НИЕ НУДИМЕ НАДЕЖ, А НАДЕЖТА Е ГРОМ

Кликни за фотогалерија21.04.2014 година

Подобрување на условите во основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, подобрување на квалитетот на здравствените услуги, на патната инфраструктура, на одводната и на доводната инфрастуктура, искористување на хидропотенцијалите на Крива Паланка, како и потенцијалите на овој град за селски и планински туризам, вети Штерјо Николов, носителот на листата на кандидати за пратеници во изборната единица 3 на вечерашниот митинг на Граѓанска опција за Македонија во најсеверниот град во Републикава.

– ГРОМ ги согледува вашите потреби и ги имплементира во својата програма преку проекти за кои постои вистинска можност за реализација – им порача Николов на кривопаланчани.

Пред своите сограѓани, членовите и симпатизерите на ГРОМ од Крива Паланка, вечерва говореше и кандидатот за пратеник од овој град, Тони Јакимовски, кој ги праша кривопаланчани дали се сеќаваат на последната капитална инвестиција во нивниот град, алудирајќи на тивкото замирање на животот во градот со исселувањето на помладите генерации.

Со овации и со громогласен аплауз беше дочекано обраќањето на кандидатот на ГРОМ за претседател на државата, Зоран Поповски, кој им се заблагодари на граѓаните за поддршката во првиот круг претседателски избори, но ја толкуваше и актуелната кампања на големите политички опции во земјава.

– Ако се навратиме наназад, изминатите 20 години, сите избори се добиваа на основа на националистичка реторика и на основа на вадење на валканите алишта на конкурентите. ГРОМ во оваа кампања покажа и сè уште покажува дека гласови се добиваат со позитивен пристап. Сè уште ечи пораката на ГРОМ дека треба да живееме едни со други, а не едни покрај други, сè уште ечат пораките на ГРОМ дека главен проблем на државава се црната сиромаштија и белата чума, дека против нив треба заедно да се избориме. И за вадењето валкани алишта ГРОМ има одговор. Тоа се стабилните институции, департизираното судство и полиција и слободните медиуми – истакна Поповски.

Скандирање „Стевче, Стевче“ го повика лидерот на коалицијата ГРОМ на говорницата. Тој истакна дека иако во овој град неколкупати одржал политички говори, сепак првпат се чувствува како свој на своето.

– Тоа е затоа што знам дека ја зборуваме нашата вистина, дека сме собрани да ја рашириме нашата громовска идеја и визија – истакна Јакимовски.

Претседателот на Граѓанската опција за Македонија пред кривопаланечките симпатизери и членови ги презентираше главните стратегии кои се составен дел од програмата на ГРОМ за овие избори. Тој говореше за мерките што коалицијата ГРОМ ги предвидува во поглед на земјоделството, буџетската политика, децентрализацијата…

– Со рацоинализацијата најпрвин од малите места се повлекоа полициските служби, потоа матичната служба, па се затворија амбулантите. Така граѓаните од селата околу Крива Паланка беа принудени за своите секојдневни потреби да доаѓаат до градот. Ама сега началникот на полицијата е во Куманово, па кривопаланчани треба да одат дури таму. Од друга страна, бројот на административни работници е сè поголем. Е, ГРОМ предвидува обратен процес! Да ги доближиме институциите до граѓаните бидејќи тие се нивни сервис – подвлече Јакимовски.

Тој ја коментираше и актуелната состојба на политичката сцена во земјава и истакна дека колку и да се големи партиите кои ѝ се конкуренти на ГРОМ, толку поголеми се нивните грешки. Јакимовски посочи дека кампањата на големите партии, а особено на владејачката, ќе подразбира притисок за граѓаните и тоа преку сите средства кои ѝ се достапни: субвенции и стимулации, социјална помош, регистрација во Агенцијата за вработување…

– Затоа сме ние овде! За да ви дадеме надеж, а надежта е ГРОМ – рече на крајот Јакимовски, повикувајќи ги кривопаланчани на 27 април својот глас да го дадат за Граѓанска опција за Македонија и да заокружат 8.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin