ИНТЕРВЈУ – НА ПОВИДОК Е ХИБРИДНО РЕШЕНИЕ ЗА КРИЗАТА

zoran popovski14.04.2015 година

Се’ уште не сме свесни како оваа афера ќе се одрази врз евроатлантските интеграции и врз економската ситуација во земјата, вели Зоран Поповски, функционер на ГРОМ и претседателски кандидат на ланските избори

Каде го гледате излезот од сложената политичка ситуација во која се наоѓа Македонија, по отворањето на случајот „Пуч“ и објавувањето на дел од снимките од прислушувани разговори?
Мој впечаток е дека се наѕира некакво хибридно решение кое би било компилација од три елементи кои сами по себе се далеку од совршени и популарни, а тоа се: институционално-судска разрешница како правно решение на проблемите, некакво проветрување на Владата со евентуално вклучување на неколку општоприфатливи експерти како политичко решение на кризата и меѓународно посредништво кое треба да обезбеди објективност и транспарентност на целиот процес. Зошто овие решенија се непопуларни? Па, едноставно затоа што институционално-судската разрешница, со оглед на политизираноста на судско-истражните органи, изгледа малку несериозно, промените во Владата делумно би ги анулирале какви-такви изборните резултати, а меѓународната медијација уште еднаш би ја потврдила незрелоста на македонското општество внатрешно да си ги решава проблемите кое самото си ги генерира. За жал, со оглед на развојот на ситуацијата и нејзиното времетраење, изгледа дека ваквата разрешница на кризата се наметнува како нужно зло.

Како, според Вас, треба да се расчистува аферата со прислушувањето, односно каде треба да се стави акцентот: на изворот на снимките од телефонските разговори или на нивната содржина?
Недвојбено е дека и изворот на снимките и нивната содржина треба да се анализираат интегрално. мене во целата оваа ситуација ме загрижува фактот што некој воопшто си дозволил да прислушува граѓани во Македонија, надвор од пропишаните процедури кои се однесуваат на борба против криминал и тероризам или на безбедноста во државата. Многу сум љубопитен да дознам кој е тој, односно кои се тие што толку ревносно и долго прислушувале различни категории граѓани, па сега од сето ова се организира своевидна лотарија со човечки судбини. Инаку, најголем дел од објавените содржини кои се однесуваат на лична комуникација помеѓу прислушуваните лица се неоправдано објавени и допрва ќе предизвикаат последици на личен, професионален, а богами некои од нив и на безбедносен план. Независно колку се тие разговори на моменти инфантилни, злобни или вулгарни, никој не смее да си поигрува со светото право на приватност на граѓаните. На пример, aко внимателно се анализираат разговорите на претседателот и на генералниот секретар на ГРОМ, господата Јакимовски и Цветковски, во нивната снимена и објавена конверзација со други лица нема ништо криминално и незаконско. Некој упорно настојува да создаде впечаток во јавноста дека ГРОМ е вплеткан во некакви игри со владејачката партија. Рака на срце, треба да се биде искрен и да се каже дека има и содржини кои имплицираат и незаконски дејства во изборниот процес, финансиски манипулации и злоупотреби на службена должност кои допрва треба да се докажуваат. Мој впечаток е дека тие се преклопуваат од овие би рекол катадневни и дискутабилни прес-конференции со кои се преокупира јавноста.

На ланските избори, Вие бевте претседателски кандидат на ГРОМ. Од тој аспект, како гледате на улогата на шефот на државата Ѓорге Иванов во последниот период? Може ли тој да се наметне како фактор за релаксирање на односите во земјава?
Сега се потсетувам на пораките кои тогаш на собири и преку медиуми им ги испраќав на граѓаните како дел од мојата изборна платформа. Тогаш упорно изјавував дека ќе се однесувам како вистински медијатор помеѓу политичките субјекти во разрешување на проблемите во државата, не дозволувајќи во секоја ситуација да бараме асистенција од меѓународната заедница. Заради избалансираност, предложив формирање претседателски кабинет кој би бил компониран од претставници со различна политичка провениенција. Дури и заговарав со уставните промени заради долгорочно обезбедување контрола врз институциите на системот. Сега од оваа перспектива гледано, ништо од овие заложби не е дел од политичката реалност во Македонија и се сомневам дека актуелниот претседател е во состојба да ја преземе таа улога на медијатор и балансер во актуелните политички недоразбирања. Да сакаше да го направи тоа, досега ќе преземеше некој конкретен чекор.

Каде треба да се бара политичката, а каде правната одговорност за ситуацијата во која се најде земјата?
За мене вина носат сите играчи на политичката сцена во Македонија. Од одговорност не можат да се амнестираат ни партиите на власт, ни опозициските партии, а и едните и другите им должат едно големо извинување на граѓаните за непријатностите кои им ги предизвикаа. Во однос на одговорноста, правната треба да се утврди преку судска постапка која треба да биде крајно транспарентна и деконтаминирана од политика. Притоа, треба да се утврди кој прислушувал и по чиј налог. Засега имаме признание на еден од обвинетите, но во овој момент јас не би исклучувал ниту една можност во смисла на нарачатели и извршители на прислушувањето. Исто така, правна одговорност треба да си понесат и лица кои вонзаконски објавуваат телефонски разговори за кои не е предвидена процедура за нивно обезбедување или, пак, нивната содржина не имплицира никакви незаконски или криминогени дејства, а такви во објавените телефонски разговори има во изобилие. И конечно, правна одговорност ќе треба да си понесат и сите оние за кои ќе се утврди дека ја злоупотребиле својата положба независно дали станува збор за изборни нерегуларности, финансиски трансакции итн. Политичката одговорност е прашање на политичка совест која, за жал, во Македонија со мали исклучоци е апстрактна категорија. Такво понесување политичка одговорност треба да се случи и во владејачката и во опозициската коалиција, но и кај носителите на високи функции во институциите на системот. Како и да е, целата оваа ситуација фрла сериозна сенка врз легитимитетот и кредибилитетот на институциите, кои се’ уште не го заслужуваат атрибутот – демократски.

Како,оваа политичка криза ќе се одрази врз евроатлантските процеси на земјата?
За жал, се’ уште не сме свесни како оваа афера ќе се одрази не само на евроатланските интеграции, туку и на економската ситуација во земјата, а богами и врз нејзината безбедност. Во кампањата за претседателските избори предложив да го обновиме барањето за членство во НАТО под привремената референца. Со оглед на ситуацијата во Украина, заладувањето на односите помеѓу Русија и ЕУ, од денешна перспектива многу полесно ќе се соочувавме со овие ризици ако успеевме да се избориме за членство во НАТО. По ова што ни се случува во државава, ситуацијата може само да се усложнува особено по шпекулациите за можно одземање на кандидатскиот статус на Македонија. Кој е тој инвеститор кој ќе се реши да вложува во Македонија ако знае дека тука се прислушува и дека во економијата не важат само пазарните законитости.

Дали Македонија во овие моменти се соочува и со безбедносни предизвици, со оглед на експлозивната политичка ситуација?
Не смееме никако да замижуваме пред потенцијалната опасност која може да се преточи во внатрешни превирања. Во таа смисла, сериозно ме загрижуваат милитантните повици кои деновиве се декларираат од страна на незадоволници од работата на јавниот сервис. Можам делумно да го разберам незадоволството од неговата објективност, ама никако не можам да ги оправдам тие изјави кои можат да ја загрозат внатрешната безбедност на државата преку најавеното крвопролевање. Исто така, не е исклучена и можноста за некаква надворешна дестабилизација на државата. Ова особено би било опасно доколку се потврдат шпекулациите за инволвираност на странски служби во целиот овој случај.

Интервју спроведено од Александра М. Митевска – Утрински Весник

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin