Прес – конференција: Додека СДСМ-овските општини хибернираат – Карпош се гради

DSC_878007.03.2016 година

Во главното партиско седиште, денеска претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски, одржа прес конференција, на која како што истакна, претстави и една друга, цврсто аргументирана и громовска вистина за Македонија.

–        ,,Ако баба лаже, трап не лаже’’ , вели народот. Сакаме низ бројки и факти да покажеме кој и како се однесува додека е на власт и за што ја бара поддршката на народот. Податоците што ќе ви ги изнесеме се официјални податоци од Бирото за јавни набавки и од веб страниците на општините. Работата и резултатите на локалната самоуправа се огледува преку предвидени и реализирани проекти кои се од значење за подобар живот на граѓаните. За реализација на овие проекти, неопходно е прво стручни лица да изготват проект, соодветна фирма да го ревидира, бирото за јавни набавки да даде согласност на условите на тендерот и на крај да се објави јавен повик или тендер за фирми кои ќе го остварат проектот, истакна првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Преку компаративен приказ на состојбите ќе се види како стојат на тој план работите во 2015 година во оние општини каде што градоначалниците се од редовите на СДСМ.

–           Општина Куманово има објавено 65 тендери, од кои само 18 се од инфраструктурата, а останатите за функционирање на локалната власт. Општина Струмица објавила 52 тендери, од кои 14 се за инфраструктура, додека Општината Ранковце објавила 20 тендери, од кои едвај 2 се за инфраструктура. Сите три општини заедно во 2015 година објавиле 137 тендери, од кои само 34 се за инфраструктура која е од егзистенционално значење за граѓаните. Од друга страна, Општина Карпош, на која сум јас градоначалник од редовите на партијата ГРОМ, има објавено 135 тендери ( или само 2 помалку од сите нив заедно), од кои 84 се за инфраструктура, или 2,5 пати повеќе од нивните, потенцираше Јакимовски.

Понатаму во своето излагање лидерот на ГРОМ истакна дека вкупно трите општини решаваат проблеми на 161.000 граѓани, додека општина Карпош на 59.000 според последниот попис во РМ. Кај сите овие општини, кои се самостојни, приходите 100 посто се нивни, додека Општина Карпош како територијална административна единица во состав на Градот Скопје, ги дели во сооднос 60 отсто за Градот, 40 отсто за Карпош, а приходите од даноци ги дели на половина по 50 отсто со Град Скопје.

–           Да не биде тенденциозно, дека само ја истакнувам Општина Карпош, да направиме споредба на Општина Струмица со Берово, кое има 51 тендер, Сопиште 49, Илинден 64, Скопје 318 итн. Да не се вадат дека станува збор за нереферентна година, да видиме како стојат работите во 2016 година, бидејќи денот по утрото се познава, каде состојбата е уште побетер. Куманово има објавено 11 тендери, од кои 5 се за некакви проекти, рече првиот човек на ГРОМ.

Во негов својствен стил, тој продолжи: -Патем да кажам сум чул дека во зима срцето на змијата отчукува само 2 пати во минута, скриена во дупка хибернира за да не троши енергија. Така по примерот на хибернирачката змија во зима, Општина Струмица во 2016 година објавила вкупно 5 тендери, од кои 1 е за инфраструктура, точно толку колку  срцето на   змијата, нагласи претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Општина Карпош од почетокот на 2016 година досега има објавено 84 тендери, од кои 74 се за инфраструктурата што е од витално значење за карпошани. Што покажува сето ова?

За да имаме избалансирано и објективно медиумско информирање, ние треба да лежиме,  за да не ги разбудиме улежаните суети на градоначалниците на СДСМ. Додека на медиумите секојдневно гледаме како функционерите на владејачката коалиција нешто градат, се среќаваат со граѓаните, слушаат и нудат проекти, опозициските функционери се или во шатори, или со слушалки на уши, или во кафана и некаде играат комар.

На крајот на прес конференцијата, Јакимовски заврши со зборовите на големиот владика Данило: ,,Јанко брани Владислава мртва. Шта га брани кад га неодбрани’’?

–           Господине Ванхојте, г-дине Орав и г-дине Бејли, зошто браните нешто што не може да се одбрани? Под превезот на т.н ,, борба за човекови права и медиумски слободи’’,  тие ја кријат својата безидејност, немањето визија и немањето проекти со кои ќе ја добијат довербата на граѓаните и ќе работат за подобрување на квалитетот на нивниот живот. Токму такви,  тие се прочитани, и затоа граѓаните на Република Македонија не им ја даваат својата доверба, и не дозволуваат вакви луѓе да ја водат државата, заклучи Јакимовски.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin