„Грмна“ ГРОМ и во Кичево

8445_150089511850049_163014953_n

Со поздрав за иницијативата на првиот човек на Иницијативниот одбор на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, изразувајќи му безрезервна поддршка, Кристина Костовска, магистер по правни науки од Кичево, ја отвори промоцијата на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ во Кичево.

Вчеравечер, 20 јуни 2013 година, во хотелот „Унион“, во Кичево, на присутните симпатизери и идни членови на ГРОМ им се обрати и Арслан Зеку, пензионер од Србица, кој како свој главен мотив за присуството на промоцијата и за одлуката да и се приклучи на ГРОМ ја истакна определбата на партијата да се занимава со граѓаните, со индивидуите, со нивните проблеми и потреби.

– Оваа партија не ги разликува луѓето според нивната верска, национална или расна припадност. За оваа партија, за ГРОМ, постојат само луѓе и нелуѓе. За луѓето вратата на ГРОМ ќе биде секогаш ширум отворена, а нелуѓето – тие нека бидат подалеку од нас. Ние, а особено нашите млади луѓе, треба да бидеме среќни со ваков водач, со човек каков што е Стевчо Јакимовски, но и нему му треба нашата поддршка – истакна Зеку на промоцијата.

Со посебен пиетет кон првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, нарекувајќи го лидер на политичката сцена во Македонија, на своите сограѓани од Кичево им се обрати и Анто Трајаноски, кој како клучен мотив за потребата да се поддржи ГРОМ во Кичево ја истакна поделеноста на граѓаните на овој град по локалните избори годинава.

– Вечерва сме собрани овде за да се обединиме зашто ова е партијата што нуди обединување, а не верска или национална поделеност. Вечерва сме олку, а следниот пат барам од вас да бидеме уште толку, за да докажеме дека Граѓанската опција на Македонија е иднината на оваа земја и на овој град – повика од говорницата Трајаноски, ветувајќи им на своите сограѓани дека приклучувањето кон ГРОМ ќе им обезбеди перспектива особено на младите луѓе.

На албански и на македонски јазик, на присутните на промоцијата на ГРОМ во градот кој беше во центарот на вниманието поради етничката поделеност за време на локалните избори и во постизборниот период, се обрати и Мавие Мехмети, професорка од Скопје. Во своето излагање таа подвлече дека токму поради мултиетничкиот концепт што го нуди оваа партија, таа е подготвена да му се придружи на караванот што ќе ја смени Македонија.

– ГРОМ нуди нова филозофија на соживот, граѓанска опција каде главниот акцент ќе се стави на можноста и желбата за промена на политичкиот стереотип од посткомунистичкиот период, во кој вредностите се претворија во партиска книшка, а државните позиции се користеа во служба на партијата – рече Мехмети, повикувајќи ги кичевчани да се приклучат на Граѓанската опција за Македонија зашто таа ќе обезбеди подобра иднина за генерациите што доаѓаат.

Со громогласен аплауз и со овации, граѓаните на Кичево го поздравија обраќањето на првиот човек на Иницијативниот одбор на ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Пред кичевчани тој детално ги образложи заложбите на Граѓанската опција на Македонија, кои ќе бидат вградени во нејзината програма, изразувајќи длабока увереност дека токму ГРОМ ќе биде силата што ќе и даде нов импулс на македонската политичка сцена.

– Ние не можеме понатаму да живееме во овој биполарен политички свет, во вакви тешки конфронтации меѓу владејачката и главната опозициона партија. Сакаме да се потрудиме и да понудиме нов концепт, да се обидеме да се разбереме со арно, со добро да укажеме што можеме, каде се греши, да се потрудиме нешто да коригираме, да престанеме со кавгите – рече Јакимовски, подвлекувајќи дека жали што бил дел од тие длабоки конфронтации особено затоа што граѓаните ги интересираат резултати и решенија за проблемите, кои никако не смеат повеќе да се оставаат „под тепих“. Затоа, Според Јакимовски, и ГРОМ се појавува на политичката сцена, за да понуди избор, но и концепт на политичка толеранција и разбирање за обезбедување иднина на сите граѓани на Република Македонија.

– Сиромаштијата, невработеноста, животниот стандард, политичката стабилност и безбедност, меѓуетничкиот соживот, евроатлантската интеграција на државата се клучните прашања кои ги тиштат сите граѓани на Република Македонија. Секоја болка е иста, секоја солза е иста. Тие не се разликуваат по боја, вкус или по мирис. Солзите на секоја мајка, без разлика дали е таа Македонка, Албанка, Ромка, Турчинка или од друга националност, се исти зашто сите имаме исти маки, исти потреби – подвлече Јакимовски, нагласувајќи ја тенденцијата на ГРОМ да обезбеди иднина во која ќе се избришат стереотипните поделби преку функционирање на правната власт без партизирано судство.

Во своето излагање за целите и за заложбите на партијата, првиот човек на Иницијативниот одбор на ГРОМ зборуваше и за намерата преку партиципацијата на Граѓанската опција за Македонија во власта да се обезбеди приближување на полицијата до народот со пренесување на ингеренции од централната на локалната власт. Покрај тоа, Јакимовски истакна и дека платформата на ГРОМ предвидува зајакнување на јавното здравство со враќање на довербата меѓу лекарите и пациентите, поголема поддршка на социјално ризичните категории на граѓани и осовременување на образовниот систем со крајна цел – обезбедување квалитетни и квалификувани кадри кои ќе бидат подготвени да го носат товарот на понатамошниот развој на земјата. Особено внимание во своето излагање Јакимовски му посвети на земјоделството, истакнувајќи дека тоа е стопанска гранка која не смее да се базира само на субвенции и стимулации, туку тие треба да бидат поткрепа на реалните услови за земјоделското производство, односно квалитетната инфраструктура и окрупнувањето на парцелите обработлива површина, кои како краен резултат ќе дадат поевтин и поконкурентен земјоделски производ.

Посебно место во програмата на ГРОМ, според зборовите на Јакимовски, ќе имаат и младите луѓе што сакаат да се занимаваат со спорт.

– Ние направивме многу спортски објекти и сали и тоа е во ред, но што правиме со луѓето во нив, со спортистите. Тие заслужуваат поддршка зашто можат да ни донесат подигнување на националното его, подигнување на државниот дигнитет – потцрта Јакимовски.

Развојот на нови енергетски капацитети, но и примената на алтернативни обновливи извори на енергија ќе бидат исто така во фокусот на вниманието на програмата на ГРОМ зашто, како што рече Јакимовски, Македонија не може понатаму да се развива ако е зависна од увоз на енергија. Во тој контекст, првиот човек на Иницијативниот одбор на ГРОМ зборуваше и за нестопанските инвестиции за кои рече дека се потребни за државата, но дека треба да се внимава на приоритетите и на рамноправната распределеност на средствата.

– Нема потреба јас или некој друг да ви кажува дали државните пари е подобро да се вложуваат во фасади и споменици или се потребни на друго место, на пример во вашиот град Кичево. Вие сами ќе си одлучите за тоа. Граѓаните на Република Македонија се доволно едуцирани и знаат што е добро да се прави со нивните пари и затоа на следните парламентарни избори ќе одлучат кому да ја дадат довербата за да ја води државата – приврши Јакимовски, најавувајќи дека до септември партијата ќе ја подготви својата програма и ќе ги формира партиските органи, по што ќе пристапи кон формирање на општинските организации.

[nggallery id=6]