Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Република: Во центарот мириса на избори

Се погласни се информациите дека во македонскиот политички центар се подготвуваат коалиции

Во центарот мириса на избори И додека високи извори од таборите на инволвираните информираат за конкретни разговори преговори на оваа тема, лидерите на партиите од центарот негираат создавање центристички пакт. Се најдоа и на темата предвремени парламентарни избори, како единствени кои ги посакуваат, но од коалиција нема ни абер, барем декларативно.

Ги подгреаја ли најавите за избори новоформираните партии?

Едно е очигледно, на центарот, дефинитивно, му мириса на избори Стевчо Јакимовски со ГРОМ, Љупчо Зиков и Владо Бучковски со Алијанса за позитивна Македонија и Ивон Величковски со Либералната партија преговараат за коалиција?!

Информацијата за „Република” ја лиферуваше еден од челниците на партиите, а останатите во интервју конкретно ја негираат, ни помалку ни повеќе, како шпекулација. He сака ли центарот предвреме да ги открива своите адути или има какофонија во ставовите? Во оптек е информацијата за преговори за коалиција со ГРОМ и Алијанса за позитивна Македонија, и окрупнување, условно кажано, на центарот на политичката сцена. За едни било прерано за какви и да е преговори, за други коалициите не биле приоритет, за трети вратите се широко отворени за соработка со истомислениците… Разликите се драстични и во самата идеја за консолидација на центарот Јакимовски вели дека тоа е амбиција за која не размислувале, Величковски предупредува дека тоа може да биде блеф за манипулација со средниот слој, a Зиков, напротив, очекува консолидација на центарот, но не открива како. И ГРОМ и Алијансата се подготвени за предвремени избори, можеби и поради опасноста од можна консолидација на СДСМ, на чие членство, иако не признаваат, најмногу алудираат. Инаку, консолидацијата на социјалдемократското семејство, по т.н. преврат и најновите скандали во лидерскиот корпус, се повеќе личи на проектот наречен желба… ДЕМАНТ ИЛИ КРИЕЊЕ НА АДУТИТЕ.

Им ги поставивме истите прашања на тројцата лидери, иако во Алијансата за позитивна Македонија се уште не е познато дали тоа ќе биде Бучковски или Зиков. Како и да е, двете, условно кажано, нови и левоориентирани партии од центарот ги негираат преговорите за окрупнување на центарот и велат дека било пребрзо. На Величковски, пак, очигледно, му годи што сите го ставаат во опција за коалицирање.

ЈАКИМОВСКИ: Многу ми е чудно прашањето! He знам како може на 28 септември да имаме Основачко собрание и наредниот ден да имаме преговори за окрупнување на опозицијата. За жал, ова е чиста шпекулација. ЗИКОВ: He. Во моментот нема такви преговори. ГРОМ официјално почна да живее пред една недела.

Ние како Алијанса за позитивна Македонија им честитаме на основањето. Од друга страна, Основачкото собрание на Алијансата за позитивна Македонија ќе се одржи на 27 октомври. Оттука, се што ќе се слушне во оваа фаза се само случајни разговори и муабети со добри намери. Што се однесува до можноста за коалицирање, Алијанса за позитивна Македонија е отворена за разговори и соработка со сите политички и граѓански иницијативи кои во основа имаат компатибилни идеи и проекти со нашите. Идеи и проекти кои ќе ги решаваат клучните политички и економски проблеми на земјата. Особено проблемите со иселувањето на младото население од Македонија. Најновиот егзодус во редицата егзодуси на македонското население во 20 век. Потоа, отворање нови работни места, големи инвестиции во сите сфери, раст на економијата со минимум 6 проценти секоја година, проекти на рамномерен економски развој на територијата на целата земја, но и проекти на силно меѓуетничко помирување. Оттука, сите што размислуваат вака се добредојдени да седнат со нас и заедно да се обидеме да сториме нешто убаво за нашата татковина.

ВЕЛИЧКОВСКИ: Во нашите органи досега немаме разговарано за прашање за коалиција, и тоа не ни е приоритет. Следствено, за коалиција не сме разговарале ниту со други партии. Фактот, пак, што сите сакаат да коалицираат со Либералната партија е признание дека ИЗБОРИ нашата доследност кон сопствените принципи и понудата само на реалното и потребното ја прави ЛП атрактивна за граѓаните, а не само за членовите. Последна илустрација се нашите ставови за суштински уставни промени, но и нашата платформа во Собранието за интеграциите на РМ во ЕУ и во НАТО и решавањето на спорот за името. За неа молчат сите и досега формираните и новоформираните партии.

КОЈ ЌЕ БИДЕ ЛИДЕР?

Величковски вели дека му е непознато дали и за што преговараат другите две партии. Нашите информации, пак, велат дека главниот проблем во коалицијата би било тоа кој ќе биде лидер. Јакимовски безболно го прескокна болното прашање за лидерство, а Зиков не го „разбра”, но најавува дека набргу токму тие ќе иницираат разговори за соработка, но не и со кого.

ЗИКОВ: Како што кажав, место за разговори има доколку темите се тие што веќе ги опишав. Има и повеќе теми. А и разговорите, па и евентуалните преговори, ќе отворат уште теми и проекти. Алијанса за позитивна Македонија е отворена и подготвена за убави идеи. Веројатно во блиска иднина ќе бидеме и иницијатори на разговори. He го разбирам до крај прашањето за лидерството!? Во секој случај, на Македонија и требаат вистински лидери во многу области. Време е за храброст на овие простори. Време е за потези. Конечно, на македонската политичка сцена е потребно свежина. Нови луѓе, кои во комбинација со успешните, ќе дадат нова вредност. На Македонија и се потребни водачи што ќе ги повлечат вистински потези.

ЈАКИМОВСКИ: Со Ивaн Величковски и Либералната партија имавме добра соработка за локалните избори, останува на времето и на политичките услови како ќе се договориме за натаму. ОКРУПНУВАЊЕ ИЛИ МАГЛИВ ЗБИР Идејата за окрупнување на центарот ги интригира и Зиков и Величковски, но првиот негира дека Алијансата е новиот трет пат иако очекува консолидација на центарот. Јакимовски, пак, нема толку голема амбиција.

ЈАКИМОВСКИ: Раководството на ГРОМ има намера да направи една модерна политичка партија, која ќе биде добро структурирана и со широка мрежа. Нашата заложба е ГРОМ да ја направиме препознатлива и прифатлива партија за граѓаните. За толку големи амбиции како што велите, окрупнување на центарот, искрен да бидам, не сме размислувале.

ВЕЛИЧКОВСКИ: Политичкиот центар не е само збир на групи, туку концентрација на поединци околу заеднички ставови и политики. Во однос на левиот центар, уште пролетва се покажа дека ЛП е отворена точка на спојување за сите политичари, бизнисмени, општествени активисти, новинари… со интегритет, подготвени да го зацврстат левиот центар низ нашата социјаллиберална доктрина. „Парцелизирањето” на центарот, пак, ќе биде индикатор за намерите и мотивите на сите што сакаат да го алиментираат своето интересно мотивирано престројување со паушалното дефинирање на политичкиот центар. Електоратот е зрел и ќе го продре секој неавтентичен обид. Потсетувам, политичкиот центар не е некаков маглив збир, туку во него има јасни идеолошки правци. Социјаллиберализмот, на пример, застапуван од ЛП. Истовремено, тој не е алиби-позиција за коалиција со левицата или десницата. Барем не за Либералната партија. ЗИКОВ: Многумина појавувањето на Алијанса за позитивна Македонија го поврзуваат со нагоните за формирањето на третиот пат. Јас велам дека ова не е ни прв, ни втор, ни трет пат. Ние почнуваме да го градиме вистинскиот пат за Македонија. Оти никаде, во ниту еден политички ферман за Македонија, не пишува дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како ни ДУИ и ДПА, се вечните партии во оваа земја. Свечено да се самозапалиме на плоштад ако овие четири партии ни се вечната судбина. Македонија заслужува подобри опции. Заслужува надградба на идеи. Нови и нови платформи за нови генерации. Нашиот проблем е што исти луѓе „трескаат” исти работи долги години. Оттука, апсолутно да, очекувам консолидација на центарот, консолидација на сите слободоумни граѓани и организации во едно големо движење кое ќе станува се поголемо и поголемо, и, конечно, ќе стане толку големо што едноставно нема да се може понатаму безда се потпрат на неговите идеи и проекти. Ете, тоа е суштината.

ЦЕЛНА ГРУПА ЧЛЕНСТВОТО НА СДСМ ИЛИ НЕОПРЕДЕЛЕНИТЕ?

За разлика од ЛП, чија целна група на гласачи останува иста, ГРОМ и Алијансата штотуку ја формираат својата. И двете партии алудираат на неопределените 40 проценти од граѓаните, но и на членството на постојните, а, според аналитичарите, најмногу на незадоволниците од редовите на СДСМ, кои по седум години без власт, а следната ќе бидат осма, незадоволни од партијата и, македонски срочено, придобивките од неа, ќе свртат нов лист во својата гласачка читанка.

ВЕЛИЧКОВСКИ: Нашата целна група е позната. Откако ја објавивме нашата реклама (достапна и како видео обраќање на веб- сајтот на ЛП) дека сме ориентирани кон средниот слој, досега барем две партии се сетија дека тој постои. Драго ни е што го привлековме вниманието, еднакво како што токму средниот слој ни ја потврдува веродостојноста и ни ја дава довербата. Граѓаните знаат кој транзициски и пост транзициски го уништуваше средниот слој, а кој постојано се обидува да го постави општеството така што средниот слој ќе се врати на доминантната позиција. Еднакво како што работништвото и крупниот капитал си ги има своите природни партнери во левицата, односно десницата соодветно.

ЗИКОВ: Нашата целна група се сите што размислуваат на овој начин. И на темите што ги опишав. Нашата работна парола деновиве е чиста и наивна дајте ни шанса! Со оваа парола им се обраќаме на сите што излегуваат на изборите и ги поништуваат ливчињата сакајќи да ги уништат за да не се манипулира со нивниот глас. He е мал тој број на македонски граѓани. Потоа им се обраќаме и ги замолуваме да ни дадат шанса сите оние од контингентот од 40 проценти неопределени, овој пат да се определат оти навистина имаат избор. Да ни веруваат затоа што следниот период е еден од, можеби, последните „возови што поминуваат”, да сторат нешто убаво со својот глас и за себе, и за своето семејство, и за својата татковина. Кога ќе прашаат зошто да ни веруваат, јас ќе ги прашам зошто да не ни дадат шанса. А, зошто не би ни верувале? Зар сме помалку вредни од овие сега? 3ар оваа земја не треба и не заслужува да мрдне напред малку? И, конечно, како целна група очекуваме да не препознаат младите македонски граѓани кои во голем број се иселија од Македонија во последните десет години. Сметаме дека оваа групација може да се врати во својата татковина, дома кај своите родители и да си даде една нова шанса. Инаку, голем е бројот што во моментот ни пристапуваат членови од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, како и од помалите партии. Тоа е нешто што секојдневно тече. Ако сите овие групи се соберат во едно, станува збор за бројка од 170.000до 200.000 македонски граѓани на кои им се обраќаме искрено и со најдлабоки чувства, а кои не се ортодоксни ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА.

ЈАКИМОВСКИ: Еве, уште еднаш да повторам: формирањето на ГРОМ нема цел никого да слабее, туку, напротив, да ја зголеми политичката понуда на македонскиот простор. Досега повеќе од 70 проценти од членовите ни се граѓани што не се занимавале со политика. Има и такви што доаѓаат од други политички партии, но тоа мора да го сфатиме како процена на граѓаните за тоа која партија има политичка иднина. Ако некој не се нашол себеси или се сомнева во успехот на политичката партија во која претходно членувал, а ГРОМ му влева надеж, тогаш е добредојден.

Иако негираат коалиција, трите партии се наоѓаат и во понудата кон граѓаните. Логично, како нови политички субјекти, сите ветуваат нешто ново, за стопанството, за невработените, за младите, па и за иселените. За разлика од Алијансата, Јакимовски на моменти игра и на картата на националното во однос на прашањето на името се поставува подесно и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

ЈАКИМОВСКИ: Нашата програма тргнува од реалните проблеми на граѓанинот и се базира на искуството. Како резултат на тоа, ние ги воочуваме проблемите во преголемата буџетска потрошувачка и нудиме намалување на буџетските расходи. Сметаме дека доминираат нестопанските инвестиции, кои не создаваат нова вредност. И затоа сметаме дека тие треба да се сведат на минимум, а да се зголемат инвестициите во инфраструктурата, енергетиката, земјоделството итн. Факт е дека ни се разнебитува јавното здравство и дека приватното го развиваме на грбот на јавното здравство. Убеден сум дека ако го урнисаме јавното здравство, ќе го ослабнеме и приватното. Образование само за себе не е доволно, туку ни е потребно образование кое ќе одговара на потребите на стопанството и ќе ги следи современите светски текови. Но, исто така, сметаме дека децентрализацијата треба да се продлабочи и да се дадат уште повеќе ингеренции на локалната самоуправа. На сите граѓани на Македонија сме должни да им обезбедиме исти услови за живот, а не само на граѓаните на Скопје. ГРОМ се залага за „дескопјеизација”. Што се однесува до името на државата, нашиот став е јасен: ние направивме три отстапки. Го променивме Уставот и се откажавме од грижата за нашето национално малцинство во соседните земји. Го променивме знамето. Ова знаме не ни од памтивека, туку од Грчев. Се сеќавате, нели? И ни ставија привремено име, најсмешно на свет: „Поранешна Југословенска Република Македонија”. Ние сме единствената република од поранешна Југославија која во своето име и презиме ја има Југославија. Па, тоа, нели, е смешно?Доста е со отстапки! Нека не извинат нашите пријатели од меѓународната заедница, ама нека набројат барем една отстапка што ја направиле Грците? Нашиот став е јасен: името ниту сме го добиле на референдум ниту има логика на референдум да го потврдуваме или менуваме. ЗИКОВ: Се што кажав досега, а, пред се, длабоката искреност и чистотата.

ВЕЛИЧКОВСКИ: Додека некои партии тековно се пронаоѓаат или формираат програмски, нашата либерална доктрина ќе биде објавена овој викенд и во текот на овој месец ќе биде промовирана низ државата. Драго ни е што навремено се подготвивме за тековните политички процеси, уште со донесувањето на нашата стратегија за 2013-2017 година и што првпат по подолго време не сме затекнати од политичките процеси, туку спроведуваме своја агенда. Затоа, нема да издвојувам сегменти нашата понуда е системска целина што не зема дел од една, дел од друга страна, туку нуди целосен концепт за општеството, политичката нација, претприемништвото, економијата и одговорното управување, а либералните политики, што ги објавуваме една по една, нудат конкретни солуции за бројни сегменти на државната политика и уредување.

Извор: Република

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin