Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Основачко собрание на ОО Гром-Битола

ГРОМ ВЕТУВА И ВЕРУВА

Основачко собрание на ОО Гром-БитолаМладиот магистрант по општ менаџмент Александра Стојановска е новиот прв човек на ГРОМ-Битола.За неа гласаа 106 членови на Општинската организација на ГРОМ-Битола на вчерашното Основачко собрание.

Во речта на благодарност за доделената функција, таа во сопствено име и во име на тимот кој ќе го води и развива ГРОМ во Битола, рече дека самата се препознала во секоја страна и ставка од Програмата на граѓанската опција за Македонија, топло препорачувајќи ја на сите граѓани.

-Политичката активност, рече младата лидерка на ГРОМ-Битола е механизам со кој можеме да промениме нешто во својата околина, за граѓанинот. А граѓанинот, тоа сум јас, тоа сте вие и сите ние. Токму поради ова ГРОМ го постави граѓанинот во центарот на внимание. ГРОМ ги отвора вратите за младите, а јас сум една од тие лица кон кои ГРОМ изрази доверба да покажат што знаат и умеат. ГРОМ ветува и верува, ГРОМ вложува и овозможува на младите да излезат од маргините и од анонимноста и со свои предлози и идеи да изградат подобро утре за сите граѓани, изјави Стојановска.

Пред преполната сала во Културниот дом во Битола се обрати и потпретседателот на ГРОМ Горан Анчески кои збореше за некои деликатни економски моменти во Република Македонија како што се дубиозите во пензискиот фонд и состојбата со јавниот долг на државата.

-Велат, се зголемил бројот на вработувања во Македонија, отвори дилема Анчески. Ако навистина се зголемил, тогаш и приливот на придонеси по основ на давачките за ПИОМ треба да се зголеми. Всушност, во пракса ни се случува нешто сосема спротивно. Ваквата дубиоза може, меѓу другото, да е резултат и на бенефицираниот третман што го имаат странските инвеститори со ослободување од плаќање на придонеси. ГРОМ, рече Анчески ќе презема мерки за санирање на состојбите во Пензиоскиот фонд, за стабилна макроекономска политика, ниска стапка на инфлација и стабилен девизен курс. Македонија има најголем буџетски дефицит од после воениот конфликт и тој достигна 19 милијарди денари. Расте и јавниот долг кој може и не е толку лоша работа, доколку истиот креира нови работни места и профит, а не да е резултат на нестопански инвестиции. ГРОМ се залага за отворање на дистрибутивни центри во странство за пласман и продажба на македонски производи како и за здружен настап на компаниите извозници на поголемите пазари преку некоја асоцијација, заклучи Анчески.

За тешката економска и пред се финансиска состојба на државата говореше и првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски. Тој се осврна на неколку сензитивни моменти како што се буџетското оптоварување на стопанството, како и инертното однесување на владата во сферата на инвестициите.

-Кога јас бев министер во владата на Република Македонија, беа продадени, „Искра“ Куманово, „Бучим“ Радовиш, „Скопски легури“ добија странски инвеститор и дузина други. Нека каже владата кој загубар е продаден во последните осум години? Наместо тоа, на овие сега што се нудат  им ја продава државната земја по 1 евро квадрат и притоа не плаќаат придонеси кон државата. Кој наместо нив ги плаќа придонесите, праша Јакимовски?Тие живеат од придонесите на текстилните работнички и градежниците, шивачките кои работат за едвај 10.000 денари плата колку што им даваат странските инвеститори. Никој од нив не донесе среќа за Македонија и плус вложувањата ги прават со средства –кредити зајмени од македонските банки. Кога ќе секнат тие кредити, едноставно ќе ги затворат фирмите и ќе си заминат.Ако сакаат така, нека одат малку поисточно од Македонија и таму нека вложуваат на тој начин, изјави лидерот на ГРОМ пред битолчани. Тој го посочи примерот со „Балканскиот универзитет“ кој дошол да вложува во Општина Карпош и кој купил 1,9 хектари земја за се на се 19.000 евра, речиси бадијала, и згора бара даночни олеснувања и ослободување од придонеси. На тоа му погодуваше и Одлуката на Владата кој нуди 50% ослободување од придонеси.

-Е со тоа ГРОМ не се сложува!, рече енергично Јакимовски. Која среќа ја имаме ние од таквите повластени инвеститори, како Балканскиот универзитет, како што досега е Телеком, ЕВН и слични. Прават со стотици милиони профити, а постојано ги бркаат нашите вработени. Еднаш мора да се најдат храбри политичари и да им речат „СТОП“- така веќе не може! Ако не можеа досегашните владејачки партии, има друга политичка партија која ќе воиспостави сосема поинакви „правила на игра“, а тоа е ГРОМ, нагласи Јакимовски. Ние имаме своја кристално јасна визија, и свои автентични решенија за сите отворени прашања. Ние одиме по свој Громовски пат, го заврши своето излагање  пред битолачани првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

 

 

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin