ГРОМ е етничко огледало на Македонија

Зоран ПоповскиКандидатот за претседател на Република Македонија од ГРОМ проф. д-р Зоран Поповски, денес оствари  средба со Австрискиот амбасадор во Македонија, д-р Томас Михаел Бајер. Во едночасовниот разговор, австрискиот амбасадор се интересираше за програмата и стратегијата на претседателскиот кандидат на Граѓанската опција за Македонија-ГРОМ на претстојните претседателски избори.

-ГРОМ, рече во ова прилика  кандидатот Поповски, е етничкото огледало на националното ткиво во Македонија. Во оваа партија се застапени сите етнички заедници, па покрај Македонците во највисоките партиски структури се и Албанците претставени преку потпретседателката на партијата Мавие Мехмети, потоа членови и функционери од турската, српската, ромската заедница. Таа етничка колоритност се покажа и неодамна, при собирањето на потписи за кандидатурата за претседател, при што од 10.600-те потписи кои беа собрани за 18 часа, над 600 потписи  беа од граѓани  Албанци, 300 Турци и од сите етникуми, рече Поповски спомнувајќи ја шеговитата алузија која се прикажува  меѓу членовите на ГРОМ, дека Поповски всушност е консензуалниот кандидат на граѓаните од цела Македонија, а не само на две политички партии.

Тој исто така навести дека има намера да има позитивен пристап во кампањата без навредливи зборови за противкандидатите.

Во размената на мислења со австискиот амбасадор д-р Бајер, беа отворени и прашањата за етничката стабилност во Македонија, како еден од клучните столбови на програмата на претседателскиот кандидат на ГРОМ, рамноправната застапеност, каде Поповски нагласи дека ќе се залага, доколку стане претседател на државата, во неговиот кабинет да има претставници од различни етнички заедници, но и од опозициските партии. Мултиетничкиот карактер на нашата држава, рече кандидатот на ГРОМ, е нашата додадена вредност, а не недостаток.

Коментирајќи ги клучните прашања околу односите со соседите тој рече дека во тој поглед мора да запрат провокациите и дека ако се спушти тоналитетот и соработката на едно ниво пониско од политичкото, во сферата на спортот, на културата, тогаш ќе најдеме многу заеднички точки со соседите, врз основа на кои ќе ги градиме идните односи. Така и многу полесно ќе ги надминеме , преку преговори, сите спорни прашања околу името, јазикот и сл. Поповски и Бајер се согласија дека во развој на добрососедските односи многу голема улога има образованието и севкупниот едукативен процес и треба интензивно да се вложува во неговото осовременување.

Конечно претседателскиот кандидат на ГРОМ стави нагласка на граѓанската опција, односно ставање на граѓанинот во центарот на политичкото милје во Македонија, а тој како претседател би бил вистински мегафон на сите граѓани, вклучително на оние од помалите партии кои не се застапени во Парламентот.