КОЛУМНА НА М-Р ЉУПЧО ПРЕНЏОВ: Скапи експерименти, господа!

06.12.2016 година –

Општествените „триења“ на македонското политичко поднебје некако ни станаа иманентни. Деновиве се на врвот. Се разбира, поради изборите и актуелните политички кампањи, но никако не станува збор за експлозија, или „големиот бум“. Напротив, би рекол дека се некој континуитет, или барем никогаш незавршена приказна. Дали е така, не знам, но сенешто ме тера да си споменам. Ајде малку фактографија:

Во 2001 година во Република Македонија имавме вооружен конфликт – класично сценарио од определени центри на моќ со цел предизвикување конфликтот и долготрајна недоверба меѓу Македонците и Албанците како два најголеми ентитета во РМ. Државата, за среќа, успеа некако да се врати назад на политички, но, пред сѐ, на економски план. Вооружениот конфликт во тој период резултираше со Рамковен договор постигнат меѓу лидерите на тогашните најголеми политички партии, а суштината (гледана од аспект потоа), беше вештачко зголемување на процентот на етнички Албанци во Република Македонија и, се разбира, воведување двојазичност во десетици општини во државата, како и прекројување на внатрешните територијални граници.

Меѓутоа, имам чувство дека по овој прв чекор инвеститорот на овој проект не мирувал целото ова време. Очигледно е дека има потреба да се оди чекор понатаму. И би било крајно наивно да веруваме дека „големите стратези“ би се откажале на првата пречка, и тоа види од кој, од „малата и суверена Македонија“?! Така,во 2014 година почна и вториот чекор од ова сценарио, а тоа е создавање интермакедонски конфликт, чијашто крајна цел е сериозно ослабување на водечкиот македонски блок, неговото раководство, во полза на групацијата на помали политички партии од албанскиот блок. Со тоа би се довело до состојба за редефинирање на Република Македонија во секој сегмент од нејзиното општествено живеење, промена на името, Уставот итн.. За целото ова на инвеститорот – „чадорот“ му требаше човек што ќе биде релативно крупна или барем препознатлива политичка фигура, кој ќе има големи амбиции за моќ и за пари, а кој во себе ќе нема ни трошка етичност, морал и, пред сѐ, патриотизам. Зоран Заев во прв момент им се виде идеален пион за остварување на вториот чекор од ова сценарио. Велат дека попат добил и една црвена негаторска линија како „слаб остварувач“, но тоа останува да го видиме.

Па така во 2014 година, на денот на изборите, во 19 часот, ни соопшти дека не ги признава изборните резултати, дека се украдени 150.000 гласови од страна на власта и дека тој ќе ги бојкотира институциите на системот. Тие исти институции на кои тој толку „гладно“ претендира и , што би рекле, во кои „парт тајм“ партиципира и тоа со „полни гради“. Сега не зборува за тоа, го потпиша избирачкиот список, кој е истиот како тој во 2014 година. Чудно замолкнување?! И како за сѐ досега, не собра ни храброст, ниту доблест, да се извини за оваа лага. А можевме ли воопшто да го очекуваме тоа? Во меѓувреме, ни кажуваше дека не го почитува судот, сите судии се корумпирани, пратениците и владата се нелегитимни…

Накратко кажано, се обиде да постави теза во јавноста дека сите раководители на институции и нивни претставници се корумпирани, криминалци и слично, а дека самите институции, патем изградени од страна на граѓаните на Република Македонија, се нефункционални и претставуваат гнезда на криминално работење. Како второ,а можеби и најсуштинско, се обиде да ја делегитимира изборната волја на огромното мнозинство на македонски граѓани. Сите прашања што ги отвори овие две и пол години, се покажаа како невистинити, дека не постојат 150.000 украдени гласови, дека не постојат 500.000 фантоми во избирачкиот список и слично. И сега,во изборите, влезе „прочитан” од страна на македонските граѓани знаејќи дека копирањето на изборната програма од српски политички партии нема да му донесе успех, реши да го активира последниот радикален адут – пазарење со македонските национални интереси и нивно нудење на разни страни, без притоа кој било да му побара такво нешто. Суицидно, очајнички или „морално“, што би рекле.

Овие негови идеи не потекнуваат од вчера. Првпат ни ги објави во 2015 година, на косовска телевизија, потоа ги елаборираше уште неколку пати на разни портали и средби со граѓани, за на крајот да кулминира во Берн – Швајцарија. Според нас од ГРОМ, неговата изборна кампања таму и заврши, но срамот за него и неговите најгласни поддржувачи останува и ќе се памети. Ако му беше за историјата – во ред е. Влезе!

Ниту еден политичар во овие 70 години не сме го слушнале и виделе да истапи со олку негативни антидржавни тези погубни за Македонецот и за македонската држава,култура и традиција, како што го направи тоа тој, на средбата со албанските иселеници. Што се однесува до таа „фамозна средба“, не знам само дали средбата му ја подготвувал човекот со капчето на глава, кој е претседател на здружението на иселеници Албанци и кој јавно ѝ кажа на целата македонска јавност дека не крие дека се залага за федерализација на државата и дека тоа лично му го кажал на Зоран Заев. Можеби и самиот Зијадин Села е добро поврзан со вакви екстремистички структури од каде што единствено може да стане видлив на македонската политичка сцена. Некако радикализмот на албанските партии како да им е „дежурен адут“ во политиката. Да, дури и во 21 век, за жал.

Никој не се осмелил да каже дека Република Македонија е главниот проблем на Балканот, ниту еден Македонец што си ја знае историјата на македонскиот народ. Што барем малку знае и почитува како овој народ дошол до држава, колку неправди доживеал за да дојде до свој општествен ентитет, колку жртви се дадени за де се дојде до овој милениумски сон за сопствена држава. Сега „се роди“ еден политичар, патолошки желен за моќ и за власт, кој целиот овој сон го релативизира, а целата историја, култура, традиција и, пред сѐ, државноста, ги става на „зелена маса“ само и само за да стане премиер.

Кога го говореше ова во Берн имав чувство дека луѓето таму, додека му аплаудираа со широки насмевки и со подгреани очекувања, во себе си велеа: Па, ние ваков како тебе баравме 70 години. Токму толку години никој не го кажал тоа што го заговараа само радикалните структури во нашите соседни држави. Јас сум убеден дека истиот овој аплауз ќе го добие доколку говори и пред српските владици, бугарските и грчките радикали.

За среќа, огромното мнозинство македонски граѓани веќе 25 години живеат во плурализам, имаат веќе и демократско минато, многу изборни циклуси, многу нереализирани ветувања и денес, во 2016 година, со помош на плурализмот во медиумите, интернетот и технолошкиот напредок, можат да ги слушнат сите страни, сите понуди и точно даја направат разликата.

Затоа сите анкети, покажуваат убедлива предност на Коалицијата за подобра Македонија, покажуваат дека неопределените, кои се едно „тивко мнозинство” и кои се пресудни за изборите, еднакво сакаат суверена, независна, економски силна, унитарна и, пред сѐ, европска Македонија.Тоа е таа „внимателна публика“, која мери, одмерува, слуша и во клучен момент се активира. Но, како? Ако одиме според мислата „ пред фактите и боговите молчат“, не е тешко да претпоставиме дека, на крајот од денот, ќе пресудат реалните бројки. Да, кампањата е црна, поцрна не може да биде, но максимумот што може да се постигне со такво „плукање“ е привремено да го демотивира гласачкото тело. Сепак, говорот на омраза е бумеранг и тој со чудесна брзина се враќа на испорачателот. Го предвидоа ли гневните овој момент? Значи народот сака перспектива, надеж, не омраза. На тенок мраз газат „господата“ од СДСМ.

Но, тоа што ќе остане, и за кое ќе можеме за неколку години од дистанца да говориме, е дали целиот овој труд, вложените пари, енергијата од страна на определени центри, а потпомогнати од домашни слуги и предавници, било психолошко подготвување на Македонецот дека двојазичноста, кантонизацијата или федерализацијата се работи што можеме да ги очекуваме во иднина.Скапи експерименти, господа!

Извор: Република

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Share on Google+
Google+
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin