Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ПРОФЕСИОНАЛЦИ ВО БЕЛИ МАНТИЛИ

Прим. Д-р. Добрила Андоновска

-претседател на Форум на жени ГРОМ-Карпош, член на Централен одбор на ГРОМ, советник на ГРОМ во Општина Карпош

Деновиве, како впрочем и многу години наназад, секогаш кога ќе се актуелизира некоја афера во здравството, во мене се јавува бура од силни чувства, чувства на срушено достоинство на професионалците во бели мантили.

Најверојатно, овие чувства не можат да ги разберат граѓаните кои практикуваат други професии, а тоа е сосем разбирливо, таквите чувства може да ги разберат само докторите. Велам докторите, а не лекарите, бидејќи со дипломирање на Медицински факултет се добива звање – доктор на медицина, а не како што некои милуваат да се изразат – лекар.

Докторската професија, вековно била и вековно ќе биде една од најпочитуваните професии, професија која има повеќе улоги – да се превенира болест, да се дијагностицира болест, да се лекува и да се рехабилитира болниот. Центарот на сето тоа е човековото здравје.

Зошто велам срушено достоинство на професионалците во бели мантили?

Сите, кои ја положиле Хипократовата заклетва, сите кои од љубов се определиле да подарат пет-шест години од својата младост на најопсежните студии, сите кои се определиле да специјализираат уште четири-пет години за да ја надградат својата медицинска наобразба, сите кои се посветиле на медицинската наука, работејќи трудољубиво на своите магистерски и докторски студии, сите кои за целиот свој работен век биле посветени на стекнување нови знаења и на пренесување на тоа знаење на новите генерации во несебичното креирање на нови кадри, сите тие знаат каква симболика има белиот мантил што го носат со сето достоинство на сопственото битие.

Уште подостоинствени ги прави нивната секојдневна практика, практика со која имаат ексклузивна можност да им помагаат на пациентите во совладувањето на сите нарушувања на нивното здравје, да го стават во нивна функција тоа што како „професионалци во бели мантили“ го поседуваат: знаење и искуство.

Најгорди ги прави нивниот успех кога ќе победи нивниот професионализам и кога ќе биде спасен човечки живот.

На кој начин „аферите“ го уриваат достоинството на професионалците во бели мантили?

Пред сè, со погрешната перцепција која се создава кај граѓаните дека докторите се корумпирани. Велам погрешна, бидејќи јас, како доктор кој на своите плеќи носи бреме од 29-годишна хируршка работа, одбивам да верувам дека докторите се корумпирани. Впрочем, не само што одбивам да верувам, јас сакам и  другите да ги убедам дека моето верување е она вистинското. Погрешната перцепција води кон непочитување на најхуманата професија, кон непочитување на немерливиот труд кој е неспоредлив со кој било вид на труд, бидејќи како и со што може да се спореди одржување во живот и спасување на човечки живот. Но, многупати тоа што е немерливо и неспоредливо се минимизира и се обезвреднува.

Да не бидам погрешно интерпретирана, јас цврсто стојам на ставот дека, ако постојат сомненија за нечија корумпираност, тоа треба да се санкционира соодветно со законските одредби за да се стави крај на шпекулациите дека „белите мантили“, всушност, се црни. За жал, корумпираноста постои во сите професии и таа нанесува огромна штета во сите сфери на општественото живеење, а ниту е повеќе зачестена во докторските кругови ниту треба, како што тоа се прави погрешно, да биде атрибут на белите мантили.

За што се залага Граѓанската опција на Македонија во областа на здравството?

Првенствено за сето она што ќе го постави пациентот и неговото здравје во центарот на вниманието, но истовремено ќе го врати и достоинството на професионалците во белите мантили, подеднакво и на сите професии кои се нераскинлива алка за успешно функционирање на здравствениот систем.

Прашањето од милион долари гласи: Како Граѓанската опција за Македонија ќе го врати достоинството на професионалците во бели мантили?

Првенствено, водејќи грижа за младите доктори веднаш по нивното дипломирање. Младите доктори, во тек на нивното стажирање, ќе бидат активно вклучени во севкупниот процесот на работа на јавните здравствени установи, ќе бидат менторирани од стручните кадри со богато искуство во одредена специјалност, ќе имаат можност да ги надградат своите знаења, но, најважно од сè, ќе имаат можност да ги разјаснат своите дилеми (ако не ги разјасниле за време на студиите) и ќе направат вистински избор на специјалноста во која ќе бидат најуспешни, а со самото тоа и најкорисни за пациентите.

Младите професионалци во бели мантили ќе го остварат своето право да бидат вработени, веднаш по добивањето лиценца за работа.  Несфатливо е како младите доктори, со највисока просечна оцена на студирање, може да бидат невработени четири-пет години, како им се одзема правото да го стават своето знаење во служба на пациентите.

Достоинството ќе се обезбеди и со достоинствени услови на работа, со почитување на хиерархијата која е од особена важност во оваа професија, со професионален однос на работодавецот, со обезбедување услови за континуирана едукација, со вреднување на знаењето и на искуството.

Достоинството на професионалците во бели мантили ќе се врати и со соодветни месечни примања, со достоинствена плата која ќе биде огледало на ликот на секој доктор и на значењето на докторската професија.

Достоинството на докторите ќе се врати со укинување на проектот за плаќање спрема сработеното, со кој квалитетот се замени со квантитет, а пациентите со бројки. Достоинството ќе се врати со награди, а не со казни, со истакнување на позитивното, а не со издвојување на негативното.Достоинството ќе се врати со практично, а не само декларативно овозможување на работа во дополнителна дејност, со што  најдобрите професионалци во бели мантили би можеле да остварат материјална награда за себе, но истовремено и за тимот кој работи со нив, секако придонесувајќи и за поголема финансиска добивка и за здравствената установа.

Достоинството на професионалците во бели мантили ќе се врати кога само најискусните, најспособните, најкреативните и  најпочитувани доктори ќе се најдат на челната позиција на реномираните здравствени установи. Со други зборови – менаџирањето нема да го диригираат аматери, туку врвни професионалци.

Достоинството ќе се врати кога во ординациите ќе се влегува со „Добар ден“, а не со пцости, а ќе се излегува со „Благодарам“, а не со трескање на вратата. Достоинството ќе се врати кога пријателите ќе ја платат здравствената услуга на шалтер, а не кога ќе донесат кесичка кафе со сомнително производство.

Достоинството ќе се врати кога традицијата во некои докторски семејства ќе биде почитувана, а нема да претставува бреме за  генерациите.

На крај, Граѓанската опција за Македонија ќе го врати достоинството на професионалците во бели мантили со воспоставување партнерски односи меѓу пациентите и докторите, со залагање за еднакво почитување на правата на пациентите, но и на правата на здравствените работници.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin