ГРОМ е ас во ракавот на граѓаните

Кликни за фотогалерија - Основачко собрание на ОО на ГРОМ – РесенФормирана ОО на ГРОМ – Ресен

„Годинешниве парламентарни и претседателски избори ќе бидат неизвесна игра. Познати се три карти, тие се отворени и јавноста со овие три карти знае на што е. Но, една карта сè уште е затворена, а токму таа ќе одлучи кој ќе победи. Таа карта е ГРОМ! ГРОМ е ас во ракавот на граѓаните!“ Со оваа едноставна метафора, лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, го почна своето обраќање до ресенските симпатизери и членови на ГРОМ, кои вчеравечер, 16 март 2014 година, се собраа на основањето на нивната Општинска организација.

На Основачкото собрание на ОО на ГРОМ – Ресен, присутните делегати за свој прв претседател недвосмислено ја изгласаа Маријана Стефановска, а таква поддршка добија и составите на Општинскиот и на Надзорниот одбор.

Стефановска од срце се заблагодари за дадената доверба и за укажаната чест да ја води оваа општинска организација на ГРОМ, а, покрај другото, истакна и дека беспрегорно ќе се залага за тоа Граѓанска опција за Македонија да стане дел од секојдневието на ресенчани.

– Апелирам, уште овој момент, сите заедно да почнеме да работиме активно зашто работиме за нашата иднина – порача Стефановска.

Свеченото обраќање на претседателот на Граѓанска опција за Македонија беше дочекано со бурен аплауз и со овации. Лидерот на ГРОМ, Јакимовски, повеќе од половина час на членовите и симпатизерите на партијата од Ресен им ја образложуваше партиската платформа, односно целите што ГРОМ планира преку проекти да ги реализира доколку стане дел од власта. Покрај тоа, тој зборуваше и за актуелностите на политичката сцена во Македонија.

– Честопати слушам, велат ГРОМ се прилепил за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е целосна невистина. Тоа се флоскули на СДСМ, кој и по толку долго опстојување на политичката сцена и по толку долг циклус изборни порази и опозиционирање, не научи дека избори не се добиваат со плукање и така што ќе го натераш граѓанинот да  гласа против нешто наместо за нешто. ГРОМ не е ничиј приврзок. ГРОМ е партија што за нецели шест месеци се структуираше дури подобро од многу партии што долго се на политичката сцена во земјава. ГРОМ е партија што за нецели два дена успеа да му обезбеди кандидатура за претседателката трка на својот избраник, проф. д-р Зоран Поповски. ГРОМ е партија што организациски е подготвена за овие избори во секоја смисла и која меѓу своето членство има доволно квалификуван кадар за да има набљудувачи на секое избирачко место во Републикава – истакна Јакимовски пред членовите и симпатизерите на ГРОМ – Ресен.

За крај на својата пригодна реч, претседателот на Граѓанска опција за Македонија, зборуваше и за претседателскиот кандидат на партијата.

– Проф. д-р Зоран Поповски е личност од чија кандидатура ГРОМ во ниту еден момент нема да се засрами. Напротив, ние се гордееме што меѓу нас имаме човек како Поповски, кој со својот интелект, професионалност, искуството и со својот морален интегритет може само да биде пример за тоа каков човек треба да се кандидира за претседател на држава – подвлече Јакимовски.