ГРОМ ЌЕ ИМ КАЖЕ „НЕ“ НА СТРАВОТ И НА ЦРНИТЕ СЦЕНАРИЈА

Кликни за фотогалерија - Митинг на ГРОМ во ОхридМитинг на претседателскиот кандидат на ГРОМ во Охрид

Со громогласно „да“ одговорија многубројните охриѓани на прашањето на претседателскиот кандидат на Граѓанска опција за Македонија, Зоран Поповски, „дали на Македонија ѝ треба ГРОМ?“ Граѓаните на македонскиот Ерусалим на вечерашниот голем митинг, со овации, аплауз и со скандирање на имињата на кандидатот за претседател и на лидерот на ГРОМ, порачаа дека токму тоа, трета опција, ѝ треба на нашата земја.

– Собрани сме овде за да бидеме дел од големата граѓанска идеја и визија, за сплотени под покривот на Граѓанска опција за Македонија да создадеме иднина за нашата Македонија – порача од говорницата секретарот на Општинската организација на ГРОМ, Сашо Робески, кој го најави претседателскиот кандидат, Поповски.

Тој, пак, на охриѓани им порача дека и како биолог, но уште повеќе како претседател ќе се залага да се сочува богатството на Охрид и на Охридско Езеро.

Поповски, во својот промотивен говор, им ги претстави на граѓаните своите визии за извршувањето на функцијата претседател. Тој подвлече дека негова цел ќе биде постојано да биде со граѓаните, да биде нивни гласноговорник и нивни заштитник.

Кликни за фотогалерија - Митинг на ГРОМ во Охрид

– Ајде да се обединиме и заедно да им кажеме „не“ на стравот и на црните сценарија што се надвиснале над нашата земја – повика Поповски.

За квалитетите на кандидатот за претседател на државата од редовите на коалицијата ГРОМ говореше и лидерот на Сојузот на Титови леви сили, Слободан Угриновски.

– Македонија и досега имала претседатели кои ги нарекувале „татко на нацијата“, но народот знае, тој почувствувал дека тие биле очуви, а не татковци. Првпат со кандидатот на ГРОМ, нашата татковина ќе добие татко на нацијата во вистинска смисла на зборот – истакна Угриновски.

Во френетична атмосфера беше дочекано и обраќањето на лидерот на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој на почетокот на своето обраќање до присутните членови, симпатизери и граѓани на Охрид истакна дека целта на формирањето на оваа политичка опција е на народот конечно да му се понуди избор, нешто што на политичката сцена во Македонија недостига во последната деценија.

– Нашата цел не е нихилистичка, ние од ГРОМ не сакаме зад себе да оставиме празнина, но сакаме граѓаните да не мораат да избираат меѓу црното и белото, особено затоа што веќе се покажа дека СДСМ нема идеја како да ја победи владејачката партија.  И нека плукаат по нас, нека кршат ветробрани, нека ги чкртаат нашите штабови! Ние ќе останеме позитивни и на граѓаните ќе им нудиме проекти, визии, идеи – рече Јакимовски.

Лидерот на коалицијата ГРОМ, за крај, истакна дека Граѓанска опција за Македонија не сака нејзиниот претседателски кандидат, Зоран Поповски, доколку стане претседател, да биде продолжена рака на власта ниту, пак, „контраш“, туку претседател на сите граѓани на државата.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Share on Google+
Google+
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin