ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА Е СЕРИОЗЕН ПАЦИЕНТ, САМО ДАЛИ ТЕРАПИЈАВА Е СООДВЕТНА?

Проф. д-р Зоран Т. Поповски

Не треба да сме многу мудри за да се сложиме сите во државава дека високото образование е сериозен пациент на кој му треба помош. И наместо да се обединат силите, јавноста ги пребројува универзитетските наставници на оние кои се за државен испит и на оние кои се против. И на крај, некој тесно ќе победи, а пациентот можеби ќе отиде јабана.

Ајде да бидеме објективни и да одговориме на следните неколку прашања:

  1. Дали имаме универзитет кој е задоволително рангиран во меѓународни рамки, односно на регионално, континентално или светско ниво?
  2. Дали сите високообразовни установи во Македонија ги исполнуваат елементарните услови за да се занимаваат со академско образование?
  3. Дали нивото на знаења и вештини кои ги добиваат диплмоците во Македонија ги задоволуваат потребите на пазарот на трудот?
  4. Дали вложувањата во науката се доволни за да се очекува поголемо влијание врз развојот на државата и поголема издавачка актива на академскиот кадар?
  5. Дали платите на најголем дел од универзитетските наставници на државните универзитети се достоинствени и споредливи со тие во регионот?
  6. Дали универзитетските наставници и соработници имаат добра дидактичко-методска основа за да изведуваат квалитетна настава?
  7. Дали високото образование е поштедено од корупција и злоупотреби, односно дали во Македонија може само со труд и посветеност да се стекне високообразовна диплома?
  8. Дали студентското организирање е ослободено од дневна политика?
  9. Дали државата води организирана грижа за најдобрите дипломирани студенти?
  10. Дали квалитетот на високото образование во Македонија е на задоволително ниво?

Доколку одговорите на овие прашања се без исклучок НЕ, тогаш е лицемерно и несериозно да се очекува дека со една или две административни мерки работите ќе се поправат преку ноќ. Затоа ќе си дозволам телеграфски да поминам низ овие прашања и да се обидам да понудам „терапија“ за нашиот пациент која на долги стази би го извлекла од најлошото.

  1. Неколку години наназад македонските универзитети се евалуирани и анализирани, па врз основа на тие наоди се дел од глобални ранг листи. На нив најдобро котира, најастариот и најдобро рангираниот универзитет во Македонија кој за жал по правило секоја година се наоѓа далеку под 1000-то место, вториот далеку под 3000-то место и т.н. Таа состојба е прв индикатор дека не смееме да живеее во илузија дека системот на високо образование во Македонија е конкурентен и споредлив со тие во Европа и пошироко. Затоа е нопходно Одборот за акредитација и евалуација да се професионализира со експерти и професионалци од сите области и да воспостави постојан и ефикасен систем за евалуација и акредитација на системот на високото образование. Во спротивно, доколку продолжи само формалното постоење на ова тело и понатаму ќе се наоѓаме многу ниско на споменатите ранг листи на најдобро рангирани универзитети во светот.
  2. Во последните неколку години, Република Македонија стана светски лидер во опфатот на средношколците во системот на високо образование со преку 95%. Тоа овозможи отварање на бројни приватни и државни високообразовни установи кои ни кадровски, ни просторно, а ни технички не можеа да обезбедат квалитетни високообразовни услуги. Ваквото прекуноќ никнување на факултети и дисперзирани студии создаде нелојална конкуренција и во таа борба за број на студенти сериозно падна квалитетот на високото образование. Затоа ќе биде неопходно веднаш да се пристапи кон изменување на Правилникот за нормативи и стандарди за вршење на високообразовна дејност. Потоа, врз основа на новиот Правилник да се реформатира мрежата на високообразовни установи во Македонија преку издавање на дозволи за работа само на институциите кои ќе ги задоволат новите критериуми.
  3. Многу често во јавноста, особено од страна на работодавачите може да се чуе незадоволството од знаењата и вештините со кои дипломираните излегуваат на пазарот на трудот барајќи работа. Каде се причините за ваквото незадоволство? Прво, практичната настава е целосно запоставена заради необезбедување кадровски и технички услови за нејзина реализација. Имено, нема можности за проектно ангажирање на научен подмладок во реализација на оваа настава и долги години не се обезбедуваат наменски средства за потрошен материјал и обновување на нагледните средства особено во природните, биотехничките, техничките и медицинските науки. Второ, предметните и студиските програми не се креираат врз база на прецизни дескриптори преку кои ќе може да се предвидат излезните компетенции на идните дипломирани студенти. Исто така во беспоштедната борба за студенти има многу импровизации и преклопувања во студиските програми на одделни факултети. Затоа ќе биде неопходно час поскоро да се пристапи кон бесплатна реакредитација на сите студиски програми за трите циклуси со што ќе се обезбеди добра основа за организација на квалитетна настава што ќе продуцира дипломци што ќе можат веднаш да се стават на располагање при вработување без да има потреба од доедукација и без да бидат третирани како почетници. Зошто бесплатна реакредитација? Затоа што тој процес во моментов сериозно финансиски би ги оптеретил најголем дел од државните високообразовни установи кои ионака не можат да ги покријат елементарните трошоци за греење, струја и т.н.
  4. Факт е дека во Република Македонија критериумите за развојот на кариера на универзитетските наставници базирана на објавување на научни трудови се пониски од меѓународните и дека скоро по правило во Република Mакедонија секој универзитетски наставник се пензионира во највисоко звање – редовен професор. Ваквата состојба ја правеше оваа категорија интелектуалци релативно комотна и тоа требаше дефинитивно да се промени за да се подигне нивото на конкурентноста помеѓу нив. Се разбира тоа можеше да се обезбеди само преку повеќе вложувања во научната дејност. Но, од донесувањето на измените на законот за високото образование до денес државата не објави јавен конкурс за финансирање на истражувачки проекти преку кои би се зголемиле можностите за истражување и објавување на резултати. Вака испаѓа дека универзитетските наставници се „ем тепани, ем не им даваат да плачат“.Надежите дека нашите научници ќе можат да бидат конкурентни во меѓународни рамки на проекти финансирани од ЕУ, НАТО и други извори се нереални бидејќи таму може да конкурираат луѓе во кои прво треба да најде интерес сопствената држава. Во изминативе години се покажа дека сериозните вложувања во истражувачка инфраструктура без обезбедување средства за тековно одржување и потрошен материјал не го подигнаа нивото на конкурентност на нашите научни институции. Заради сево ова, државата треба драматично да ги зголеми вложувањата во научната дејност преку финансирање на истражувачки проекти кои би опфатиле поголем дел од научниот кадар. Дури потоа може да се пристапи кон понатамошно сериозно заострување на критериумите за избор и резибор на универзитетскиот кадар.
  5. Професијата универзитетски наставник во светот е почитувана и истата е валоризирана од страна на државата со примања кои би ја мотивирале оваа категроија на јавни службеници одговорно и посветено да си ги извршуваат своите работни обврски постојано усовршувајќи се. Но, ситуацијата на најголем број државни универзитети во Македонија не е таква. За илустрација, плата на редовен професор на државен универзитет изнесува околу 32.000 денари  и е на ранг на средно платен државен службеник, додека платите на наставниците со највисоки звања во регионот се скоро двојно поголеми, иако просечната плата во тие држави е слична со таа во Македонија. Впечатокот за оваа реална ситуација го менуваат платите на универзитетските наставници на неколку државни факултети кои се неколку пати повисоки од спомнатите и во пошироката јавност се создава перцепција дека универзитетските наставници имаат високи плати. За да се елиминира овој впечаток во јавноста државните универзитети кои сеуште не функционираат како интегрални треба да обезбедат правична дистрибуција на средствата со кои располагаат нивните членки со што ќе се оневозможи ваква диспропорција во платите на универзитетските наставници. Се разбира, покрај ова и државата треба да го подигне и нивото на плати во државното високо образование за да може од универзитетскиот кадар да бара поголема одговорност и ефективност во работата.
  6. Огромен процент од универзитетскиот кадар никогаш во текот на своето формално образование немал можност да посетува настава или да полага испити по предметите методика, дидактика, педагогија, психологија, докимологија и др. И покрај несомнените квалитети со кои го заслужиле ова престижно звање, тие заради недостаток од искуство, знаење и вештини по споменатите дисциплини не биле во можност да понудат квалитетна образовна услуга на студентите. Како и да е, тие се најмалку виновни за оваа ситуација и треба да се најде начин истата да се поправи. Затоа ќе биде неопходно да се формираат т.н. Дидактички центри на ниво на универзитети низ кои би се обучувале идните универзитетски наставници и соработници. После стекнување на неопходните знаења и вештини по завршувањето на соодветни курсеви и семинари тие би можеле многу подобро да ја организират наставата и да го унапредат системот на оценување кој во моментов е оптеретен со импровизации.
  7. Во последно време во јавноста се присутни бројни шпекулации за „купување“ потписи, испити, па дури и дипломи на универзитетите во Македонија. Исто така и во бројните истражувања поврзани со корупција и злоупотреби релативно високо на тие ранг листи се наоѓаат и универзитетски професори. Но, за жал тоа се само шпекулации кои немаат правна разрешница со санкции за оние кои се огрешиле од законот. Кон оваа ситуација придонесува и односот на студентите на кои некако полесно им е да влезат во овие матни игри, отколку да придонесат во нивно откривање и конечно казнување на виновниците. Ова создава впечаток дека е сеедно дали сериозно студираш или студирањето е само хоби, на карајот сите стекнуваат дипломи. Затоа ќе треба да се започне со јавна кампања во чиј фокус ќе биде беспоштедната борба против корупцијата и злоупотребите во високото образование. При тоа ќе треба да се охрабрат студентите да земат активно учество во оваа борба, при тоа да останат заштитени од неодговорни и бескурпулозни универзитетски наставници кои и досега „вешто“ ја узурпирале својата позиција. Впрочем, една таква кампања во Хрватска насловена како „Индекс“ зададе силен удар на корпуцијата во високото образование и со бројните апсења и судски пресуди во голема мера ги поправи состојбите.
  8. Соочувајќи се со состојба на бесперспективност и непочитување кон вложениот труд и покажаниот квалитет, најдобрите дипломирани студенти од Македонија по правило размислуваат за напуштање на земјата. Во таа смисла државата и универзитетите не превземаат никави активни мерки за да ги задржат овие млади луѓе кои би требале да бидат потенцијална моторна сила на просперитетот на државата. Затоа ќе биде неопходно да се отпочне со проектно ангажирање на овој перспективен научен подмладок во истражувачката и наставната дејност на универзитетите. Со тоа ќе се обезбеди нивно задржување во државата, ангажирање во истражувања, како и во подобрување на практичната настава во високото образование.
  9. Студентите отсекогаш биле доживувани како авангарда која треба да донесе развој и просперитет во една држава. Нивната младост, ентузијазам, бунтовност и објективноста биле гаранција дека сето она за што се залагаат е навистина потреба на пошироката јавност. За жал во изминатите децении студентите и особено нивните организации станаа продолжена рака на политиката и маша на универзитетите. Сето тоа создаде едно евидентно чувство на инфериорност кое се огледа во отсуство на иницијативи, дебати и акции за подобрување на состојбите во сферата на високото образование. Тие пак што пројавуваа некаква иницијативност, беа силно финансиски поддржани од некакви меѓународни организации што правеше впечаток на диригирана студентска непослушност. Во такви услови, студентите не го подигнуваа гласот против неквалитетот и корупцијата во високото образование, против лошите услови за учење и живеење во студентските домови, туку беа вклучени во изборни игри и поддршка на секакви интервенции во високото образование. Затоа под итно треба студентското организирање да се ослободи од стегите на дневната политика, да се овозможи негова плурализација и организирање по принцип на репрезентатвивност. Таквото студентско организирање навистина ќе може долгорочно да ги артикулира и реализира интересите на студентите.
  10. И конечно после сево ова се поставува клучното прашање дали квалитетот на високото образование во Македонија е добар и ако не е, дали со некакви палијативни решенија ќе може преку ноќ истиот да се подобри. Одговорот е едно големо НЕ. Досега не е откриен рецепт со кој преку државен интервенционизам во високото образование е постигнато негово унапредување. Затоа ќе биде неопходно на иста маса да седнат државата, универзитетите, студентите и бизнис заедницата и да разработат системски мерки кои ќе бидат усогласени со мерките во другите потсистеми на образование, а кои ќе обезбедат унапредување и одржлив развој на високото образование во Македонија. Овој текст е само мал обид во тој правец.
Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin