Author Archives: admin

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Блефери

12.08.2017 година –

Корејскиот залив и јужнокинеското море се полни со оружје. Напнатоста е до невидени размери. Ким Јунг Ун се заканува со ракетирање на островот Гвам на кој има сместено американска воена база. Во исто време, Трамп вели дека во таков случај Северна Кореја ќе се соочи со жесток напад. Доколку би дошло до вакво ракетирање од страна на Северна Кореја врз оваа американска база, веројатно тоа би била и последна закана на Ким, затоа што врз него би се срушил целиот американски гнев сконцентриран во базата на гореспоменатиот остров, потоа од големата воена база во Окинава, па нападот врз Северна Кореја би дошол и од Јапонската армија која се повеќе се вооружува, а во војната би влегла и Јужна Кореја.

Направена е проценка за екс-претседателот Клинтон, што би било во случај на војна со Северна Кореја? Американските воени експерти прогнозираат најмалку 1 милион жртви во првиот момент на двете страни, а Сеул би бил збришан од лицето на земјата.

Во конкретната ситуација не се знае кој е поголем ексцентрик: Ким Јонг Ун или Доналд Трамп. Досега Ким, како и неговиот татко, се покажаа како мајстори за блефирање. Тие немаат друго решение освен развивање на нуклеарната програма, и лансирање на нуклеарни балистички ракети од среден дострел. Северна Кореја веќе лансираше нуклеарна ракета која има дострел од 1.000 километри.

Овој нуклеарен потенцијал на Северна Кореја служи за одвраќање на евентуална агресија од САД. Се чини дека Ким веќе не ја слуша ниту Кина, и дека сака тензиите да ги крене до таков апсурд, со цел да влезе во директни преговори со САД без посредство на меѓународната заедница, што за крајна цел би имало спас на неговиот режим.

Северна Кореја не е воено слаба. Во Северна Кореја живеат 24 милиони жители. Таа поседува повеќе нуклеарни боеви глави, има над 2.500 ракетни системи како и огромни количини на хемиско оружје и други воени отрови, околу 450 авиони (претежно МИГ-25), воени бродови и подморници. Со тоа што Северна Кореја може да лансира нуклеарна балистичка ракета од подморница, таа стана петта нуклеарна подморничка сила. Ким му се заканува на САД со нуклеарни боеви глави, базирајќи се на најновите подморници од типот „Симпо“ кој се вооружени со по три нуклеарни боеви глави. Инаку, развојот на подморничката технологија во Северна Кореја своевремено и ја продаде Тито по величенствениот пречек кој беше направен во негова чест.

Кина веќе се изјасни дека САД може да ја нападне Северна Кореја, само ако Северна Кореја лансира ракета од среден дострел кон гореспоменатиот остров. Зошто Кина мора да застане зад Северна Кореја? Ако се изврши сериозен напад би дошло до промена на режимот во Северна Кореја. Потоа би следело обединување на Северна и Јужна Кореја под патронат на САД, а со доминација од Јужнокорејците. Кина би се соочила со голем бран на бегалци.  Инаку Јужна Кореја е петта економска сила на Пацификот, а 11-та во светот. Волку моќна економски и бројчано држава на своите граници за Кина би била опасност и уште повеќе ако се има во предвид три милионското корејско малцинство во Кина, кое во тој случај би сакало да се припои кон својата матица. Ова значи дека во евентуалниот судир меѓу САД и Северна Кореја во кој би биле вмешани Јужна Кореја и Јапонија, Кинезите би морале да застанат на страната на севернокорејците. Тоа би било војна од невидени размери.

Кина не е играчка, затоа што во моментов ја има најмногубројната стоечка војска, од 2.285.000 и повеќе десетици милиони резервен состав на армијата. Кина располага со 5.900 авиони, над 6.000 тенкови, околу 800 воени бродови и подморници како и два носачи на авиони. Најопасното е што Кина располага со 6.500 нуклеарни боеви глави. Во моментов Кинеските и Американските крстарици се наоѓаат на само 500 милји оддалеченост. Кинезите во континуитет прават острови на коралните гребени, на кои што прават аеродроми, поставуваат против-авионски системи, и ракетни системи за гаѓање кон морето, како и пристаништа за нивните воени бродови. На негодувањето на Америка за овие острови кои веќе се наоѓаат на 2.000 милји од брегот на Кина, Кинезите им одговараат „Америка да не провоцира и да си ја гледа работата“. Кинеската армија е одамна реформирана и модернизирана, и ја разви таканаречената „Мајка на сите ракети“ или ДФ-ЗФ која носи нуклеарна боева глава и развива брзина од 10.000 километри на час. Уште пострашно за американската армија е тоа што Кинезите имаат најмодерна ракета, која може да го уништи секој сателит. Технологија која Американците ја немаат. Со евентуално уништување на некој од американските сателити, паѓа во вода целата нивна воена стратегија и практично тие би биле обезглавени.

Сето ова покажува дека Америка повеќе плаши мечка со решето, отколку што има реална сила да влезе во сериозен воен конфликт. Таа, се повеќе наликува на некои маалски тепач на кој што му поминале годините, и сега новите, млади момчиња се повеќе го потиснуваат. Тие млади момчиња се Кина и Русија. Според гледиштата на американските генерали кои учествувале во војната во Ирак и во Авганистан, тие сметаат дека НАТО треба да ги избегнува провокациите со Русија затоа што во овој момент, ако се закачат со Русите ќе бидат поразени. Односно, тие се поправаат и велат, цитирам: „Ќе бидеме уништени!“. Ова важи само доколку има ограничен конфликт со конвенционално вооружување против Русија, а пак, ако дојде до нуклеарна војна, тука САД нема шанси.

Затоа, на Америка и се брза да го заокружи Балканот со членство во НАТО и да притисне, покрај Црна Гора и Македонија да влезе во системот, и ќе се митари (ќе дава отстапки на Вучиќ) за евентуално да ја придобие и Србија на нивна страна. Затоа треба да се биде ладнокрвен, да не се оди, што би рекле „главом без обзира“ во членство на Алијансата, затоа што колку тие нас ни требаат, исто толку им требаме и ние нив. Или во НАТО ќе влеземе достоинствено како сите останати земји, или Македонија треба да остане воено неутрална. А, тие нека си ги вадат очите.

Згора на тоа, се повеќе воени аналитичари сметаат дека светот веќе не е еднополарен, и тој ќе стане мултиполарен, дали тоа било по волја на САД или не.

На Македонија, стратегиски повеќе и одговара мултиполарен свет, оти од еднополарниот го видовме досегашниот аир.

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Русофобија

11.08.2017 година –

Со доаѓањето на Доналд Трамп, за прв пат во САД е избран претседател кој односите со Русија сака да ги сведе на рационално ниво. Тој сака да востанови партнерски односи со Русија, но, наиде на сериозни пречки бидејќи во неговото општество, но и пошироко, „русофобијата“ е создавана со децении. Така, од 1945-та наваму, Русите се прикажувани како најголемото зло на планетава. Прикажувани се како лоши луѓе, сурови, криминалци, без доволна култура, агресивни. Со еден збор, како луѓе-нелуѓе. Тоа е влезено во потсвеста на секој Американец уште од најрана возраст. Оваа антируска хистерија по доаѓањето на Трамп зема невидени размери. Зад неа стојат протагонистите на војна, и милитантите во политичките кругови. Тие не би можеле своите замисли да ги спроведуваат ако немаат своја пропагандна машинерија, и нивните лажовизии на чело со Си-Ен-Ен. Замислете до каков апсурд го доведуваат американскиот граѓанин, перејќи му го мозокот дека секој руски хакер може да си избере претседател на САД.

Сега, главната теза со која им се полнат главите на американските граѓани, е дека, тие лоши луѓе, луѓе-нелуѓе, Русите, им наметнале претседател на нив, Американците, кои се сметаат за покултурни, пософистицирани, посупериорни и полни со сопственото его.

Не е ли цинизам, земјата која што е мирудија во секоја светска манџа. Администрација која се меша во сите избори на земјината топка, сега да спроведува истрага со која се проверува кој се сѐ сретнал со рускиот амбасадор во Вашингтон. Дали синот на Трамп се сретнал со руски адвокат, дали некој Американец одел по истата улица каде што одел некој Русин? Каква хистерија?! Какво лудило, во една земја која себеси се прокламира за демократска!

Токму затоа Доналд Трамп и го потпиша законот со кој што се воведуваат нови санкции против Русија, бидејќи пропагандата против него е невидена. Добро ја смислија приказната, дека на власт го донеле руските хакери и затоа отпочнаа истрага за неговиот избор, сé со цел да оневозможат релаксирање на односите со Руската Федерација, кои се на најниско ниво и се полоши дури од времето на Студената војна со СССР.

Затоа Трамп јавно им кажува на Си-Ен-Ен, дека се лажговци, дури и на одредени новинари не им дава ниту право да му постават прашање, и наместо на прес конференции, тоа што има да го каже, го прави преку својот Твитер или на Фејсбук.

Токму поради тоа во САД веќе неколку медиуми колабираат. Тој е доволно паметен да не му се спротивставува на Конгресот, затоа што со двотретинско мнозинство ќе го надгласаат, но, знае дека овие санкции ќе влијаат многу негативно, пред се, на Германија, Италија, Франција. На санкциите остро се спротивставува и Унгарија. Штетите од санкциите на овие земји, вклучително и на САД, нема да се бројат во милијарди, туку во трилиони долари, евра… И, противниците на Трамп ќе мора да попуштат, најмногу за шест месеци, поради сериозните економски последици. А, пред се, поради негодувањето на европската локомотива – Германија.

Повеќедецениското перење на мозоци во Америка со лошите Руси, денес се обидуваат да го пренесат и на тлото на Европа и на Балканот, со наводното големо руско влијание и со желбата на Русија за насилно менување на границите.

Внимавајте добро, за насилно менување на граници зборува САД!

Но, јасно треба да ставиме до знаење дека Американците можат да им го перат мозокот на своите граѓани, но на Македонските не! За нив, секогаш постои непријател, а меѓу нив задолжително мора да е и Советскиот Сојуз или Русија. По 90-те години и потпишувањето на договорот „Стар 2“ помеѓу Горбачов и Реган, нов измислен непријател стана Садам Хусеин. Па Гадафи. Па Талибанците, па на ред дојде Осама бин Ладен и пак се вратија на Садам Хусеин и на Гадафи. Кога нив ги ликвидираа, нова „сатана“ е Башар ал Асад и нормално, Русите. И Путин.

Да не мислат про-американските подлизурковци во Македонија дека сите ние слепо веруваме на нивната антируска хистерија, и хушкањето и создавањето на невидлив непријател, а тие божем ќе не бранеле. Затоа сме требале да влеземе во НАТО, за да не спасат од луѓето-нелуѓе Русите, ама имало еден мал проблем, да сме кажеле дека не постои Македонски народ, не постои македонски јазик, да се откажеме од Македонците во Бугарија и да го потпишеме договорот за добрососедство со Бугарија, кој ќе биде заверен во ОН и ќе предизвикува правни последици во Република Македонија.

Втората жаба што треба да ја голтнеме, е, да си го смениме името, третата е да го признаеме Вранишковски и ПОА, и четвртата да ја редефинираме македонската држава со сите нејзини последици. За возврат, ќе не примеле во НАТО и ние ќе сме биле сигурно заштитени, од НИВНИОТ, а не наш непријател – Русите.

Ех, зајчиња, зајчиња. Не сме наивни како што ти и твојот чадор не мислите! Рејтингчето кое што и досега го немаше се топи како топка сладолед, затоа што кадровските решенија се тапа. Пожарите не е кадарен да ги изгаси. Паднаа во вода тезите на седесињата дека Заев имал американска поддршка. Џабе му е поддршката, кога Бејли наместо него не ја зеде напртњачата и да оди во Македонски Брод да гаси пожари, туку тој треба да ги засука ракавите и да оди да спие по шумите, заедно со министрите како што тоа го правеше Груевски.

Значи, странците си се странци, а проблемите во земјата не може вечно Роле да ти ги решава! Сите проблеми ги нема во утринското ливче напишано од Бејли, што треба денес да прави. Таму стојат само главните работи. Името, двојазичноста, договорот со Бугарија, бинационалноста, и толку. Бејли не се бави со ситници!

НА ДЕНЕШЕН ДЕН РУСИЈА ЈА ПРИЗНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

05.08.2017 година

повеќе

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Мало морген!

03.08.2017 година –

Целиот свет се дрма, се тресе поради внатрешно политички превирања во САД. Битката е меѓу Трамповата концепција за градење на партнерски односи со Русија, и концепцијата на т.н. длабока држава протажирана од Обама и Хилари Клинтон.

Со најновите санкции воведени против Русија, практично се изврши блокада на надворешната политика на новиот американски претседател. Конгресот донесе закон со кој се воведуваат дополнителни санкции на Русија. Во оваа анти-руска хистерија се обединија и демократите и републиканците. Отпрво Трамп се противеше на ваквите заложби, но откако виде дека неговото вето нема да има ефект затоа што анти-руските сили во САД имаат над 2/3 од Конгресот. Тоа значи дека ако Трамп стави вето, тие со двотретинско мнозинство ќе го поништат.
Овој закон има и друга димензија, а тоа е да го оневозможат Трамп во евентуалната желба за укинување на санкциите против Русија.
Во ваква состојба Американското општество било во средината на 19-от век, пред нивната Граѓанска војна.

Зошто се воведуваат сакциите?
Тие најпрвин се воведуваат на поединци, па потоа се прошируваат на одреден број компании. Следната фаза е санкциите да се прошират на политичари и бизнисмени, и последно да се воведат санкции на целиот увоз и извоз на таа држава. Ова е практично војна, не со бомби, туку со економија. Објавена е американска војна на руската економија. Санкциите имаат за цел да предизвикаат пад на општествениот производ, недостаток на одредени производи, пад на животниот стандард и економската моќ на државата. По ова, се активираат невладините организации, како борци за човекови права и подобар живот, па политичката опозиција, и на крајот доаѓа американското бомбардирање. Ова е воспоставен след на настани кај помалите земји. Кај Русија, „мало морген“. На невладините организации им се потскратени крилјата во 2012 година кога Путин ги избрка Сорос и УСАИД и оттогаш па наваму тој лично дели по 25 милиони евра на невладиниот сектор во Русија.
Покрај ова, донесе закон со кој секој што работи во странство, или има фирма во странство, или му пристигнуваат пари однадвор, тоа може да го прави под услов да не се бави со политика. Ако се бави со политика, а по било кој основ му пристигнуваат пари од надвор, тие се ставаат под надзор на специјална државна комисија и ако се констатира дека соработува со странски разузнавачки служби, јаде „15-со кромид“ па нагоре.

Значи, овој дел од американското сценарио за Русија е невозможен, а и бомбите се само убав сон за американските хистерици.

Кога бев дете, па средношколец и студент, честопати го слушав Тито како зборува за западните империјалисти. За мене тоа беше нешто имагинарно. Мислев дека Тито ни прави приказна за да не држи во страв и ги оправда трошоците за големата Југословенска армија. Но, денес империјалистите ги гледаме на дело. И во живо. Газат се пред себе. Рушат влади, уништуваат држави. Се лее крв насекаде низ светот, само за да се оствари нивниот интерес кои тие не го кријат. САД јавно вели дека секоја точка на земјината топка е нивен стратешки интерес. Оваа империјална сила функционира по принципот на пирамида. Тие се на врвот, а се останато е под нив, и секој треба да биде понизен и да служи на нивните интереси.

Аналитичарите велат дека Америка повеќе крева прашина отколку што има реална сила да го спроведе својот концепт на еднополарен свет, во кој ќе функционира нивната доктрина за длабока Американска држава. Тие не можат да се помират со фактот дека не се ова 90-те години од 20-от век, туку 21-от век во кој на светската сцена се појавија и нови играчи. Тие нови играчи го протажираат мултиполарниот свет, наместо еднополарниот. Главни играчи на мултиполарноста се Русија, Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка, па дури може да се каже и најголемиот број на членки од Г-20.

Кинезите сметаат дека Северна, Јужна Америка и Аљаска природно им припаѓа на САД како економско-политичка и воена сфера на влијание. Кинезите велат, не им се мешаме ниту во Африка, ниту во Европа. Бараме од Американците да ни ја остават само Азија. Но Америка тоа не го прифаќа, и јасно става до знаење дека секоја точка на земјината топка е нејзин стратешки национален интерес.
За разлика од Америка, Кина го освојува светот како што велат „писфули“, без испукан куршум. Со макотрпна работа, со трговија, евтини производи и примена на современи технологии. Америка ја губи оваа битка со Кина и тоа ја прави ужасно нервозна.

Русија бара свој примат во делот на енергетиката, што и припаѓа поради природните ресурси на нафта и гас. Нивниот интерес се завршува во делот на енергетиката со „Северен Поток 2“ и „Турски поток“ на што Американците брутално се спротивставуваат. Секако, Русија си има и свој дел од светскиот колач на продажба на оружје.

Досегашните санкции на Русија и помогнаа да го развие своето производство на храна, па во моментов колку што Русија заработува од продажба на оружје, толку заработува и од оваа индустриска гранка. Со санкциите развија и потполно нови индустриски гранки. Кога советниците на Путин му сугерирале да им го запрат извозот на ракетни мотори на САД (Америка не произведува ракетни мотори), Путин ги прашал дали имаат понови генерации на ракетни мотори од овие што им ги продаваат на Американците. Неговите советници му одговориле дека тие имаат две генерации понови мотори. Тој им дал многу едноставен совет: „Не гледам проблем. Продавајте им старо оружје и земајте им ѕенги.“
Ова само зборува за руската ладнокрвност и спремност успешно да се справат со санкциите. Сега Путин на најновите санкции им одговара со бркање на 755 американски дипломати. Инаку Америка во Русија имаше 1.145 дипломати, а пак Русија во Америка само 450. Практично, Путин им ги брка сите шпиони од Русија.

Се поставува прашање, каде ќе заврши оваа трговска војна? До каде ќе оди Американската анти-руска хистерија? Наводно ова го прават поради односот на Русија во Украина. Не економски санкции, свети санкции да воведат Русија од Украина нема да се откаже од едноставна причина што НАТО ќе му дојде до неговата граница.

Бидејќи Америка не може да ја исплаши Русија со бомбардирање, оти фантомите ќе им паѓаат како зрели крушки, заканата може да оди со нуклеарни боеви глави. Не случајно деновиве Американскиот адмирал кој командува со Пацифичката флота даде изјава дека ако добие наредба од Пентагон, е подготвен да испали нуклеарна бомба кон Кина. Можете ли да замислите какви лудаци го држат светот на дланка, и само поради тоа што не можат да се помират со фактот дека со некого треба да бидат партнери, а не тие да им бидат нивни слуги. Подготвени се делови од земјината топка да ја спржат со нуклеарни бомби.

Ние Македончињата си се здружуваме со овие империјалистиве, кои за да уништат болва се спремни да го запалат јорганот, и си пееме „НАТО, НАТО ти си мое злато“. Притоа влезени во целосна фаза на автошовинизам и тотална некритичност кон се што ќе каже, се што ќе превземе, и се што ќе сатанизира Америка.

Како тргнале, Американците ќе завојуваат со Русија, но војната нема да се води на Американско туку на Европско тло. Се поставува прашање: Ќе ги праќаме ли синовите заедно со трупите на НАТО под Американска команда кај Урал да војуваат со Русите?

Во НАТО нема да даваат колачи, туку се ѕвецка со оружје и ова ѕвецкање со оружје во Македонија не ќе да е на арно.

Извор: infomax.mk

Граѓанската опција за Македонија на сите граѓани во Република Македонија им го честита националниот празник „Илинден“

Делегација на ГРОМ одаде почит на великаните од двата Илиндена, положувајќи цвеќе и поклонувајќи се пред спомениците на: АСНОМ, Никола Карев и Методија Андонов Ченто. Нека е честит Илинден. повеќе

ОСТРА ОСУДА НА ГРОМ НА ДОГОВОРОТ ЗА „ДОБРОСОСЕДСТВО“

01.08.2017 година

Граѓанската опција за Македонија најостро го осудува потпишувањето на срамниот Договор за наводно добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
Во овој договор никаде не се спомнува македонскиот народ, но
затоа пак, со него се откажуваме од грижата и поддршката на македонското национално малцинство во Бугарија. Според овој Договор македонскиот јазик е уставна категорија, а да потсетиме дека ние Македонците и кога не сме имале Устав сме имале јазик. повеќе

ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: Договорот со Бугарија целосно ги негира Македонците

27.07.2017 година

„Конечно паднаа маските околу фамозниот договор за добрососедство со Република Бугарија- ремек делото на господинот Зоран Заев, кој упорно сака да ни го подметне како кукавично јајце.“ – ова денеска во партиското седиште пред медиумите го изјави претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски.  Понатаму, Јакимовски запраша од каде толкава радост во бугарската јавност од потпишувањето на овој контроверзен договор? повеќе

ПОВИК НА МАКЕДОНСКИ ИСТОРИЧАРИ: Да го одбраниме нашето уставно име, македонски јазик и македонска историја

27.07.2017 година

Исправени пред конечната разрешница на македонското прашање, која може да биде со катастрофални последици за Република Македонија и македонскиот народ, ние, како македонски интелектуалци, историчари, универзитетски професори остро се спротивставуваме на обидите за промена на вековното историско име на нашата држава – Македонија. повеќе

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Хусеин Болт од М….

25.07.2017 година

Започната е Третата Светска војна, но таа не се води со тенкови и со артилерија туку, со сите форми на пропаганда. Се води војна помеѓу лагата и вистината. За жал лагата е многу помоќна, поорганизирана, користи ресурси и што има и што нема. Вистината од друга страна е се уште немоќна, недоволно организирана, се уште е во дефанзива. Оваа пропагандна војна ја видовме и кај нас. Лагата не победи, но на крај излезе баронот од темнината, односно оној кој ја креира лагата и со брутални закани ја оствари својата цел. повеќе

Во односите меѓу Русија и Македонија е можен квалитативен скок, убеден Железњак

21.07.2017 година

Многу векови, народите на Русија и Македонија се тесно поврзани со историски и културни корениЗаменикот-секретар на Генералниот совет на партијата „Единствена Русија” Сергеј Железњак се сретна со делегација на парламентарните политички партии во Република Македонија. Делегацијата е составена од претседателот на македонската политичка партија „Граѓанска опција за Македонија” (ГРОМ), Стевчо Јакимовски и претседателот на Демократската партија на србите во Македонија Иван Стоиљковиќ. повеќе