Грст уметност за децата со вечна насмевка

DSC_061721.03.2016 година

Во прекрасна и инспиративна вечер, со хуманитарен концерт, Форумот на жени на Граѓанската опција за Македонија- ФОЖ ГРОМ- Карпош, во Кинотеката на Македонија го одбележаа Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21 март.

На „Децата со вечна насмевка“ тие сношти им подарија букет од љубов, испреплетен со менуети, сонати и арии од Моцарт, Корели, Перголези, како и инструментални изведби на светските хитови, „Њујорк, Њујорк“, танга и други маестрални изведби, кои на крајот ги крунисаа со Бетовеновата „Ода на радоста“.

Присутните гости во преполниот амфитеатар ги поздрави претседателката на ФОЖ ГРОМ – Карпош Добрила Андоновска која во своето обраќање рече дека „ Хуманитарниот концерт е потсетување за нашите обврски за подигање на јавната свест дека сите деца можат да се вклучат во општеството, образованието, а понатаму да бидат успешни во своите избрани професии, затоа што не постојат различности кои на децата може да им го одземат правото на среќен и исполнет живот.“

Уметничкиот дел на вчерашниот концерт, во најголема мерка, беше резултат на  несебичното вложување на г-ца Ријана Рамиз, професор по виолина, но и на бравурозните изведби на нејзините гости, врвни академски музичари како: проф. Стефани Стефановска – пијано, проф. Николина Е. Тодоровска – флејта, проф. Верица Шотаровска – пијано, проф. Ерхан Шукри – виолина, проф. Фана Спироска – виола и проф. Љупка Манчевска – виолончело.

Филантропскиот настан беше збогатен со изложба на донирани уметнички дела од 14 жени академски сликари која ја реализираше м-р Марија Светиева, од Одделението за култура и спорт при Општина Карпош. Свој уметнички придонес со своите дела во овој настан имаа академските сликари  Јоана Блажева, Јулијана Гешоска, Жаклина Глигориевска, Валентина Илијевска, Цветанка Јованова, Ана Јовановска, Симонида Филипова Китановска, Андријана Мациев, Пандора Апостолoска Саздовска, Марија Светиева, Виолета Силјан, Тања Таневска, Марјана Костојчиноска Узунчева и Лидија Пачемска Јонес.

Делата на нашите познати академски сликари ќе бидат дадени на аукција, а средствата од хуманитарниот концерт и од продадените ликовни дела  ќе бидат наменети за деца со Даунов синдром од Општина Карпош.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Share on Google+
Google+
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin