Меѓу слободата на говорот и човековите права

e-opstestvo.mk_11.12.2014 година

Меѓународна конференција „Е-општество.мк“

„Човековите права се неприкосновени за сите граѓани на нашата држава и од тој аспект јавната власт, во која спаѓаат сите државни органи и единиците на локалната самоуправа, се должни да ги почитуваат и унапредуваат.“ Со овие зборови заменик  министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов се обрати на денешната, десетта по ред, меѓународна конференција  „Е-општество“ во организација на фондацијата  „Метаморфозис“ но, и со сесрдна поддршка на Амбасадата на Франција во Македонија како и до Советот на Регионот Долна Нормандија,  во рамки на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија.

Во контекст на интернетот како широк простор на слобода на изразување, заменик министерот Пренџов нагласи дека токму тука треба да се потврдат правилата на добро локално владеење, под што се подразбира гаранција на  заштитата на основните човекови права.

Овој аспект е особено важен за локалната самоуправа, која е најблиску до граѓаните, а општините се местото на кое се случува првиот контакт помеѓу граѓаните и јавната власт.

На поширок глобален план, новите дигитални технологии, а особено интернетот, се покажаа како најефикасно средство за брз контакт помеѓу граѓаните и иституциите на власта.

Следејќи го чекорот со глобалните трендови на тој план, Владата на Република Македонија е долгорочно определна и посветена  да го подржува  развојот на е-сервиси на услуга на граѓаните, како на централно,  така и на локално ниво.

Не е случајно што еден од столбовите на Националната стратегија за развој на информатички општество на Република Македонија од 2005 година беше наречен “е-граѓани”, нагласи Пренџов, бидејќи е-услугите насочени кон граѓаните ќе донесат реално подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, како и зголемена партиципативност. Во согласност одредбите содржани во Европската Конвенција за заштита на човековите права, правилата за заштита на човековите права важат и во физичкиот и во дигиталниот свет. Граѓаните имаат неприкосновено право на приватност, на слобода на изразување и во таа смисла, било да се на улица, во институциите на власта или на интернетот, мораат да бидат заштитени од говорот на омраза и други видови на криминал.

На јубилејната десетта по ред меѓународна конференција е-Општество.мк на тема „Човекови права на интернет – Слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет“, кој се одржа денес во Скопје, амбасадорката на Франција во Македонија, Лоранс Оер, истакна дека денес повеќе од 1 милијарда луѓе се поврзани на интернет. Пристапот на интернет треба да се смета за основно човеково право, а ние сите треба да го заштитиме, бидејќи нашите лични податоци се скапоцени, а просторот на индивидуалната слобода треба да биде заштитен. Тука е засегнато граѓанското општество, образованието и јавниот сектор, нагласи Оер.

Во таа насока и министерот за информатичко општество Иво Ивановски ја истакна важноста кога сме поврзани на интернет  да внимаваме на нашите постапки.Тоа посебно се однесува при употребата на разни сервиси и апликации  кога без да ги читаат нивните права и обврски, и без да знаат што ќе се случи со нивните податоци. За таа цел потребна е обука на граѓаните за да ги знаат нивните права и обврски кога користат интернет, истакна Ивановски.

„Без слобода на изразување не можеме да имаме добро воспоставен систем. Слободата на изразување е основа за демократија, стабилност и развој“, истакна на денешната конференција Робин Лидл, министер советник при Делегација на Европска Унија.

Во останатите сесии, за слободата на изразување, говорот на омраза на интернет и приватноста, говореа експерти од земјата и странство, новинари истражувачи, претставници на организации за заштита на човековите права.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin