Во Велес, отворена првата канцеларија на Граѓанската опција за Македонија во Република Македонија

_DSC5591

ГРОМ ширум ги отвори вратите за сите граѓани

Среда – 31.07.2013 година, во 20 часот, во Велес, во Сар-маале, во присуство на многубројни граѓани и симпатизери на Граѓанската опција за Македонија, свечено беше отворена првата канцеларија на ГРОМ.

Во присуство на членовите на Иницијативниот одбор и претседателот на Иницијативниот одбор на ГРОМ, г-дин Стевчо Јакимовски  присутните  граѓани ги поздрави членот на ИО, Штерио Николов, кој рече дека му е посебно задоволство што на отворањето на Првата канцеларија се присутни не само Велешани, приврзаници  на оваа нова политичка опција, туку и многу нејзини симпатизери и членови од околните градови и општини како Куманово, Росоман, Градско, Неготино, Кавадарци, Чашка, Кочани, Скопје и многу други населени места.

-Целта ни е, изјави тој,  вечерва да ја поддржиме и продолжиме новата политичка партија во основање – ГРОМ. Николов ги повика граѓаните што почесто да ја посетуваат оваа канцеларија за да се запознаат за идеите на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ и да дадат свој придонес, со своите идеи, за збогатување на нејзината програма.

Обраќајќи се пригодно, во име на Иницијативниот одбор, неговиот претседател Стевчо Јакимовски рече дека, со отворањето на првата канцеларија на ГРОМ посебно внимание се посветува токму на Велес.

– Убеден сум дека и просторните можности и локацијата на Канцеларијата ќе овозможи многу граѓани да се сретнат, евентуално да се зачленат, да бидат дел од  оваа „војска“ која ќе појде во освојување на власта. Всушност наша цел заради која и се основаше оваа Граѓанска опција на Македонија – ГРОМ е токму таа, освојување на власта и активно учество во неа. По промоцијата на ГРОМ во Скопје на 29 мај, ова е втор по значење настан, истакна Јакимовски, и со овие први 300 члена од Велес, овој град се очекува да партиципира со над 1.000 членови, и дека тоа се вистински луѓе во вистинска партија. Сакаме да имаме партија во која ќе се почитуваме, во која ќе се ценат вистинските вредности. Во неа, на младите ќе им се понудат перспективи и можност за политичка афримација. Она што ни е значајно, истакна тој, е што меѓу луѓето што пристапуваат во најголем дел се граѓани, млади луѓе кои никогаш не членувале во ниту една партија и кои во неа ја гледаат довербата во мене како лидер, но гледаат и шанса за сопствена политичка иднина.

– Ние не се формираме против никого, ние се формираме за да дадеме поголема понуда на граѓаните. Впрочем јас, рече Јакимовски, се кандидирав на локалните избори токму за граѓаните да имаат можност за избор. Тие да не мораат да бираат само меѓу едната владејачка и едната опозициска партија, туку да имаат избор во една трета, мошне силна политичка опција, а тоа е Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ. ГРОМ самостојно ќе настапи на следните парламентарни избори и се надеваме дека ќе имаме доволен број на пратеници за да бидеме дел од идната власт во Република Македонија. Сакам да ги отфрлиме сите шпекулации за приклучување на една или друга партија, да бидеме  нечиј приврзок, туку одиме целосно самостојно. Немаме намера никого да одржуваме на власт, ниту некого да носиме на власт, туку се бориме сами да ја освоиме власта, да ја промовираме нашата политичка програма. Сметам дека е добро за севкупниот политички живот во Македонија да постои трета опција, зашто не може ВМРО-ДПМНЕ да смета дека му „ја зема мерката на Социјалдемократскиот сојуз“ и така ќе си владее наредните 20 години, или пак СДСМ да смета дека народот ќе се замори од гласањето за ВМРО-ДПМНЕ, па ќе ги избере за можна политичка опција. Напротив, се раѓа нова политичка алтернатива, а тоа е ГРОМ. Од сите нас, приврзаници на ГРОМ, зависи колку веруваме во оваа политичка програма, колку ќе успееме да ја приближиме до сите граѓани на Република Македонија. За нас е важно да имаме што поголем број членови, кои ќе бидат активни и ќе се борат за целите на оваа партија, а од тоа директно ќе зависи какви резултати ќе имаме на наредните избори. Јас сум длабоко уверен дека ако успее оваа опција да се наметне кај граѓаните, да  влезат во оваа канцеларија, да се зачленат, резултатите ќе бидат неминовни. Не е тајна, нагласи Јакимовски, дека Карпош и Скопје ќе бидат окосница и главната логистичка поддршка за партијата во Република Македонија, но Велес како главен за Изборната единица 3 ќе даде голем и пресуден придонес за тоа колку мандати ќе имаме во Парламентот.

Ние како обзнаена иницијатива постоиме осум недели, а за тој временски период имаме над 8.000 приврзаници, или секоја недела растеме за по 1.000 нови членови. Нашата цел беше до септември да имаме околу 5.000 поддржувачи, но еве, веќе на 1 август таа бројка значително ја надминавме.

Јакимовски, на крајот од своето пригодно обраќање најави дека официјалното формирање на партијата ќе биде околу 1-ви септември, кога ќе се избираат партиските тела и органи на паријата на централно и општинско ниво, кога се очекува уште поголем интерес на граѓаните за оваа политичка парија.

Канцеларијата на ГРОМ се отвора за сите граѓани кои сакаат да пристапат кон него, а со тоа да учествуваат во конституирањето на органите на партијата на општинско ниво.

Вакви канцеларии на ГРОМ ќе се отворат и во други градови и општини во Македонија со цел партијата да биде што поблиску до граѓаните, што е втемелено и во основата на политичката платформа на оваа политичка опција.

[nggallery id=8]