Форумот на жени ГРОМ – Карпош го прослави 8 Март во театар

ФОЗ ГРОМ КарпошШаренило од женска убавина вчеравечер, 6 март 2014 година, можеше да се види пред Драмскиот театар во Скопје, во исчекување на предпремиерата на театарската претстава „Живот во тесни чевли“. Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, Форумот на жени ГРОМ-Карпош организираше хумана акција „Подари билет за театарска претстава на својата пријателка“, со која на едно место собра многу пријателки, мајки и баби, снаи и свекрви. Претставничките на понежниот пол на ГРОМ од Карпош, со цел да им овозможат на што повеќе жени да уживаат во една поинаква прослава на празникот, одлучија своите пријателки да ги поведат во театар. Хуманиот гест на дарување и помагање на свој близок внесе позитивна енергија и предизвика возбудени погледи и насмевки на лицата на жените.

Врвните актерски имиња маестрално ја одиграа предпремиерата „Живот во тесни чевли“, која за првпат е поставена на македонската театарска сцена. Претставата е реализација на еден од поновите текстови на Душан Ковачевиќ, во режија на Ненад Витан.

Оваа претстава го раскажа животот на една група стечајни работници кои во транзицијата ги имаат изгубено своите работни места, луѓе кои никогаш не се откажале од своите права, борејќи се само за она за кое работеле цел свој живот, но сепак на крајот останале на улица, заборавени од своите блиски, од околината, од светот. На крајот, сепак ја видоа светлата страна, надежта дека некаде постои правда, која кога-тогаш ќе излезе на виделина.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin