Ѓорѓи Голабоски, избран за претседател на ОО на ГРОМ – Струга

Кликни за фотогалерија - Основачко собрание на ОО на ГРОМ – СтругаНА ОВИЕ ИЗБОРИ ГРОМ ОДЛУЧУВА

„Вечерва во Струга е празник. Се промовира ГРОМ. Јас, како претседател на Општинската организација на Струга, очекувам дека со заедничка работа од ГРОМ ќе направиме респектабилна сила во политичкиот живот на нашиот град. Секоја нова пристапница за нас ќе биде нова победа, сè додека од ГРОМ не направиме победничка опција“. Вака Ѓорѓи Голабоски, информациски технолог и приватен стопанственик, ги поздрави струшките членови и симпатизери на Граѓанска опција за Македонија, кои вчеравечер, 16 март 2014 година, безрезервно го поддржаа во изборот за претседател на Општинската организација на ГРОМ – Струга.

На Основачкото собрание во овој град, едногласно беа изгласани и составите на Општинскиот одбор со 15 члена и Надзорниот одбор со три члена.

Стружани, на свое големо задоволство, имаа можност да го слушнат и свеченото обраќање на лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој им честита за извонредниот избор и им упати апел забрзано да се подготвуваат за претседателските и парламентарните избори пролетва.

– На овие избори, Граѓанска опција за Македонија ќе биде јазичето на вагата. Ние ќе бидеме тие што одлучуваат. И додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема за што повеќе да го вложува својот труд и дека може во секое време да го победи СДСМ, а социјалдемократите, пак, сè уште се надеваат дека на граѓаните ќе им здодее да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и, ете, случајно, ќе го дадат гласот за нив, на политичката сцена се појавува ГРОМ. Е, сега, добро нека размислат дали можат и понатаму на истиот начин да водат кампања и да продолжат со меѓусебното плукање – ја коментира Јакимовски актуелната политичка состојба во земјава.

Претседателот на Граѓанска опција за Македонија на членовите и на симпатизерите на ГРОМ од Струга им ги претстави и визиите и идеите за кои се залага партијата и со кои, како што рече Јакимовски, ГРОМ ќе се обиде на граѓаните да им понуди нешто поинакво, поконкретно во споредба со тоа што го нудат другите политички субјекти од земјава. Тој зборуваше за плановите на ГРОМ на полето на енергетиката, стопанството, земјоделството, образованието, локалната самоуправа и децентрализацијата, здравството, како и на полето на меѓународната политика. Во тој поглед, Јакимовски истакна дека претседателот на државата, како една од клучните фигури во дипломатијата на државата, мора да биде личност со беспрекорна биографија, без ниту една дамка во својата професионална и политичка кариера.

– Токму таков човек е нашиот кандидат за претседател, проф. д-р Зоран Поповски. Во него се обединуваат сите квалитети кои ГРОМ смета дека треба да ги има идниот претседател на земјава. Реализиран и професионално и политички и семејно, тој е човек што сака рафтинг, вози крос-мотор, игра фудбал и кошарка, но ибаво свири и пиано. Над сè, Поповски поседува и високи морални вредности, а тоа е тоа што на Македонија ѝ треба најмногу – заврши Јакимовски.