Прв експертски состанок на Конзорциумот на виртуелниот центар за климатски промени во Белград

02На 27 март 2015 година, во Белград, Република Србија, се одржа првиот експертски состанок на Конзорциумот на виртуелниот центар за климатски промени, на кој учествуваше и компетентна делегација од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија (УХМР) на чело со единствениот и постојан претставник од Република Македонија, директорот Оливер Ромевски кој воедно е и член на Извршниот одбор на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ. На состанокот присуствуваше и д-р Владо Спиридонов, државен советник и претседавач на претпладневниот дел од сесијата на Конзорциумот. Во конструктивна атмосфера беше усвоена агендата на состанокот по што следеа презентациите околу активностите во областа на нумеричката прогноза на времето, новите достигнувања и резултати, како и идните планови за развој во оваа област.

Вториот дел од програмата беше посветен на легалните аспекти за формирање на Конзорциумот, организациските прашања, начинот на пристапување, функционирање и дефинирање на платформата за работа, Програмата и идното име на Конзорциумот. Она што е од особена важност е дека за учество во него не се потребни финансиски средства како во останатите конзорциуми. Исто така, една од новините во рамките на Конзорциумот е проширувањето на опсегот на активности на виртуелниот центар со вклучување на развојот и примената на краткорочните прогнози на времето.

За подобрување на информација за времето, водите, климата и животната средина и зајакнување на довербата на крајните корисници неопходен е понатамошен развој и подобрување на нумеричката прогноза, преку дефинирана програма за развој, со градење на капацитетот во оваа област преку едукација, обука и примена на современите технологии во оваа област и развој на партнерство со научната и истражувачка заедница. Регионалниот пристап преку интегрирање на ресурсите во областа на прогнозата, со примена на најсовремени компјутерски модели претставува нов моментум во правец на градењето на капацитетот на хидрометеоролошките сервиси.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin