КАКВА Е ОВАА СИТУАЦИЈА?

САМО ЕДНО ПРАШАЊЕ ЈА МАЧИ ОВАА НАЦИЈА

Проф. д-р Зоран Т. Поповски – потпретседател на ГРОМ

Се надевам дека Игор Џамбазов – национале, кој патем ми е генерација (62/63), нема да ми забележи што го „злоупотребувам“ насловот на една од неговите култни нумери која нема многу текст, ама затоа праќа апокалиптична порака „ова е рација на една нација“.

Етерот е веќе презаситен од текстови pro и contra, од дебатни емисии „за и против“ некого и нешто, од прилози кои навредуваат едни, а глорифицираат други. Да не ме разберете погрешно. Многу сум за спртивставени мислења, ама некако „пучот“ и „прислушкувањето“ ни станаа секојдневие, дневна доза за „разонода“, чии последици допрва ќе ги чувствуваме. Како да подзаборавивме на суштината на оваа социопатска агонија во која живеат македонските граѓани во последните неколку месеци, а богами и години.

Ајде да се потсетиме. Некој се дрзнал да прислушува граѓани, и ни помалку ни повеќе, туку 20-тина илјади, што ќе рече дека секој стоти жител на Македонија бил влезен во барабанот. Дури почнаа и шеги на таа сметка дека ако не си во тие 1%, не те бива, не си познат и најстрашно од сé, е што така излегува дека не си ни важен. Ужас. И сеуште слушаме две вистини и шпекулации кој прислушкувал и зошто.

Кај кого е барабанот?

Дали тоа „режимот“ заради глувоста си вградил трајно апартче за прислушкување, па некој кој не требало брцнал во барабанот и сега организира лотарија со човечки судбини. И којзнае уште колку USB stick-ови,CD-a и други носачи на информации ќе станат достапни за лица кои допрва надвор од политичката борба ќе почнат да уценуваат, да рекетираат, да уништуваат фирми и семејства. Или можеби барабанот го нарачале „мрачни“ сили кои сакаат да си играат со иднината на, инаку се „поважната“ библиско-античка земја. Тие си најмиле свои „внатрешни инсталации“кои сега прават обид да се менуваат работите во државата на еден крајно невообичаен начин, кој еден ден може да стане и пракса. Да ви кажам искрено, живо ме интересира каде е вистината, ама многу повеќе сум загрижен што некој воопшто се дрзнал да си игра со човечки судбини, па кој и да е. Страшно.

Што има во барабанот?

Искрено, не сакав да ѕиркам многу во содржината на барабанот бидејќи е доста селектирана и некако еднострана. Нели медалот има две страни, ама овој изгледа има само  една. Нејсе. Љубопитноста не ме остави толку рамнодушен, па повремено слушав дел од овие инфантилно-брутални и помалку криминални муабети. Морам да признаам дека сум разочаран од вокабуларот на некои луѓе кои ја водат државата, а богами и од нивните приоритети. Ама, исто толку сум разочаран и од превртливоста и неконзистентноста на „пучистите“ кои со секое отворање уста, зборуваат сосема различно од она што го кажале претходно. Толку се намножија такви СИТУАЦИИ што нема ни потреба да се навраќаме и потсетуваме на нив.

Евакуација од оваа ситуација!

Дури и за излезот од оваа СИТУАЦИЈА слушаме различни варијанти од преодна влада, преку меѓународно посредништво, до „транспарентна“ судска постапка. Во сите варијанти нешто фали. Во првата треба да се оди против какви-такви изборни резултати. Во втората доаѓа до израз недозреаноста на нашата држава и отсуство на капацитет за решавање на работите без надворешно влијание. Во третата, пак, некако лицемерно се бара судска разрешница знаејќи ја „независноста“ на судските и истражните органи. Како стојат работите, решението ќе биде една компилација од овие три, навидум лоши, варијанти.

Превенција наместо лекување

А дали ќе беше вака ако при донесувањето на уставните амандмани се прифатеа предлозите кои можеби пресрамежливо ги понудив, а се однесуваа на воспоставување КОНТРОЛА на власта и демократски БАЛАНС во политиката (check and balance). Да ве потсетам, тогаш предложив позициите на државен обвинител, на главен државен ревизор и прв антикорупционер, покрај претседателот на ДИК, по default да припаднат на политичките партии кои не се дел од владеачкото мнозинство. Е тогаш, драги мои, нема да може никој да се вади на изговори од типот: јас не го признавам овој суд или овој истражен орган или оваа власт. Но, никогаш не е доцна и за такво нешто. Не е лошо во оваа СИТУАЦИЈА  да се потсетиме дека во земјава има и институција која се вика Претседател на Република Македонија, кој го слушаме само по хуманитарни приредби и маргинални меѓународни настани. Во оваа СИТУАЦИЈА тој требаше да биде медијатор во оваа валкана политичка пресметка, а не да чека претставниците на меѓународната заедница да бараат прием кај него за да слушнат што тој мисли. Ајде да замислиме претседател (шумар) со личен интегритет кој свесен за деликатноста на моментот ќе ги седне на маса „партизаните“ и „Германците“ и ќе им одржи една лекција по политички бон-тон. Колку да не се заборави за некои идни времиња.

Епилог

Ќе има епилог или агонијава ќе потрае? Којзнае?! Се плашам од епилог како тој во Орвеловата „Животинска фарма“. Таму, после сите случувања на фармата, животните од  ослободената фарма доаѓаат на прозорецот на куќата од соседната фарма во која луѓето и нивните водачи играат карти. Тие затскриени и поткачени на прсти не можат јасно да ги видат лицата на картаџиите, ама на ѕидот веќе не можеле да ги разликуваат сенките на едните и другите.


ПС:
Драги сограѓани, на крајот со вас сакам да ја споделам пораката на мојот син-бруцош која гласи:„Ако продолжи оваа ситуација наша следна дестинација ќе биде Заводот за рехабилитација“.  Како и да е, иднината на државата е во нивни раце. Тоа во последно време секојдневно го потврдуваат.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin