Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Трибина на ГРОМ Струмица

Tribina-grom-strumica16.12.2015 година

Актуелната политичка криза која е предвидено да се разреши на закажаните предвремени парламентарни избори на 24 април, 2016 година, беше повод општинската организација ГРОМ- Струмица во хотелот ,,Парк” да одржи трибина посветена токму на оваа тема.

Пред многубројните присутни симпатизери и членови од општинската организација на ГРОМ во Струмица, претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски одржа говор со  кој го опфати целокупниот политички амбиент во кој се наоѓа денес Република Македонија.

Во својот ретроспективен говор тој истакна дека ГРОМ како политичка партија која се формираше пред две години, денес е препознатлив  чинител на македонската политичка сцена, активно партиципирајќи во Владата на Република Македонија, преку конструктивна понуда на  решенија за проблемите на граѓаните. Тој упати критики на Пржинскиот договор, при што истакна дека со одредбите од него се крши Уставот на Република Македонија, а со тоа се гази и уставниот поредок и институциите на системот, навестувајќи дека во иднина овој преседан има изгледни шанси да стане институционално вградено решение. Во обраќањето кон присутните, тој ги истакна добро познатите позиции на ГРОМ како граѓански ориентирана и профилирана политичка партија, на чие прво место се наоѓаат  секогаш граѓаните и истакна дека ГРОМ  е подготвена максимално и за претстојните парламентарни избори и ја најави предвидената програма на партијата за истите.

Во своето обраќање кон медиумите кои беа присутни, лидерот на ГРОМ истакна дека кризата со бегалците е многу сериозна, која може сериозно да ја дестабилизира државата и да предизвика несогледливи последици по нејзината безбедносна, економска и социјална стабилност.

– Ние како политичка партија први јавно, на прес конференција изразивме загриженост за актуелната бегалска криза, ги повикавме надлежните институции да реагираат храбро, соодветно и енергично и први ја истакнавме потребата да се подигне жичана ограда на јужната граница со Грција,  што гледаме дека и понатаму тоа се реализира, заклучи Јакимовски.

Претседателот на општинската организација на ГРОМ- Струмица Сашо Милковски им упати благодарност на присутните на трибината, и притоа истакна дека општинската организација на ГРОМ во Струмица е една од поактивните општински организации кои секогаш ги следат политичките случувања во градот и имаат свој став по истите. Исто така претседателот Милковски потврди во своето излагање дека ГРОМ- Струмица е максимално посветена и за претстојните парламентарни избори на кои ќе им понуди конкретни решенија за проблемите на граѓаните во градот.

Со максимата ,,Сите прашања заслужуваат одговор”, претседателот Јакимовски даваше соодветен одговор на секое поставено прашање од присутните граѓани, кои по завршување на неговото излагање му ги упатуваа за најразлични теми од политичкиот, економскиот, социјалниот аспект на општественото живеење.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin