Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

АЛТЕРНАТИВЕН ТЕАТАР „СУЕТА И НИХИЛИЗАМ“

Проф. д-р Зоран Т. Поповски
– член на Советот на општина Карпош и
Потпретседател на ГРОМ

Алтернативната театарска сцена е збогатена со групата „Суета и нихилизам“ која се специјализираше за водвиљ претстави со многу репризи и лоша музика. Инаку, нихилистите ги негираат вредностите на сите социјални структури, власта и законот, нормите, вредностите и моралните принципи, а суета е  се’ што е без поголема цена, празно.

Дали во последните неколку години слушнавте некој конкретен предлог од патетичната група која во јавноста се претставува како опозиција за решавање на некој проблем во државата, којапак, да се разбереме, е далеку од рајско острово? Кон надвор навреди, плукања, јадосувања, а кон внатре дворски игри без граници, подметнувања, развивање на црни сценарија и… така секогаш. Некако се чини како да уживаат во оваа улога на самонаречени маченици кои, патемсе навикнаа на доста комотната позиција на „за ништо неодговорна опозиција“. Убаво друштво на опозиционерите им прават и ним наклонетите медиуми кои глумејќи независност, во своето рекламирање и фалење на своите пулени ги надминаа и веќе етаблираните рекламно-корумпирани поддржувачи на актуелната власт. И тие, како и нивните политички фаворити си извадија очи меѓу себе, а етерот го наполнија со конструкции на кои веќе „отапевме“.

За да не изгледа ова само како невкусна и неаргументирана конструкција, низ примерот на „предавничкиот“ Карпош како што милуваат да го нарекуваат, ќе ја анализираме претставата „Сакам власт, ама не знам што би правел со неа“. Таа започна со последните локални избори кога „отпорот“ пукна заради самобендисаноста на опозициското раководство кое занимавајќи се со себе, заборави дека интересите на граѓаните треба да се пред интересите на партиската врхушка. Суетата не им дозволи да си ја признаат грешката и во невидена валкана кампања против „отпадниците“ ги погребуваа,  облекуваа кучиња скитници со маици на своите политички противници, жестоко манипулираа со нивната приватност, навредуваа и се закануваа. Заврши и тој чин од оваа гротескна претстава, па следуваше вториот чин, чие сценарио се случуваше во Советот на „предавничкиот“ Карпош. И таму им беше подадена рака за соработка, ама суетата и нихилизмотги седнаа наопозициската страна од салата наСоветот. И еве веќе една и пол година си седат таму, а нивниот водвиљ веќе ја доживеа својата не знам која реприза. Некако почнувам да се надевам дека и ним ќе им здосадат овие репризи, па ќе го сменат репертоарот.

Како и да е,мисијата на омаловажување на своите политички конкуренти, особено на оние кои се потенцијална опасност за нивните симпатизери, поддржувачи и гласачи продолжи. Од почетокот на мандатот бркаат вештерки гракајќи „каде се парите, каде се парите“. Како да не сакаат да видат дека сите училишта во Карпош се реновирани и личат на европски, дека нема неасфалтирана улица во Карпош, дека во Карпош не се плаќа паркирањето, дека Карпош е убедливо најчистата општина во државата, дека децата во Карпош одат на бесплатни екскурзии и имаат бесплатни ужинки,дека граѓаните на Карпош добија неколку прекрасни плоштади, дека Карпош има културно лето за сите вкусови, дека… Нашиве суетни нихилисти би требало да знаат дека сето ова има цена, чини. Објаснувањата дека изворните приходи на општината се значително намалени, дека се останати долгови од овие силни инвестиции во подигањето на квалитетот на живот на граѓаните, но и дека Карпош и понатаму мора да се развива, воопшто не помагаат. Џабе. Пак стариот магнетофон на “on” и повторно истата касета и по којзнае кој пат истата претстава. „Каде се парите, каде се парите“, „секретарот заради долгови е само по судови“ и други рефрени.

Во исто време за година и пол нема ама баш ниту една сугестија или предлог од страна на театарската група како да се поправи нешто во Карпош, некоја иницијатива за организација на некаков настан, некаква мерка за унапредување на образованието, културата, екологијата, социјалната заштита, урбанизмот, економијата или здравствената заштита за граѓаните на Карпош. Но, затоа се многу „инвентивни“ во изразувањето на своите монструозни и нескриени желби за исчезнување на луѓето, жалејќи за ситуации кога некој преживеал или се спасил од смрт, јавно изразувајќи гадење од самата појава на некои луѓе. И што очекуваа после вакво нецивилизирано однесување? Благодарност? Нека простат. Да, точно, сега се надгласувани. Конечно сето тоа е во духот на демократијата и согласно соодносот на „советнички сили“.

Целата претстава во последните две недели кулминираше во медиумски и во политички смисол. Генералната проба беше по повод денот на Општината кога беше поканет популарен пеач уште од времето на поранешна Југославија кој за скромен хонорар се сложи да ја збогати оваа прослава. Не можев да се начудим на пакоста на еден „сериозен“ печатен медиум и од него клониран „сериозен“ портал кој (и) направиле кадри пред почетокот на концертот за да прикажат слаба посетеност на настанот, па тоа го филувале со неколку „нарачани“ анкетирани граѓани кои ѓомити се згрозиле од истиот. За оваа хајка „сериозниве“ медиуми потрошија на неколку пати по половина страна прикажувајќи го пеачот како дел од hard core турбо фолк естрадата и поигрувајќи се со наслови на песни и албуми кои воопшто не биле негови.

И сега од овааперспектива, која е цената на оваа пакост? Непотребно е навлечен гнев кај некои граѓани, гневни и избрукани и дома и надвор, ама суетата и нихилизмот убаво си се потхранија за неколку дена.

Премиерата на новиот водвиљ на „Суета и нихилизам“ се случи на последната седница на Советот на општина Карпош. И повторно истото сценарио. Каде се парите, колку е должна општината глумејќи грижа во името на Карпошани, заборавајќи на нивните минати времиња кога менаџираа со општината и кога нижеа долгови за невидливи цели и намени. По којзнае кој пат беа потсетени за тоа каде се парите, а врв на лицемерието беше прашањето  -„ Зошто се задолжува општина Карпош?“ Ова прашање го поставија луѓе кои заборавија дека еден нивен претходен градоначалник на Карпош милионски се задолжи за ништо и дека нивната партија веројатно единствена или ретка во светот, се задолжи за да си ги сервисира долговитеи опстанокот. Знаејќи дека сериозните медиуми не ги есапат, а сакајќи да бидат видени во јавноста и покрај лошиот квалитет на претставата, на седницата си донесоа свој „новинар“. Тука пак не можам да се начудам на наивноста да си поигруваат со оган како што е неовластено снимање и неовластено присуство на „новинар“ кој не знае штое акредитација. Зошто наивно? Па седниците на Советот се отворени за граѓани и на нив досега приствувале граѓани зависно од интересот. Ама да влезе некој што лажно се претстатвува како новинар и да снима седница со камера навистина не можам да разберам. Толку ли не можеа да најдат некој ним близок новинар да си дојде и да си снима како што е ред. Инаку, мора да се знае дека за секоја седница новинарите се поканувани за присуство со дневен ред. Така беше постапено и со овој „новинар“ пред да се утврди дека тоа е ветеринарен лекар кој сонувал некогаш да биде и новинар.

Обидот овој настан да се прикаже во јавноста како продолжение на инцидентот од 24 декември кога акредитирани новинари беа исфрлени од Собранието за малку ќе успееше, ако групата „Суета и нихилизам“ не беше на време осуетена. Јадниов „новинар“ беше наместен од членовите на Советот кои сакаа да направат штоф за нова прес конференција на која јавноста повторно ќе ја трујат со невистини и конструкции.

Ете тоа е Карпошовата вистина за алтернативниот театар „Суета и нихилизам“ кој го гледаат само неколкумина партиски активисти кои „безмилосно“ се борат за правата на своите најблиски загадувајќи го и сајбер просторот со формулата „сто пати повторена лага станува вистина“.. Веројатно претставата ја гледаат и граѓани на општина Карпош кои заслужуваат да го знаат подтекстот на оваа лоша претстава која предолго се наоѓа на репертоар.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin