Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Не смееме да заборавиме што се случи во Аушвиц

aus_comm27.01.2015 година

Денес се одбележува 70-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта

ПОЛСКА (АП) – Пред една деценија 1.500 преживеани во Холокаустот отидоа во Аушвиц за да ја одбележат 60-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта.

Денес, кога се одбележува 70-годишнината, организаторите очекуваат околу 300, од кои најмладите имаат по 70-тина години.

“За десет години можеби ќе има само еден”, рече Зигмунт Шипер, 85-годишен преживеан кој ќе присуствува на настанот во јужна Полска каде ќе се оддаде почит на милионите жртви на Третиот рајх.

Во изминативе години Шипер патуваше низ Велика Британија за да ја сподели неговата приказна со групи во училиштата со надеж дека ќе допре до што е можно повеќе луѓе додека уште има сила да патува.

“Децата плачат и им кажувам да зборуваат со нивните родители, браќа и сестри и да ги прашаат ‘зошто го правиме тоа и зошто мразиме?'”, рече тој.
“Не смееме да заборавиме што се случи.”

Меѓутоа како што светот се движи сè поблиску кон ера без преживеани од Холокаустот, некои еврејски лидери стравуваат дека луѓето веќе почнуваат да забораваат.
Исто така предупредуваат дека антисемитската омраза и насилство што се во подем, особено во Европа, може да се поврзат со бледнеењето на сеќавањата за Холокаустот.
Роналд Лаудер, претседател на Светскиот еврејски конгрес рече дека неодамнешните масакри во Париз во кои мета беа Евреи и карикатуристи, се доказ дека сè повеќе растат омразата и екстремизмот.

Токму таа порака планираше да ја нагласи во денешниот говор на местото каде се наоѓал логорот Аушвиц-Биркенау каде нацистите убија повеќе од 1,1 милиони луѓе, повеќето Евреи.

“Набрзо по Втората светска војна, откако ја видовме реалноста на Аушвиц и другите логори на смртта, никој нормален човек не сакаше да биде поврзан со антисемитизмот на нацистите”, рече Лаудер.

“Меѓутоа како што Холокаустот станува подалечен и преживеаните исчезнуваат, екстремистите стануваат сè посмели во нивните напади врз Евреите. Поттикнати од лажната приказна во која Израел се товари дека ги поттикнува светските проблеми, антисемитизмот повторно се враќа и е смртоносен.”
Оддалечувањето од Холокаустот е единствениот фактор што стои зад сè пораспространетиот антисемитизам и експертите исто така за тоа ја обвинуваат леснотијата со која се шири пропагандата на омраза преку Интернет и сè поголемото присуство на радикалниот ислам во Европа.

fotoAP

Во Унгарија и Грција екстремно-десничарските движења станаа посилни откако почна економската криза.

“Сè побледите сеќавања се една причина за подемот на антисемитизмот, но антисемитизмот отсекогаш бил присутен”, рече Абрахам Фоксман, преживеан во Холокаустот и национален директор на Лигата против клевета со седиште во САД.
“Го скривме, направивме да биде неприфатлив, го направивме политички некоректен, но никогаш не го елиминиравме целосно. Поимањето на антисемитизмот, на Аушвиц, преовладуваше, го држеше под контрола. Не беше прифатливо да се биде антисемит.”

Покрај загрижувачкиот тренд, има и причини за надеж.

Мејнстрим општеството стана попретпазливо и просветителите за Холокаустот велат дека интересот за него и понатаму расте.

Исто така, антисемитизмот и понатаму е табу тема за повеќето политичари и мејнстрим општествата на Западот.

Политичкото противење на антисемитизмот ќе биде евидентно денес со присуството на претседателите на Германија, Франција и Полска, како и многу други европски лидери и претставници на кралски семејства.

Во Германија, каде информирањето за Холокаустот се нагласува со години, лидерите, медиумите и повеќето граѓани покажуваат ниско ниво на толеранција за антисемитизмот.
Најновиот пример се случи пред неколку дена кога се појави фотографија на Луц Бахман, лидер на движењето против имиграцијата, на која има мустаќи и коса зачешлана како фирерот Адолф Хитлер.

Исто така се појавија коментари во кои тој ги нарекува бегалците “говеда” и “валкани”.
Иако тој рече дека фотографијата била шега, на германските лидери и медиумите воопшто не им беше смешно.

Брзо и одлучно го осудија таквото однесување и Бахман веднаш даде оставка од улогата на лидер на групата ПЕГИДА во која е еден основачите.

Меѓутоа осудувањето на антисемитизмот не го спречи неговото развивање во заедниците во Германија каде живеат муслимански имигранти.
Од војната во Газа минатото лето имаше сè поголем број напади против Израелци, врз синагоги и еврејски институции.

Лани летото во Париз анти-израелските протести станаа насилни и анти-еврејскиот без беше видлив во Белгија и Италија.

“Сите се плашат, сите”, рече Леви Соломон, портпарол на Еврејскиот форум за демократија и протов антисемитизмот во Берлин што истражува злосторства поттикнати од антисемитизам и им помага на жртвите.

“Во Германија не е толку екстремно како во другите земји. Уште сме немале случаи на убиства, но сепак, луѓето се загрижени.”

Во изминативе години исто така имаше смртоносни напади врз Евреи.
Во престрелка минатиот мај загинаа тројца во Еврејскиот музеј во Брисел и во 2012 година беа убиени рабин и три деца во градот Тулуз во Франција.

Се поставува едно загадочно прашање: Дали е можно антисемитизмот дополнително да се засили во иднина кога учениците веќе нема да го имаат она искуство што го менува животот, односно да дознаат за Холокаустот директно од некој што бил одвоен од мајка си, кој издржал неопислив глад, студ и мачење, кој со свои очи ги видел оџаците низ кои излегувал чадот од запалени тела?
Експертите за Холокаустот се трудат да снимат што е можно повеќе сведоштва од преживеаните за идните генерации, но не може да се замени емотивниот впечаток од тоа да се слушне приказната директно од преживеан.

Ева Умлауф , преживеана од Аушвиц која живее во Минхен и држи предавања во училишта за Холокаустот, смета дека културата на сеќавање неизбежно ќе се смени бидејќи “ерата на преживеани наскоро ќе заврши”, само што не знае како.
Таа гледа дека младите во германија веќе имаат многу поголема емотивна оддалеченост од војната во споредба со постарите генерации.

“Поимањето на Холкаустот е апстрактно. Овие деца веќе се деца на оние родени многу години по војната и веќе реално нема директна поврзаност со прабабите и прадедовците кои живееле во тоа време во Германија”, вели Умлауф која била родена во 1942 година во концентрационен логор за Евреи во Словачка.
Во ноември, 1944 година, кога имала 23 месеци, била однесена во Аушвиц со нејзината бремена мајка.

Денес 72-годишна, таа е најмладата преживеана што ќе присуствува на денешната комеморација.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin