Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГОВОР НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ – ПРЕД ПОБЕДНИЧКИ КАРПОШ ВО ЛЕПТОКАРИЈА

25.09.2017 година

Почитувани граѓани на Карпош, драги пријатели… Добровечер!

Поминаа 4,5 години како сон!

Тогаш, во 2013-та се борев сам против сите. Но, животното искуство ме научи дека тој што го предводи народот, не смее да создава само непријатели, туку мора да создава и сојузници. Овој пат, на овие избори не сум сам. Тука е мојата партија ГРОМ! Тука се нашите сојузници ВМРО -ДПМНЕ и неговата коалиција за подобра Македонија. Се здруживме за доброто на граѓаните. Од таа соработка има резултати и тоа видливи:

Нови 50 фасади во колективните станбени згради, нови паркови, дрвореди, нови и реконструирани детски градинки, нови училишта. Повеќе од 120 километри нови улици и двојно повеќе од тоа тротоари, илјадници нови светилки. Денес, Карпош со гордост може да каже дека нема веќе светилка од постземјотресно Скопје. Изградивме педесетина километри фекална и атмосферска канализација. Септичките јами се минато. Изградивме над 2.500  нови паркинг места.

Како и секогаш го поддржувавме спортот, дававме бесплатни ужинки, екскурзии и стипендии за талентираните ученици и студенти. Помагавме на сиромашните, на изнемоштените, на лицата со посебни потреби. Помагаме за замена на лифтови, покриви и за многу други работи.

Општината ја доближивме уште повеќе до граѓаните. Наместо граѓаните да чукаат на општинските врати, нашите секретари на Урбаните Заедници ги носат решенијата, легализациите и други битни документи на врата на граѓаните. Тоа е целта и обврска на локалната самоуправа: да биде најблиска до граѓаните.

Иако не е наша работа, за овие 4 години потрошивме речиси 2 милиони евра за хигиената и за зеленилото.

Кога станав градоначалник во 2009-та година, на булеварите во Карпош немаше ниту едно единствено цвеќе. А денес, на пролет и на есен, се садат неколку стотици илјади. Немавме ниту една фонтана -денес имаме четири. Немавме ниту едно место каде се собираат граѓаните, а денес имаме девет плоштади.

Но, не го работевме тоа што исто така можат да работат и други градоначалници, туку по многу работи сме предводници и другите учат, не следат нас:

– Први ги осветливме спортските терени направени од самопридонес, како и игралиштата во училиштата за да може и ноќе да се игра

– Први направивме пешачка патека, го урбанизиравме и осветливме кејот на Вардар

– Први почнавме да даваме стипендии за талентирани ученици и спортисти, да ги наградуваме најдобрите ученици… И оние со постигнати врвни резултати да летуваат бесплатно

-.Воведовме бесплатни ужинки и еднократни екскурзии

– Единствена општина сме во Македонија што ја почитува реонизацијата на училиштата со цел во нив да учат нашите деца

– Први започнавме со реконструкција на градинките и на училиштата

– Од десет градинки, седум ни се комплетно реновирани. Градиме нова во Бардовци, а  за две нови веќе имаме распишано тендери

-. Само Општина Карпош враќа  финансиски средства од комуналии на оние кои градат енергетски ефикасни згради

-.Никаде во светот општината не помага при замена на покриви, при замена на стари и дотраени лифтови – во Карпош тоа се прави

-.Први започнавме со реконструкција и поставување на енергетски фасади во колективните станбени згради

-.Само Општина Карпош има комплетно опремена единица за спасување од поплави, пожари и други елементарни непогоди

-.Први ја исчистивме општината од шут и смет и диви депонии и формиравме сопствена служба за оддржување на хигиената и на зеленилото

-.Први отворивме пензионерски клубови по Урбаните Заедници

– Единствено Општина Карпош во Република Македонија ги задржа секретарите на Урбаните Заедници за да можат граѓаните подобро да комуницираат со локалната власт

.- Први започнавме со доделување парични средства за социјално загрозени семејства

– Само ние имаме „хумани патроли“ кои им помагаат на старите и изнемоштени лица  при купување и ги посетуваат во нивните домови

–  Карпош е симбол на слободата. Овде луѓето слободно се движат и не плаќаат паркинг

И на крајот, последното по кое сме единствени од 25-те нешта, а која е куриозитет: за 4,5 години сме исекле само 136 дрва, а сме насадиле 10.480 дрвја. Светскиот стандард за зеленило е 7 квадратни метри по глава на жител. Кај нас во Карпош има речиси 12 квадратни метри по глава на жител.

Ете затоа драги сограѓани и почитувани пријатели, четири пати сме наградувани за нашето работење и иновативноста, како и за лидерството и начинот на менаџирање со проектите во изминатите осум години. Бевме наградени во Ниш, во Сараево, како најдобри во југоисточна Европа, во Австрија и во Германија. За неработење и лежење, награди нема. Награди има само за сработено! За резултати, а не за приказни.

Но, овде нема да застанеме. Карпошани на овие избори ќе одлучуваат дали се за поубав, подобар и поздрав Карпош или се за политика. И мене ме интересира политика, но најмногу ме интересира Карпош. И кога бирам меѓу политиката и Карпош -јас го одбирам Карпош. И затоа со години посветено работам на неговото унапредување. Политиката е чудна работа. Кога бев со нив, бев најдобар и нивен светец. Кога  ги напуштив, јас станав криминалец и мафијаш, и тоа не само локален, републички, туку и интернационален. Сум бил уништувач на зеленило, на дрвја и што уште не. Моја доблест е што секогаш зборувам со аргументи. Андреј Жерновски, актуелниот градоначалник на Центар, 4 месеци пред да се кандидира  повторно за градоначалник, а посебно откако собра потписи, тој ми стана најголем „другар“ во криминалот, се разбира. Што зборуваа: од каде земал 200.000 евра, колку криминал направил, секојдневно неговите партиски колеги и советници излегуваа со обвинувања и омаловажувања. За жал, во таа сатанизација беа вклучени и медиуми и познати лажовизии. Откако се откажа од кандидатурата –молк и штама. Со кооперативноста  го исчисти своето криминално минато. Ова јасно покажува дека овие избори ќе бидат битка меѓу лагата и вистината. Кој ќе победи -граѓаните ќе кажат.

Но, јас само едно знам. Дека вие сами избравте да живеете тука. Иако, во светот постојат и поубави и поголеми и помали места. Можевте да изберете опкружување со полиња, со ливади, со планини и реки, со лозови насади итн. и тоа го има доволно во Македонија. И покрај тие природни убавини, вие го избравте -Карпош! Ви честитам.

Околу 65.000 луѓе, овде во Карпош се родија или се доселија.

Почитувани карпошани, вие живеете во урбаниот центар на Македонија. Вие живеете во центарот на центарот.

Она што можеме да направиме од Карпош е да го исчистиме, да го осветлиме, оплемениме, разубавиме и да го збогатиме со нови содржини: економски, културни, социјални, спортско-рекреативни, здраствени, образовни.

Некои бараат зеленило по секоја цена. Бараат на приватна сопственост, вратена со денационализација, на нашите сограѓани, да им извршиме повторна национализација. Извинете, ама јас тоа не можам да им го сторам. Не можеме да рушиме куќи и да иселуваме семејства. Не можеме да ги стесниме булеварите, за да ги прошириме тревниците. Не можеме да го ограничиме движењето со возила и истите да ги паркираме некаде далеку, а не околу сопствените згради. Не можеме да забраниме луѓето да возат автомобили до своите домови. Вие добро знаете што значи зборот урбан, затоа што сте урбани луѓе и носители на урбанизацијата во Македонија. Вие имате право да го барате она што му припаѓа на еден модерен, чист и здрав град.

И тие истите кои најмногу бараат зеленило, ако не ги направивме 2.500-те паркинзи, први ќе паркираа во зеленилото и ќе се бунеа зошто нема паркинзи.

Ги разбирам пораките на граѓаните, свесен сум за нивните потреби и проблеми и ги поддржувам во нивните барања. Затоа во наредниов четиригодишен мандат ќе работиме на пет главни работи:

  1. Карпош ќе има еден милион квадратни метри зеленило! Тоа значи нови 250.000 квадрати зеленило и дрвореди. Со ова Карпош ќе има 2,3 пати повеќе зеленило од пропишаниот светски стандард или 16 м2 по жител.
  2. Ќе ја подобруваме екологијата посебно во зимскиот период, со давање на стимулации за замена на старите шпорети со нови апарати по европски еколошки стандарди. Ќе даваме дополнителни стимулации за користење алтернативни извори на енергија. И пред секој новоизграден објект ќе има најмалку по еден прочистителен билборд кој ќе продуцира кислород за околу 1.000 нови дрвја.
  3. Граѓаните бараат да се решиме од сметот и руглото од контејнерите. Е затоа, ќе издвоиме над 150 милиони денари за изградба на подземни контејнери и веќе сликата со расфрлан смет, во Карпош 1,2,3,4 и Порта Влае ќе биде минато.
  4. Граѓаните се уште имаат проблем со паркирањето. Но, не секаде. Во Карпош 1, кај Млечен Ресторан, кај Министерство за Економија, кај болницата 8 Септември, кај Лептокарија и Порта Влае. И за оваа намена ќе издвоиме преку 200 милиони денари, за изградба на платформи за паркирање во Карпош 1 , Карпош3, Млечен Ресторан, болница 8 Септември, Порта Влае, трговски центар Антико и други места. Секој жител од овие делови ќе има далечински управувач и само тие ќе можат да паркираат на нивните паркинзи.
  5. Младите брачни парови бараат домови. Позади Зајчев рид ќе отстапиме наше општинско, или ако сакате, државно земјиште и ќе ги ослободиме од комуналии за да изградат семејни домови со мали дворови по цена не поголема од 350 евра по м2.

Ова се главните пет стратешки работи, по чија реализација, сигурен сум дека во Карпош подобро ќе се живее. Но, нема да биде само ова.

Во училиштата ќе имаме целодневна настава до четврто одделение. Секое училиште ќе има најсовремени компјутерски работилници и видео клубови за интернет настава. Ќе отвориме канцеларија за млади. Ќе го зголемиме бројот на дефектолози во училиштата и ќе отвориме Центар за лицата со посебни потреби. Во сите училишта ќе поставиме хидрантска мрежа и истите ќе ги претвориме во зелени оази.

Нема да ги заборавиме ниту домашните миленичиња. За нив подготвуваме 12 специјализирани паркови.

Во Карпош ќе се спортува, ќе се рекреира. Ќе градиме три патеки до крстот на Водно и велосипедска и пешачка патека до горно Нерези.

Ќе изградиме нова спортско -рекреативна зона на кејот на реката Вардар и базени за пливање во неколку училишта.

И на крајот, граѓаните сами ќе одлучуваат за трошење на дел од буџетот и секоја месна заедница ќе  може да одлучува како ќе ги троши тие пари.

Почитувани пријатели, драги карпошани!

Вие знаете дека јас сум спортист. Упорен сум, полн со енергија , борец и можам многу да издржам. Впрочем, сте ме провериле. Сум минал и низ критика и низ фалби. Затоа одлучив да не отстапам. Сакам да го завршиме започнатото. Инаку, кој тоа би го направил наместо нас? Кој има повеќе волја, енергија и знаење? Дали ќе чекате некој прво да научи да работи, да ги менува плановите, а со тоа да одиме наназад. Имате ли време за тоа?

  • Не! На Карпош му треба континуитет во реконструкцијата, во разубавувањето. Карпош мора да оди напред. Ќе сфатите за што зборувам ако се свртите назад пред 4 или пред 8 години. Јас прашувам: дали требаше со закон да се ограничи доселувањето во Карпош, или требаше да се создадат услови сите граѓани да живеат помирно, полесно, подобро и посреќно? Па против кого ние да се бориме? Против нашите соседи? Јас Карпош го гледам како отворена и здрава средина, која ги прифаќа луѓето, ги вклучува во животот и во вашето соседство.

Оваа кампања почитувани пријатели  некој се обидува да ја направи битка меѓу лагата и вистината. Ние сме за вистината, за резултатите. Приказните нека ги кажуваат други, и на други. Ние ќе се бориме против лагата, насилството и пропаднатите политики. Нашата борба има своја цел: а тоа е подобар Карпош! А,  нивната борба е да имаат противник. Мене не ме интересираат противници, туку само соработници на заедничката задача која се вика подобар, поубав  и посреќен Карпош. Тоа граѓаните од нас го бараат.

Такви соработници препознав во Сашо Лазаровски, во Тони Јаревски, во Игорче, во Даниела и сите нивни партиски колеги. Таков соработник препознав во градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, човек со меко срце, благ карактер, со огромна желба за соработка. Коце Трајановски е човек -вистински татко на градот, кој, и кога не бевме на иста политичка страна и на мене и на сите ни покажа како се соработува за доброто на граѓаните. Градоначалникот Трајановски во изминатите 8 години исто така се изнаработи. И тој зад себе има резултати, а не празни приказни. Вечерва  се поддржува нејмар со нејмар, градител со градител. Ние од ГРОМ ќе го поддржиме она што е најдобро за Скопје, а тоа е Коце Трајановски, градоначалник за Скопје, а коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО -ДПМНЕ ќе ме поддржи мене за градоначалник на Карпош.

Почитувани,

Еден циклус завршува, започнува нов. Дали некој може да го негира она што вие го гледате пред себе?! Дали се подобри тие што ништо не работат за да не згрешат или тие што многу работат? Јас не го прифаќам неработењето. Не го прифатив ни порано, ниту ќе го прифатам во следниот мандат. Нам ни е потребна акција, а Карпош е голем предизвик. Може ли градоначалникот да работи тајно, да сокрие од вас што гради? Секој ден и вие и медиумите и новинарите и целата јавност беше сведок за тоа што работам. За жал, некои кандидати немаат баш ниту еден сведок, ни за добар -ни за лош проект. Имаат само ветувања. Јас сработев и ќе сработам! Некои го немаат ниту првото ниту второто од ова. Сега имам уште повеќе причини да се кандидирам за нов мандат. Знам повеќе, и можам и знам повеќе да направам за граѓаните на Карпош. Ги знам сите патеки, сокачиња, улички, сите потешкотии и предизвици пред кои се исправени граѓаните на Карпош. Зарем да го оставиме Карпош на некој неискусен. Некој што повеќе од половина мандат ќе помине во запознавање каде дошол и каде се наоѓа, а останатата половина да се запознае со проблемите. Карпошани немаат време за губење. Карпош бара одлучни и храбри луѓе кои покажале дека знаат од Карпош да направат бренд. Затоа ги повикувам карпошани да не го фрлаат својот глас само за инает на другите, туку да го дадат својот глас за оној што ги познава и нив и нивните потреби. Да го дадат гласот за оној што работел, за да карпошани се гордеат со нивните згради, плоштади и улици, паркови и фонтани.

Затоа ги повикувам моите сведоци, сведоците на карпошовиот прогрес да гласат за мене: за бројот 12, за листата на ГРОМ предводена од д-р Добрила Андоновска и за мене како градоначалник.

 

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin