младинците на ГРОМ од Скопје на свечениот чин беа почестени од присуството на организацискиот секретар на партијата, Љупчо Пренџов, кој истакнувајќи дека младината на секоја партија е нејзината авангарда и иднина, ги повика младите секогаш да бидат автентични, но и сложни.

– Граѓанска опција за Македонија за неверојатно краток период формира младинска организација каква што нема ниту една опозициска партија во земјава. Ние се гордееме со нашата младина. Таа е репер за тоа како треба да се организира една младинска организација и тоа до таа мера што и нам, постарите, ни наметнувате темпо на работа. Тоа е тоа што ја прави младината на ГРОМ особена. Таа е нашата движечка сила – истакна Пренџов.

На младите членови на ГРОМ од Скопје им се обрати и претседателот на Градската организација на ГРОМ – Скопје, Александар Трајановски, кој посочи дека тоа што младите ќе го добијат во ГРОМ е слобода на идеите.

– Повеќепати ви беше кажано дека не сте овде за да лепите плакати, а јас ќе ви кажам и зошто. Овде сте зашто Граѓанска опција на Македонија е ново движење за кое идеите, визиите, проектите што можат да ги понудат и што досега ги понудија младите луѓе се целите на ГРОМ – рече Трајановски.

Кликни за фотогалерија