Информативен ден на Европската организација за експлоатација на сателити

01На покана на директорот на Европската организација за експлоатација на метеоролошки сателити (EUMETSAT) директорот на УХМР и член на Извршниот одбор на Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ, Оливер Ромевски, учествуваше на Информативниот ден на „ЕУМЕТСАТ“, кој се одржа од 18.03.2015 до 19.03.2015 г. во Тирана, Албанија. Состанокот на директорско ниво имаше цел запознавање со развојот и експлоатацијата на сателитската технологија, која е од исклучително значење во следењето на времето и климата на нашата планета. Во контекст на современиот развој и примена на нови технологии за дијагностицирање и прогнозирање на времето се користат и сателитски податоци, слики и продукти за времето и климата од „ЕУМЕТСАТ“ кои се добиваат од геостационарни (кружат со иста брзина како земјата) или поларни орбитални сателити (се користат за добивање на поблиска слика на атмосферата), како врвна технологија за мониторинг на атмосферата, климата и процесите и појавите кои се случуваат во атмосферата на нашата планета, како и рано откривање и предупредување на временски непогоди. Најновата генерација на сателити MSG-2 (втора генерација) обезбедува податоци за времето и климата на целата планета.

Европската организација за експлоатација на сателитски податоци и продукти е меѓувладина организација во која членуваат околу 30 земји од Европа. Како една од водечките светски организации, таа е во целост посветена кон развивање соработка, градење партнерства и одржување линк со земјите корисници на сателитските информации во регионот на Западен Балкан, како поддршка на стратегијата на Светската метеоролошка организација. Во таа насока „ЕУМЕТСАТ“ одржува информативни состаноци на ниво на директори на национални хидрометеоролошки служби со цел да се разменат информации за најновите достигнувања во областа на сателитската метеорологија, развојот на најнови методи и апликации за следење на атмосферските појави и процеси.

Овој настан следеше по Информативните денови на „ЕУМЕТСАТ“ кои беа организирани во 2009 година во Подгорица, Црна Гора, во 2011 година во Скопје, Македонија и во 2013 година во Сараево, БИХ. На последниот состанок во Тирана учествуваа директорите на хидрометеоролошките сервиси и постојани претставници на земјите од Југоисточна Европа (Албанија, БИХ, Република Српска, Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово согласно со Резолуција на ОН-144) членки на Светската метеоролошка организација (СМО).

Делегацијата која ја претставуваше Управата за хидрометеоролошки работи имаше навистина активна улога и многу успешен настап во рамките на сесиите од програмата на Информативните денови на „ЕУМЕТСАТ“. Покрај презентацијата за сегашниот статус на Управата, потребите и приоритетите во поглед на развојот и примената на современата сателитска технологија беа истакнати и резултатите и новите достигнувања на институцијата во изминатиот период. Конструктивните дискусии, иницијативите, предлозите и прашања кои беа поставувани дадоа една нова димензија на состанокот и во голема мера придонесоа за подобрување на севкупната оценка за квалитетот и ефективноста на состанокот. Во тој поглед не изостана и респективноста на директорот на „ЕУМЕТСАТ“  кој во знак на благодарност за нашиот нагласен ангажман, упати покана до Управата за посета на „ЕУМЕТСАТ“  во текот на 2015 година.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin