ГРОМ ги отвора вентилите на слободата во Македонија

Кликни за фотогалерија - Формирана ОО на ГРОМ – Ново СелоИдејата за граѓанската опција продолжува да се шири со нескротливо темпо. На денешното 45 јубилејно основачко собрание кое се одржа во село Борисово, Перо Митрев беше избран за претседател на Општинската организација на ГРОМ на Ново Село. Со поздравен говор, основачкото собрание го отвори членот на Извршниот одбор на ГРОМ, Никола Георгиев кој искрено им се заблагодари на своите сограѓани за нивната несебична поддршка.

Во рамките на оваа средба се обрати првиот човек на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој го изрази своето  задоволство кон храбрите луѓе, кои се подготвени да го дадат својот глас за вистинските визии и конкретните проекти кои ги нуди ГРОМ.

-Ми причинува особена чест фактот, што токму со вечерашното основачко собрание ја заокружуваме структурата на нашата партија овде во струмичкиот регион. Се надевам дека идеите и решенијата кои ги нуди нашата политичка опција, ќе станат блиски и до граѓаните на Ново Село. Пред сé, го основавме ГРОМ за да можат младите граѓани да се реализираат себеси во државата во која се родени, а не надвор од неа – напомена претседателот Јакимовски.

Во повеќе наврати, тој ги образложи приоритетите на партијата од центарот. Јакимовски говореше за развојот на стопанството, како и за потребата од пренасочување на поголемиот дел од буџетските средства кон приватниот сектор. Посебен акцент, лидерот на Гром стави врз суштинските реформи кои треба да ги претрпи нашето судство, образованието, државната економија и особено здравствениот систем.

Со истата логика говореше и кандидатот за претседател на Република Македонија од ГРОМ, Зоран Поповски, кој во преден план најави дека ќе се залага за враќање на  загубеното достоинство на граѓанинот.

-За да ја вратиме довербата кон институцииите, најпрво мораме да ги  отвориме вентилите на слободата. Според начелата на демократијата, жителите на Македонија треба да се почувствуваат слободни, како би ја изразиле својата  слободна волја – истакна претседателскиот кандидат на ГРОМ.

Поповски порача дека не треба да се занимаваме само со минатото, туку треба да се насочиме кон сегашноста. За таа цел, тој предложи дека од особена важност е отворањето на безбедносниот чадор на НАТО во Македонија.

-Доколку се стремиме да бидеме народ со европски вредности, треба да и покажеме на меѓународната јавност дека сме подготвени да понудиме нов концепт на заедничка комуникација со соседите. Само на тој начин, нашата држава може да тргне во вистинската насока кон реализирање на своите евроатлански аспирации – додаде Поповски.

Кликни за фотогалерија - Трибина во Струмица - 17.04.2014Истата вечер, само неколку часа подоцна, во Домот на културата ,,Антон Панов’’ во Струмица, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски и претседателскиот кандидат на Граѓанската опција за Македонија, Зоран Поповски, одржаа трибина пред повеќе од 400 подржувачи на новата партија од центарот. Присутните ги поздрави претседателот на ОО на ГРОМ од Струмица, Сашко Милковски после кого, граѓаните со стоечки овации го дочекаа лидерот Јакимовски на бината.

-Кога се оди на гости најважно е чувството кое се стекнува, дали сте добредојдени. Можам да ви кажам дека ние откако дојдовме во Струмица се чувствуваме одлично. Го стекнав овој впечаток, бидејќи нам ни приоѓаа не само симпатизерите на ГРОМ, туку со нас се ракуваа и ни даваа сугестии сите граѓани. Очигледно дека голем дел од струмичани бараат од Граѓанската опција да ги преземе работите во свои раце – резонираше Јакимовски.

По своето излагање, првиот човек на ГРОМ пред присутните го претстави кандидатот за претседател на Македонија од ГРОМ, Зоран Поповски, кој со своите концизни забелешки успеа да го привлече вниманието на струмичани.

-Јас во политиката гледам прагма. Затоа сакам на Македонија да и понудиме нов концепт. Во нашата држава недостасуваат елементарните стандарди на демократијата. Судството е контаминирано со дневна политика, медиумите се поларизирани и форсираат сопствени вистини. Знаете дека недостасува јавната дебата. Генерален консензус за националните прашања воопшто не постои. Ова се главните мотиви околу кои решив да го врзам мојот политички ангажман, со цел решавање на оваа комплексна проблематика – посочи Поповски.

Граѓаните на Струмица ја искористија оваа пригода, да упатат конкретни прашања од областа на земјоделието во кои спаѓа субвенционирањето и стимулирањето на оваа стопанска гранка. Јакимовски и Поповски одговараа на поставените прашања, нудејќи конструктивни решенија на тековните економско-политички проблеми.  На трибината се поставија прашања во врска со можните модели во економијата кои би ги подобриле условите за домашните инвеститори, а стана збор и за евроинтегративните процеси на Република Македонија и нивниот директен ефект врз подобрување на животниот стандард на граѓаните. Не изостана и дебатата за подобрување на статусот на ромското и турското население во Македонија. Во таа насока, ГРОМ го понуди својот концепт за еднаквост на граѓаните, кој веќе подолго време успешно го практикува во Општина Карпош.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin