ГРОМ направи подвиг

ГРОМ направи подвиг„Кичево веќе докажа дека не се плаши ни од левите ни од десните! Ние, храбро, достоинствено ги собравме потребните потписи за да го поддржиме нашиот кандидат за претседател, проф. д-р Зоран Поповски. На денот на изборите таа храброст ќе ја преточиме во гордост“, му порача на кичевското членство претседателот на Општинската организација на ГРОМ – Кичево, Анто Трајановски, на средбата што вчеравечер, 4 март 2014 година, се одржа во овој град, а на која присуствуваа и лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, и претседателскиот кандидат, Зоран Поповски.

Пред членовите и симпатизерите на ГРОМ од Кичево говореше и претседателот на партијата, Јакимовски, кој, навраќајќи се на постапката за собирање 10.000 потписи, подвлече дека брзината со која ГРОМ ја спроведе процедурата, предизвика реакција и во двата големи табори на македонската политичка сцена.

– Зарем очекувавме СДСМ да нè пофали затоа што за помалку од 24 часа ги собравме потписите? Се разбира, дека ќе кажат дека ВМРО-ДПМНЕ ни ги собрала потписите. Во СДСМ ни во најдобрите времиња не се собирале потписи за претседателски кандидат за помалку од пет дена. Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ без никаква потреба, при повеќе од 30 пратеници во парламентот, собираше потписи за кандидатурата на Иванов. Што сакаа да покажат, дека можат подобро од ГРОМ? Па, очекувано е да можат, тие се на власт и имаат повеќе од 100.000 членови. Тоа што ГРОМ го направи е подвиг! Со 22.000 членови да се соберат 10.600 потписи за еден ден – тоа е подвиг – рече Јакимовски.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ, Зоран Поповски, на членовите и симпатизерите од Кичево им се обрати со длабок поклон за одважноста „јавно да кажат дека се ГРОМ“. Тој истакна дека целта на неговата кандидатура не е неговиот личен напредок во кариерата, туку завршувањето на демократските процеси во земјава.

– Мојата цел е на пиедесталот да го вратиме граѓанинот, да обезбедиме етничка и политичка стабилност на земјава, добрососедски односи што ќе нè одведат во Европската Унија и во НАТО, како и политички дијалог во кој нема да посредуваат други, отстрана – рече Поповски. Во поглед на Армијата, како една од ингеренциите на претседателот на државата, претседателскиот кандидат на ГРОМ истакна дека ќе се заложи за тоа професионалните војници чијшто ангажман во Армијата завршил, да бидат инкорпорирани во институциите на системот зашто на тој начин на овие луѓе ќе им биде решено егзистенцијалното прашање, а, од друга страна, и одбраната на државата и понатаму ќе може да смета на нив. Поповски подвлече и дека иако во некои сегменти од општественото живеење претседателот на државата нема ингеренции, како што е социјалната заштита, образованието или здравството, тој, сепак, ќе прави напори да биде „мегафон на граѓаните“ и ќе наоѓа можности да ја сензибилизира јавноста за прашања од тој вид.

– На јавноста во Македонија ѝ се сервираат само две вистини. Тоа е недозволиво! Претседателот на државата, со механизмите што му се на располагање, треба да се заложи да не постојат политички затвореници, а особено да не се затвораат новинари – потенцира на крајот Поповски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on Facebook
Facebook
Tweet about this on Twitter
Twitter
Share on LinkedIn
Linkedin