Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Мало морген!

03.08.2017 година –

Целиот свет се дрма, се тресе поради внатрешно политички превирања во САД. Битката е меѓу Трамповата концепција за градење на партнерски односи со Русија, и концепцијата на т.н. длабока држава протажирана од Обама и Хилари Клинтон.

Со најновите санкции воведени против Русија, практично се изврши блокада на надворешната политика на новиот американски претседател. Конгресот донесе закон со кој се воведуваат дополнителни санкции на Русија. Во оваа анти-руска хистерија се обединија и демократите и републиканците. Отпрво Трамп се противеше на ваквите заложби, но откако виде дека неговото вето нема да има ефект затоа што анти-руските сили во САД имаат над 2/3 од Конгресот. Тоа значи дека ако Трамп стави вето, тие со двотретинско мнозинство ќе го поништат.
Овој закон има и друга димензија, а тоа е да го оневозможат Трамп во евентуалната желба за укинување на санкциите против Русија.
Во ваква состојба Американското општество било во средината на 19-от век, пред нивната Граѓанска војна.

Зошто се воведуваат сакциите?
Тие најпрвин се воведуваат на поединци, па потоа се прошируваат на одреден број компании. Следната фаза е санкциите да се прошират на политичари и бизнисмени, и последно да се воведат санкции на целиот увоз и извоз на таа држава. Ова е практично војна, не со бомби, туку со економија. Објавена е американска војна на руската економија. Санкциите имаат за цел да предизвикаат пад на општествениот производ, недостаток на одредени производи, пад на животниот стандард и економската моќ на државата. По ова, се активираат невладините организации, како борци за човекови права и подобар живот, па политичката опозиција, и на крајот доаѓа американското бомбардирање. Ова е воспоставен след на настани кај помалите земји. Кај Русија, „мало морген“. На невладините организации им се потскратени крилјата во 2012 година кога Путин ги избрка Сорос и УСАИД и оттогаш па наваму тој лично дели по 25 милиони евра на невладиниот сектор во Русија.
Покрај ова, донесе закон со кој секој што работи во странство, или има фирма во странство, или му пристигнуваат пари однадвор, тоа може да го прави под услов да не се бави со политика. Ако се бави со политика, а по било кој основ му пристигнуваат пари од надвор, тие се ставаат под надзор на специјална државна комисија и ако се констатира дека соработува со странски разузнавачки служби, јаде „15-со кромид“ па нагоре.

Значи, овој дел од американското сценарио за Русија е невозможен, а и бомбите се само убав сон за американските хистерици.

Кога бев дете, па средношколец и студент, честопати го слушав Тито како зборува за западните империјалисти. За мене тоа беше нешто имагинарно. Мислев дека Тито ни прави приказна за да не држи во страв и ги оправда трошоците за големата Југословенска армија. Но, денес империјалистите ги гледаме на дело. И во живо. Газат се пред себе. Рушат влади, уништуваат држави. Се лее крв насекаде низ светот, само за да се оствари нивниот интерес кои тие не го кријат. САД јавно вели дека секоја точка на земјината топка е нивен стратешки интерес. Оваа империјална сила функционира по принципот на пирамида. Тие се на врвот, а се останато е под нив, и секој треба да биде понизен и да служи на нивните интереси.

Аналитичарите велат дека Америка повеќе крева прашина отколку што има реална сила да го спроведе својот концепт на еднополарен свет, во кој ќе функционира нивната доктрина за длабока Американска држава. Тие не можат да се помират со фактот дека не се ова 90-те години од 20-от век, туку 21-от век во кој на светската сцена се појавија и нови играчи. Тие нови играчи го протажираат мултиполарниот свет, наместо еднополарниот. Главни играчи на мултиполарноста се Русија, Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка, па дури може да се каже и најголемиот број на членки од Г-20.

Кинезите сметаат дека Северна, Јужна Америка и Аљаска природно им припаѓа на САД како економско-политичка и воена сфера на влијание. Кинезите велат, не им се мешаме ниту во Африка, ниту во Европа. Бараме од Американците да ни ја остават само Азија. Но Америка тоа не го прифаќа, и јасно става до знаење дека секоја точка на земјината топка е нејзин стратешки национален интерес.
За разлика од Америка, Кина го освојува светот како што велат „писфули“, без испукан куршум. Со макотрпна работа, со трговија, евтини производи и примена на современи технологии. Америка ја губи оваа битка со Кина и тоа ја прави ужасно нервозна.

Русија бара свој примат во делот на енергетиката, што и припаѓа поради природните ресурси на нафта и гас. Нивниот интерес се завршува во делот на енергетиката со „Северен Поток 2“ и „Турски поток“ на што Американците брутално се спротивставуваат. Секако, Русија си има и свој дел од светскиот колач на продажба на оружје.

Досегашните санкции на Русија и помогнаа да го развие своето производство на храна, па во моментов колку што Русија заработува од продажба на оружје, толку заработува и од оваа индустриска гранка. Со санкциите развија и потполно нови индустриски гранки. Кога советниците на Путин му сугерирале да им го запрат извозот на ракетни мотори на САД (Америка не произведува ракетни мотори), Путин ги прашал дали имаат понови генерации на ракетни мотори од овие што им ги продаваат на Американците. Неговите советници му одговориле дека тие имаат две генерации понови мотори. Тој им дал многу едноставен совет: „Не гледам проблем. Продавајте им старо оружје и земајте им ѕенги.“
Ова само зборува за руската ладнокрвност и спремност успешно да се справат со санкциите. Сега Путин на најновите санкции им одговара со бркање на 755 американски дипломати. Инаку Америка во Русија имаше 1.145 дипломати, а пак Русија во Америка само 450. Практично, Путин им ги брка сите шпиони од Русија.

Се поставува прашање, каде ќе заврши оваа трговска војна? До каде ќе оди Американската анти-руска хистерија? Наводно ова го прават поради односот на Русија во Украина. Не економски санкции, свети санкции да воведат Русија од Украина нема да се откаже од едноставна причина што НАТО ќе му дојде до неговата граница.

Бидејќи Америка не може да ја исплаши Русија со бомбардирање, оти фантомите ќе им паѓаат како зрели крушки, заканата може да оди со нуклеарни боеви глави. Не случајно деновиве Американскиот адмирал кој командува со Пацифичката флота даде изјава дека ако добие наредба од Пентагон, е подготвен да испали нуклеарна бомба кон Кина. Можете ли да замислите какви лудаци го држат светот на дланка, и само поради тоа што не можат да се помират со фактот дека со некого треба да бидат партнери, а не тие да им бидат нивни слуги. Подготвени се делови од земјината топка да ја спржат со нуклеарни бомби.

Ние Македончињата си се здружуваме со овие империјалистиве, кои за да уништат болва се спремни да го запалат јорганот, и си пееме „НАТО, НАТО ти си мое злато“. Притоа влезени во целосна фаза на автошовинизам и тотална некритичност кон се што ќе каже, се што ќе превземе, и се што ќе сатанизира Америка.

Како тргнале, Американците ќе завојуваат со Русија, но војната нема да се води на Американско туку на Европско тло. Се поставува прашање: Ќе ги праќаме ли синовите заедно со трупите на НАТО под Американска команда кај Урал да војуваат со Русите?

Во НАТО нема да даваат колачи, туку се ѕвецка со оружје и ова ѕвецкање со оружје во Македонија не ќе да е на арно.

Извор: infomax.mk

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin