Прес -конференција: Македонија има две влади

slika-press-13.11.2015webПовод за денешната конференција за печат на Граѓанската опција за Македонија беше бегалската криза  што се случува во Република Македонија и во цела Европа и опасностите што демнат од неа.

-Ние вчера видовме, изјави на самиот почеток претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, дека и Словенија ќе поставува ограда на нејзината граница кон Хрватска, според она што го изјави словенечкиот претседател. Тој дури ги повикал и Хрватска  и сите други земји во регионот да постават исто така мрежи и огради, сé до изворот на проблемот, а очигледно изворот на проблемот е Грција, констатираше Јакимовски.

Со ова, продолжи лидерот на ГРОМ, сметам дека Република Македонија не треба да доцни, туку напротив, на време да си преземе мерки за безбедноста, и треба, идентично да реагира како што веќе постапуваат три рамноправни членки на Европската унија: со поставување на жичани огради на нивните граници.

-Ова, рече Јакимовски, е вистинска причина да почне да работи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој што се однесува како слон во стакларски дуќан. Тој треба да се зафати со вистинска работа, со безбедносните проблеми и закани, а не со тривијални работи, како што гледаме два – три дена назад. Поточно, тој  прво почна со одеземање на ингеренциите на сите вработени во Министерството за внатрешни работи. Прашувам дали сме свесни каков безбедносен проблем ни се случува? Дали сега четирите големи политички партии видоа што направија? Сега од една Влада во Република Македонија, имаме две влади и тоа  во најсуптилен временски период, кога се јавува оваа бегалска криза а притоа се повеќе се шират гласини дека се прави концепт во Македонија да се задржат повеќе од 30.000 бегалци. Тоа со гаранција ќе биде огромен безбедносен проблем на државата. Оттука, ние од ГРОМ сакаме да апелираме и да укажеме на сериозноста на ситуацијата со безбедноста во наредниот период и да укажеме на она што значи одговорност на претставниците на Владата на Република Македонија, а посебно на главните актери во Владата на Република Македонија.

Одговарајќи на новинарското прашање за ставот на ГРОМ за одземање на овластувањата во МВР, Јакимовски повтори, дека министерот создава безбедносен проблем. Ако продолжи така да се однесува, рече Јакимовски, има решение, а тоа е  Парламентот да го разреши.

Она што јас знам, согласно со европските директиви на министрите треба да им се укинат дискреционите права, односно министерот да нема таква моќ со еден потез да може да ги суспендираат овластувањата на 10 до 12 илјади  вработени во МВР. Ниту тој, ниту кој било министер согласно ЕУ директивите не смее тоа да го прави, заклучи Јакимовски.

Во оваа пригода, претседателот на Граѓанската опција за Македонија-ГРОМ, Стевчо Јакимовски, на сите граѓани на Скопје и на РМ   им го честиташе  празникот 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin