ГРОМ СО ПРЕДЛОГ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ВО СТОПАНСТВОТО И МАСОВНИТЕ ОТПУШТАЊА

Соопштение до јавноста

Почитувани граѓани,

Македонија е погодена од вирус кој го напаѓа здравјето на сите нас. Вирусот не познава ниту полова ниту етничка нити политичка припадност. Сите сме заедно во борбата против “ ковид 19” и апелираме безусловно спроведување на мерките предложени од здравствените работици. Но, истовремено на нашето општество му се заканува и голема рецесија и економска криза. Нема речиси гранка во економијата која не е пред сериозен удар. Секојдневно се отпуштаат работници, а тој тренд ќе продолжи и во иднина со зголемен интензитет.  Ќе се затвораат бизниси а наши сограѓани ќе останат без своите работни места (на улица). Владата до сега не се снаоѓа добро на ова поле. Нема конкретна помош за стопанството, нема соодветна грижа за работниците.

Во тој контекст Граѓанската Опција за Македонија – ГРОМ како економски сет на  мерки  ги предлага:

  1. Владата да донесе уредба со која ќе се намалат платите на пратениците за 50% бидејќи истите не одат на работа а ќе бидат во работен однос во парламентот се до избор на нов состав.
  2. Владата да донесе уредба со која ќе ги намали платите на Министрите, замениците, на сите избрани и именовани лица како и директори на државни јавни претпријатија, владини институции и агенции за 50 % за период на справување со пандемијата.
  3. Со уредба на владата да се избришат од буџетите на министерствата, јавните претпријатија,  фондовите, установите и владините агенции средствата за репрезенатација,  дневници за службени патувања, набавка на патнички возила, набавка на мебел , нови вработувања како и сите останати непродуктивни расходи.
  4. Владата да донесе уредба со која ќе се воведе мораториум за наплата на кредити во траеење од 120 дена и истите да се наплатат потоа на 18 месечни рати без затезни камати.
  5. Владата да донесе уредба со која се забранува наплата на закупнина во временски период од 120 дена. Да предвиди остри казни за оние кои присилно ќе ги иселуваат закупците. Закупнината закуподавецот е должен да ја плати во наредните 18 месеци на еднакви месечни  рати.
  6. Владата да донесе уредба со која се откажува од персоналниот данок на доход а оние што ќе исплаќаат плати, ќе имаат обврска да платат само придонес за пензиско и здравствено осигурување кое нема да го плаќаат во наредните 120 дена а обврската ќе ја измират во наредните 18 месеци во еднакви месечни рати.
  7. Владата да донесе уредба со која ќе се намалат платите на јавната и државната администрација за 30 % и тоа во наредниве 120 дена. Од оваа мерка да бидат иземени вработените во Здравство, Полиција, Армијата  и Царината.
  8. Владата да донесе уредба со која ќе покрие 50 % од бруто платите на вработените во дејности кои се директно и индиректно загрозени во наредните 120 дена.
  9. Владата наместо да се задолжува, да употреби дел од девизните резерви за бескаматно кредитирање на стопанството. Средствата земени по основ на антикризни кредити да бидат со рок на отплата од 5 години и грејс период од една година.
  10. Владата да донесе уредба со која се ставаат вон сила сите судски одлуки, извршни решенија, блокада на сметки на правни и физички лица во наредните 120 дена и за истите да не може да се наплатува затезна камата. Оваа одредба да важи за сите физички и правни лица.

Со овој сеопфатен пакет на економски мерки државните институции ќе се стават на највисок степен на штедење, намалување на непродуктивните расходи. Ќе се намали трошокот за плати зошто е намален и обемот на работа а и намалени се и потребите за трошење како резултат на ограничувањето на движење на граѓаните.

Буџетот ќе биде соочен со две негативни тенденции:

  1. Намален прилив на средства по основ на неплатени даноци и придонеси, такси и други редовни буџетски приходи.
  2. Ќе се зголемат расходите за здравство, полиција и армијата како резултат на енормно зголемениот број на тешко заболени пациенти во здравството и зголемен 24 часовен ангажман на Полицијата и Армијата.

Со горе наведените мерки ќе се ублажи неликвидноста на буџетот,  донекаде ќе се санираат штетите од актуелната пандемија, ќе му се даде здив и можност за хибернација на секој физички и правен субјект во Република Македонија вклучувајќи го и државниот буџет.

Сите мора да поднесеме дел од товарот на оваа криза. Недозволиво е секојдневно да се отпуштаат работници од приватниот сектор а администрацијата да зема плати во 100% износ.

ГРОМ смета дека со вака утврдени мерки се обезбедува правичност, неселективност, солидарност и заеднички жртви на секој физички и правен субјект во државата за пребродување на економските последици од коронавирусот.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin